Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > Вардар ја “заверува“ есенската титула во Велес
Вардар ја “заверува“ есенската титула во Велес

Вардар ја “заверува“ есенската титула во Велес

Утре ќе се одигра последното 18 коло од есенскиот дел во првата Македонска фудбалска лига. Нашиот шампион на коло пред крајот ја обезбеди есенската титула, откако “побегна“ на пет бода предност пред најголемиот конкурент за првенствената титула, екипата на Шкендија од Тетово. По елиминацијата во националниот куп, каде Вардарци беа елиминирани од споменатиов противник, сите сили и мисли до крајот на сезоната ќе се насочат во одбрана на трофејот од лигата. Екипата од Кратово ќе биде последниот предизвик за црвено-црниот состав во овој дел од сезоната. На првиот дуел одигран на гостински терен, нашиот тим забележа победа.Утрешниот меч со Силекс ќе се игра на теренот во Велес, откако пред четири дена игравме на истиов стадион во ремито со Работнички. Инаку треба со голема претпазливост да се влезе во овој дуел. Силекс успеаа во претходното коло, на големо изненадување да ја победи Шкендија и со тоа да му направи голема услуга на црвено-црниот состав. Високо котираат и на табелата во ПМФЛ, каде се наоѓаат на високото трето место веднаш зад најголемите конкуренти за титулата. Седум победи, пет нерешени резултати и пет порази е ефектот за Силекс до одигрување на ова натпреварувачко коло.

Вардарци имаат одлична можност со триумф да го завршат првиот дел од сезоната во првенството, кој беше успешен. Избраниците на Седлоски изгубија само на еден натпревар и тоа оној во Струмица против незгодната екипа на Турново. Имаат уште 12 победи и 4 нерешени исходи и најдобра одбрана во лигата со само девет примени погодоци. Шефот на стручниот штаб може да смета на сите играчи, со исклучок на казнетиот Горан Попов кој ја одработува казната од црвениот картон во куп мечот и на Ромеро кој најверојатно го напушта клубот. Сите останати се ставаат на располагање за овој последен есенски меч, на кој очекуваме победа и зацврстување на лидерската позиција. Натпреварот ќе започне во 13 часот.