По подолго време во спортскиот центар Јане Сандански ќе имаме можност да проследиме дерби натпревар во рамките на сеха лигата. Утре со почеток од 17:45 часот во нашата арена гостува екипата на Загреб. Во наредниве пет дена Вардар ќе одигра дури три дуели во ова натпреварување.
Противниик кој е добро познат за нас и за кој може да се кажат само пофални зборови. Избраниците на Вујовиќ играат паралелно и во лигата на шампионите, каде се наоѓаат на петтото место на табелата во најсилната група Б. Голем проблем за Хрватскиот шампион до крајот на сезоната ќе биде неиграњето на најдобриот нивни играч, десниот бек Лука Степанчиќ кој се повреди на натпревар во ЛШ против Фленсбург одигран во Германија. Екипата од неодамна ја засили поранешниот играч на Вардар Велко Марковски, кој во тој период имаше можност да работи со Вујовиќ. Тука е и левото крило Добривоје Марковиќ кој претходно го носеше црвено-црниот дрес. Во отсуство на Степанчиќ замена е Шебетиќ. Силата на екипата ја сочинуваат голманот Филип Ивиќ, крилото Златко Хорват и бековската линија Павловиќ, Обрановиќ и Јосип Валчиќ. На табелата во сеха натпреварувањето се наоѓаат на второто место, со вкупно освоени 24 бодови и со само еден пораз покрај осумте победи.
На првиот дуел одигран во Хрватска, Загреб славеше победа против Вардар со резултат 30:25. Многу натпревари имаме одиграно со шампионот на Хрватска. Како потсетување во првата сезона на балканската лига, црвено-црните станаа првиот освојувач на ова натпреварување со победа во финалето токму против Загреб. Следната сезона Хрватите ни вратија со иста мерка, во С.Ц. Борис Трајковски кога не победија во финалето, на втората сезона во сеха-лигата. Утре нов меч помеѓу овие две екипи, секој ќе сака успешно да ја приврши изминатава година, со триумф во дербито. Гонзалес истакна дека доколку сакаме да играме на завршниот турнир во сеха, мора да ги добиеме сите домашни мечеви. Нема многу време за одмор после натпреварот против Колдинг во лигата на шампионите, мораме да собереме сили за завршните мечеви за оваа година.
Се надеваме дека арената Јане Сандански ќе биде прилично исполнета, за да ја дадеме потребната поддршка за нашите ракометари во овој натпревар. После овој дуел патуваме на мала турнеја, во недела гостуваме во Војводина, додека само два дена подоцна играме против Татран Прешов во Словачка.