Вечерва финишираше силниот меѓународен турнир “Гази Баба куп “2017“ кој беше во организација на Здружението „Спорт Јуниор“, под покровителство на Општина Гази Баба, во организација со Општински фудбалски сојуз Гази Баба, и поддржан од Фудбалската Федерација на Македонија, Агенцијата за Млади и Спорт и Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија. Учество земаа околу 96 екипи од неколку земји кои се натпреваруваа во четири различни генерации.
Кај најмладата генерација родени “2007“ година првото место го освои токму екипата на Вардар, која во големото финале беше подобра од Албион. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 2:0 и тоа со два погодоци во второто полувреме.
Заморот си го направи своето, каде беа одиграни три натпревари во текот на денешниот ден за екипата на Вардар (1), која собра сили да триумфира и во големото финале. Во првото полувреме не видовме некои посериозни прилики за гол, иако Вардар се обидуваше но тоа изгледаше безопасно за противничкиот гол. Дури најубавата шанса во првото полувреме ја имаше Албион, кој ја погоди пречката од нашиот гол, иако се чини дека малку интервенираше и голманот на Вардар, Лука Јаневски доволно да спречи топката да заврши во голот. Така во едно мирно полувреме, резултатот беше оној почетниот 0:0.
Сепак во второто полувреме видовме еден поинаков и посвеж Вардар, кој тргна со сите сили да го отвори резултатот. Офанзивата даде резултат кога еден наш играч беше фаулиран во противничкиот простор, по то судијата оправдано покажа на белата точка. Сигурен реализатор на ударот беше Александар Грашески кој го отвори резултатот за 1:0.
Избраниците на Томче Трајановски беа решени да постигнат уште еден гол и да стават “печат“ на победата, а тоа му успева на Стефан Младеновски кој со глава ја погодува противничката мрежа за предност од 2:0, што беше и конечен резултат на крајот.
На крајот покрај медалите и трофеите беа доделени и поединечни награди за најдобрите во оваа возрасна генерација. Повторно доминираа играчите на Вардар. Лука Јаневски е избран за најдобар голман, додека Стефан Младеновски е најдобар играч на турнирот.