Нашиот тим ја продолжи победничката серија во ПМФЛ. Трета победа по ред за црвено – црните овој пат против Металург со резултат 1:0. За Вардар на овој натпревар настапија: Пачовски, Попов, Хамбарџумјан,(жолт картон) Велковски, Мијушковиќ, Николов, Глигоров, Фелипе, (жолт картон) Дашјан, Блажевски, Ивановски.
Првиот гол за Вардар падна од пенал. Во 15′ фаулиран во шеснаесетникот на Металург беше Дејан Блажевски, што значеше и пенал за Вардар. Токму Дејан Блажевски ја зеде топката, и успешно стрелаше за 1:0. Ова беше 4 гол за Блажевски во ПМФЛ. Потоа Вардарци продолжија да напаѓаат, и создаваат шанси, но резултатот на полувреме гласеше 1:0 за нашиот тим.
Во вториот дел Вардар продолжи да напаѓа, имаше повеќе од играта за разлика од противникот, но изостана реализација од игра. Првата замена Седлоски ја направи во 58′ кога во игра го внесе П.Петковски на местото на Артак Дашјан. Во 68′ на местото на Ивановски Филип во игра влезе за прв пат оваа сезона Филип Петковски, кој донесе свежина во играта на Вардар заедно со младиот Петковски. Во 75′ Седлоски ја направи и последната замена кога во игра влезе Љамчевски, стрелецот на гол против Младост ЦД, на местото на Фелипе, кој доби и жолт картон на овој натпревар.
Фото: fkvardar.mk