Шефот на стручниот штаб Александар Васоски е задоволен како течат подготовките на неговата екипа. Како што изјави Васоски, тимот во овој момент има 30-тина играчи, а наскоро ќе биде познато и кои ќе патуваат во Словенија каде Вардар ќе одигра неколку контролни дуели како подготовка за новата сезона која започнува во август.
„Петти ден како се подготвуваме, и можам да истакнам задоволство од текот на подготовките. Засега се’ оди според планираното. Во екипата имаме многу млади играчи кои се желни за докажување, а тука се и поискусните да им дадат поддршка на помладите. Имаме играчи кои за прв пат ќе искусат подготовки со сениорската екипа. Идната сезона ќе имаме млада екипа, со неколку искусни поединци и се надевам дека тоа ќе ни донесе добри резултати“, изјави Васоски.
„На 17. јули треба да одиме во Словенија и таму да одиграме неколку пријателски натпревари. Во моментов имаме на располагање триесетина играчи, но во следните денови ќе одлучиме кои играчи ќе одат во Словенија на подготовки. Секако дека и во иднина будно ќе ја следиме ситуацијата во младите категории, и дека од таму ќе земаме уште играчи, за кои ќе сметаме дека имаат потенцијал и квалитет за во сениорскиот тим. Планираме пред замиувањето во Словенија да одиграме и една пријателска“, рече шефот на стручниот штаб.