Вардар Фанс како медиум веќе осма година активно ги следи и континуирано известува за младите категории во Вардар, тоа е единствениот медиум кој ги промовира и младите надежи во „семејството Вардар“. Уште кога започнавме да одиме по фудбалските терени и редовно да ги следиме натпреварите на младинските екипи во ФК Вардар, препознавме еден голем талент, кој сигурни бевме дека во иднина ќе биде лидер на генерацијата во која настапува, но и дека со тек на времето ќе биде прекомандуван скалило погоре, да напредува и да докажува дека за него не постои пречка, кога се во прашање добрите игри, залагањето за вардаровиот дрес, како и постигнувањето на голови.
Во прашање е Никола Величковски, играчот кој е роден 2005 година, а кој сезонава доби можност да игра за кадетите, каде во целост ја оправда довербата со оглед дека после финишот на есенскиот дел е убедливо најдобар стрелец во својот тим, но и трет најдобар во кадетската лига, што сигурно дека е за сите пофалби. Како шпиц играч го знаеме уште од натпреварите во детската лига, кога „немилосрдно“ ги тресеше противничките мрежи, а неговите голови му носеа на Вардар многу трофеи и успеси. Во иднина цели да биде дел од првиот тим, како и да продолжи да го носи дресот на Македонија. Прочитајте го интервјуто со Никола Величковски.
1. Никола, сезонава сте прекомандувани да настапувате за кадетите. Со оглед дека вашата екипа е составена од играчи кои се родени 2004 и 2005 година, имавте променливи игри во есенскиот дел. Колку сте задоволен од прикажаните игри на вардаровите кадети и остварените резултати, дали моменталната позиција на табелата е реална за оваа екипа или можевте и подобро ?
-Оваа сезона играм за кадетите, една година повозрасна генерација. Мислам дека моменталната позиција не е реална и сметам дека можевме подобро. Ни требаше време да се запознаеме и воиграме, како резултат на тоа последните натпревари ги победивме. Следи вториот дел од сезоната во која ќе влеземе со високи амбиции, односно победа на секој натпревар.
2. Во есенскиот дел вие сте најдобар стрелец за кадетите на Вардар, како и трет најдобар голгетер во лигата. Со оглед дека играте во повозрасна генерација дали верувавте дека ќе направите ваков подвиг и дали сте задоволен од вашиот придонес на теренот ?
-Фудбалот е мојот живот, сакам да давам голови и уживам во играта. Верувам во себе, но и во мојата екипа, а тоа е доволно да бидам најдобар. Иако играм за постара генерација не ми е тешко веќе петтта година да бидам најдобар стрелец.
3. Долго време сте во Вардар период во кој имавте можност да работите со различни тренери. Колку е тешка промената на тренер за вас како играч, и колку истите имаат удел на вашиот развиток како врвен играч ?
- Веќе осум години сум дел од Вардар и имав можност да работам со многу квалитетни тренери. Секој стратег придонел за мојот успех. Мојата задача и работа е да давам голови и да се борам за екипата како играч и капитен, додека секоја промена на тренерот носи нови предизвици и искуства.
4. Никола вие сте и младински репрезентативец на Македонија, какво е чуството да се носи националниот дрес ?
-Чест и задоволство ми е да играм за Македонија. Тренирам максимално и се трудам да напредувам се повеќе и да ја оправдам довербата од селекторот. Националниот дрес е голем предизвик и бара максимално залагање во текот на целата година.
5. Во Вардар имате освоено голем број на трофеи, но и поединечни награди, можете ли да ни кажете кој е вашиот најдраг трофеј и награда со црвено-црните ?
-Како што напоменав во Вардар сум веќе осум години и имам голем број на трофеи и лични признанија. Секој трофеј и поединечна награда имаат посебно место во моето срце. Ако морам да изберам, тоа е признанието за најдобар стрелец на ФФМ во 2017 година кога на завршниот турнир во детската лига го освоивме првото место. Најдраги трофеи ми се освојувањето на шампионските титули во нашата лига.
6. Со генерацијата 2005 минатата сезона бевте на добар пат да ја освоите шампионската титула, но пандемијата со корона вирусот не дозволи да финишира сезоната.Оваа сезона генерацијата 2005 имаше многу променливи резултати, можеби и очекувано со оглед дека недостасуваат неколку важни играчи кои се прекомандувани во погорните генерации. Едно ваше видување за моменталната слика на оваа генерација, со оглед дека вие сте играчот кои минативе години беше лидер на истата ?
-Корона вирусот не спречи да ја освоиме лигата минатата година. Бевме убедливо најдобри на врвот, имавме одлична хемија во тимот и уживавме на секој натпревар. Оваа година генерацијата 2005 имаат променливи резултати, очекувано бидејќи им недостасуваат многу играчи од старните 11 од минатата сезона. Се надевам дека ќе се вратат на старите патеки и дека ќе продолжат со освојување на трофеи.
7. Како врвен голгетер сигурно дека имате идол на кој се восхитувате и сакате да бидете како него во иднина, дали можете да ни го откриете и кои карактеристики ве воодушевуваат кај него ?
-Секако дека имам свој идол, а тоа е Роберт Левандовски кој игра за Баерн Минхен. Тој е извонреден голгетер со огромно чувство за постигнување голови, ме импресионира со неговите перформанси и фудбалски вештини.
8. Никола што значи за вас да се биде дел од Вардар ?
-Вардар е македонски бренд и најтрофеен клуб во нашата држава. За мене е огромна чест и задоволство да го претставувам Вардар и да го носам црвено-црниот дрес. Имам многу идоли кои играле во Вардар и секогаш се стремам да бидам како нив, како играч и личност.
9. Како ја користите зимската пауза пред стартот на подготовките за пролетниот дел од сезоната, како ја одржувате формата и кондициската подготовка ?
- Зимската пауза ја користев како активен одмор, но пред десетина дена добивме програма за работа и целосно ја исполнувам.
10. Какви се вашите планови за во иднина, на клупски и репрезентативен план ?
-Моите планови се да играм за првиот тим на Вардар и да продолжам со успеси, како во Вардар така и македонската репрезентација.