Генерацијата 2006 на ФК Вардар под водство на Милан Коцески денес на теренот на Академијата одигра нов контролен натпревар. Противник за нашите млади надежи беше фудбалската школа „Еден на Еден“ која доаѓа од Битола.
Вардарци одиграа добар натпревар и заслужено победија со резултат 5:1, на натпревар на кој шанса за игра добија сите играчи кои беа на списокот за денешниот пријателски натпревар. Уште по првото полувреме се стекнавме со висока предност од 4:1.
Нуман Ајетовиќ беше играчот кој го отвори резултатот за 1:0, додека Давор Лефковски зголеми на 2:0. Следеше и погодок за Стефан Коловски со кој поведовме со 3:0, додека во следните минути противникот постигна гол и намали на 3:1. До крајот на првото полувреме, црвено-црните преку Марко Николовски поведоа и со 4:1.
Во второто полувреме, Вардар имаше поголем посед на топка и создаваше акции за постигнување на гол. Еден заврши во мрежата на гостите од Битола, истиот беше дело на Стефан Коловски кој ги постави конечните 5:1 на овој пријателски натпревар.