Екипата на Њу Старс ќе биде противник за младинските екипи на ФК Вардар, во рамките на 6.коло. Пионерските екипи во недела ќе гостуваат во Ѓорче, додека кадетите и младинците во сабота се домаќини на овој противник.
Помладите пионери на Вардар ќе се обидат да стигнат до шесттата последователна победа сезона. Оваа генерација на Вардар има максимален број на освоени бодови, додека противникот е најслаб во оваа возрасна категорија, со оглед дека се наоѓа на 9.место со само 4 освоени бодови. Натпреварот во недела ќе стартува од 09:00 часот.
Тежок натпревар ги очекува вардаровите пионери против Њу Старс. За противник го имаме лидерот во пионерската лига. Њу Старс е лидер со 11 освоени бодови, додека Вардар има 9 бодови. Во минатото коло, Њу Старс на гостински терен го победи тимот на Работнички, кој исто така е конкурент за трофејот во оваа генерација. Вардар испадна од Купот, па до крајот на сезоната ќе се насочи на натпреварите од супер лигата. Дуелот е закажан да започне од 11:00 часот на Игралиштето на АМС, во Ѓорче Петров.
Кадетите и младинците имаат голема причина за победи на саботните дуели. Двете наши екипи ги загубија дуелите од 1/4 финалето на Купот токму од екипата на Њу Старс. Кадетите пред одигрување на ова коло се на првото место со освоени можни 15 бодови, додека противникот има 12 бодови.
Дерби ќе гледаме и во младинската лига, со оглед дека играат третопласираниот тим на Вардар и четвртиот на табелата, тимот на Њу Старс. Натпреварите на кадетите и младинците во сабота ќе започнат од 10:00 и 12:00 часот.