Виктор Димков има 16 години. Со фудбал почнува да се занимава уште од шестата година. Својата играчка кариера започнал да ја гради во екипата на Нова Колонија каде настапувал четири години, од каде преминува во редовите на Вардар. Виктор игра за кадетите на Фк Вардар и настапува на позицијата напаѓач, и е најдобар стрелец по првиот дел од сезоната со вкупно 9 гола.
1.Имавте одлична полусезона каде забележавте седум победи, четири нерешени дуели и ниеден пораз. Колку вие сте задоволни од прикажаните резултати, и дали можеше и подобро?
-Премногу сме задоволни. Ние сме единствената екипа која нема пораз и која има само четири примени голови. Во пролетниот дел од сезоната уште повеќе ќе се докажуваме и охрабруваме, па на крајот да дојдеме и до двојната круна.
2.Во есенскиот дел вашата генерација е најдобра од младинските категории на Вардар кои се натпреваруваат. На што се должи ова. Кои се карактеристиките и квалитетите кои ги поседувате во однос на останатите категории?
-Можеби затоа што го имаме најдобриот тренер и играчи, кратко прокоментира Виктор.
3.Колку значи за вас да се биде најдобар стрелец во својата екипа. Дали тоа е само дополнителен потик и стимул, да продолжите со исто темпо и од март?
-Тоа е одлично чуство. Секако дека е потик да давам уште повеќе од себе на секој натпревар, и да придонесувам за доброто на екипата. Во вториот дел од сезоната ќе влезам со поголема самодоверба.
4.Имате исти бодови со Металург, а два повеќе од Шкендија. Дали сметате дека меѓусебните дуели во пролетниот дел ќе го одлучат шампионот за оваа сезона?
-Немора да значи, но може да се случи и меѓусебните наши мечеви да го решат шампионот. Ние напорно ќе се подготвуваме и тренираме, за на почетокот да направиме некоја бодовна разлика и да дојдеме до титулата.
5.Од оваа сезона имате можност да работите со Љупчо Марковски. Колку тој ви го пренесува на вас младите неговото искуство?
-Знаеме сите кој е Марковски. Тој е човек со големо фудбалско искуство пред себе. Одличен тренер, и пред се добар пријател со нас. Од него научивме доста за фудбалот, и ќе продлжиме да учиме.
6.Имавте можност да тренирате со првиот тим на Вардар, пред нивното заминување во Анталија. Како ќе го опишете овој период?
-Пријатно бев изненаден кога тренерот Љупчо Марковски ме извести дека ќе имам можност да тренирам со првиот тим. Мојата работа и труд во изминативе години се исплатеше. Како резултат на тоа ми се пружи шанса да работам со првиот тим на Вардар. Тренирав 10 дена со првиот тим , каде бев многу добро прифатен од сите. Благодарен сум на нивното другарство во тој период.
7.Каде се гледате во иднина, дали сте размислувале на оваа тема.
-Како играч на Вардар, односно да заиграм во првата екипа. Потоа и како играч во странство. Значи Вардар е на прво место.
Звонко Ивановски