Кадетите на фудбалскиот клуб Вардар стигнаа и до вториот триумф на контролните натпревари, во пресрет на новата натпреварувачка сезона. Избраниците на Саше Божиноски денес на Локомотива славеа висока победа (7:0) против младинците на ФК Скопје.
Гледавме „нерамноправен“ натпревар на кој играше само една екипа. Вардар беше во целосен атак кон противничкиот гол, додека Скопје беше во подредена улога. Уште во првите минути од натпреварот, Алтин Алији успеа да го отвори резултатот кога погоди на асистенција од Сековски за водство од 1:0. Пред да го постигнеме вториот гол, во добра шанса после центар шут од корнер на Стефановиќ се најде Уневски, но неговиот удар со глава заврши над голот. Набргу успеавме да го зголемиме резултатот на 2:0 и тоа со одличен гол откосо од десната страна на Виктор Стефановиќ, навистина ремек дело на нашиот играч кој се запиша во листата на стрелци. На третиот гол не се чекаше многу време, откако Алтин Алији зголеми и на 3:0, истиов играч, како и Фидановски до крајот на првиот дел имаа шанси, но не претворија во погодок. На кратка пауза се замина со резултат 3:0.