Денес на теренот на Академијата, нов контролен натпревар одигра генерацијата 2006 на ФК Вардар. Нашите млади надежи кои се предводени од Милан Коцески убедливо ја победија екипата на Шкупи.
Црвено-црните имаа посериозен пристап на овој дуел, за разлика од претходниот против екипата на Форца кога бевме во негатива. Денес целиот тим одигра на ниво и сите играчи имаа свој придонес во добрата игра и убедливата победа. Конечниот резултат на крајот гласеше 4:1.
Со одличен гол од слободен удар, резултатот за 1:0 го отвори Нуман Ајетовиќ, па следеше нов брз гол во првите десет минути од дуелот кога Вардар со голот на Алтин Алији поведе и со 2:0. До крајот на првиот дел постигнавме нов гол во мрежата на чаирчани, повторно стрелец беше Алији за водство од 3:0. Игравме одлично на секој дел од теренот и не дозволивме ниту една сериозна закана кон нашиот гол во овој дел од натпреварот. На полувреме се замина со резултат 3:0.
Во вториот дел видовме повторно доминација на нашите момци, кои имаа контрола на играта. Постигнавме нов гол, од корнер топка нафрли Николовски, во шеснаесетникот на Шкупи највисок беше Нуман Ајетовиќ кој ни донесе предност од 4:0. Се играа последните десет минути од натпреварот, кога гостинот постигна гол за намалување на 4:1, резултат со кој заврши овој пријателски натпревар кај генерацијата 2006.
ФК Вардар: Данстак, Танчев, Ајетовиќ, Јанкоски, Порчу, Миовски, Величковски, Сековски, Нуредини, Николовски, Алији.
Играа уште и Краљевски, Цековски, Хасиќ, Љатифи, Коловски Крстевски, Атанасов и Грбовиќ.
Галеријата од натпреварот ќе биде достапна во наредните денови на нашиот веб сајт.