Помладите пионери на ФК Вардар забележаа победа на натпревар од 13.првенствено коло. Денес нашите млади надежи гостуваа кај екипата на Ренова, која ја совладаа убедливо со резултат 0:5. Ова беше вкупно 11-триумф сезонава за оваа генерација.
Тренерот Стефановски започна со следниве 11-сетмина: Филевски, Стојилевски, Серафимов, Кулуковски, Јовановски, Величковски (К), Цветков, Курти, Алији, Кузмановски, Таневски.
Вардар денес беше подобриот тим и заслужено стигна до победата, нови бодови за вардарци кои остануваат на првото место на табелата во лигата. Пред да го отвориме резултатот имавме две прилики, преку Величковски, првиот пат после нафрлена топка од Серафинов, во вториот обид после центар шут од корнер на Цветковски, и во двата обиди, Величковски биеше со глава крај голот. Во 20.минута го отворивме резултатот на 0:1 со одличниот гол на Арбин Курти, кој упати прецизен удар кој заврши во мрежата на домашниот тим, откако одлично беше проигран од Серафимов, но уште поубав гол за Курти кој го отвори резултатот и му донесе водство на Вардар.
Имавме доминација на овој натпревар и постојано создававме шанси кон голот на Ренова. Лесно можеше да се случи да поведеме и со два гола, кога Филип Јовановски биеше откосо од левата страна, голманот на домаќинот интервенираше доволно топката да ја погоди пречката и да не заврши во мрежата. Се обиде и домашниот тим, со два удари кон нашиот гол, посебно опасна беше втората акција кога одлично одбрани нашиот голман, Никола Филевски и не дозволи израмнување. До крајот на првиот дел имавме уште една голема прилика, но овој пат среќата не го посака Курти Арбин кој ја погоди стативата, после додавање од Алији. На полувреме резултатот беше 0:1.
Во вториот дел бевме исто така подобрата екипа, период во кој успеавме да постигнеме нови четири голови. Од 20-сетина метри се обиде Курти, но брани голманот, додека во следната нова акција зголемуваме на 0:2. Се играше 49 минута, кога капитенот Никола Величковски покажа умешност во противничкиот шеснаесетник, прифати една топка, која ја упати во долниот лев голмански агол, противничкиот чувар не можеше да реагира и беше принуден да ја вади топката од мрежата.
Продолживме да атакуваме кон голот на домаќинот, во 72 минута во листата на стрелци се запиша Алтин Алији, кој погоди на одлична асистенција од Величковски, кој му даде топка, а Алтин Алији сигурно реализира за водство од 0:3. Тренерот Стефановски направи неколку измени во нашиот состав, еден од играчите кои влезе беше Тино Спасиќ, кој успева во 82 и 86 минута да ја погоди противничката мрежа и да ги псотави конечните 0:5 на натпреварот од 13.коло во помладата пионерска супер лига.
Во игра на натпреварот влегоа уште и Илиевски, Спасиќ и Цикарски. Вардар моментално има 35 бодови на табелата, додека А.Пандев има 30, но и натпревар помалку кој утре треба да го одигра на гостувањето кај екипата на Брегалница.