Денес на спортскиот комплекс во населбата Хиподром, генерациите 2007 и 2008 на ФК Вардар ја стартуваа новата сезона во регионалната Скопска лига.
Први на теренот излегоа екипите на Вардар и Аеродром 2018, кај генерација 2007. Црвено-црните избраници на Влатко Колев беа супериорни, ја оправдаа фаворитската улога и славеа убедливо со резултат 9:0. Уште по првото полувреме ги решивме дилемите околу конечниот победник, со оглед дека се стекнавме со висока предност од 5:0. Фуад Керими беше расположен за игра постигнувајќи хет-трик во 25, 28 и 42 минута од мечот, додека два гола впиша и Петар Давитов во 3 и 38 минута од натпреварот.
Во вториот дел постигнавме уште четири голови во противничката мрежа. Во листата на стрелци во 50 минута се запиша Филип Смиљков кој зголеми на 6:0, додека со својот трет гол, Давитов во 53 минута го зголеми резултатот на 7:0. Со головите на Војо Стојановски и Ерион Садики во 68 и 69 минута ги поставивме конечните 9:0 на овој прв натпревар од регионалната Скопска лига за повозрасни петлиња.
Вардар: Јаневски, Ивановски, Смиљков, Поповски, Б.Садики, Керими, Давитов, Рајчин, Блажевски, Котевски и Јорданоски.
Во играа влегоа и Стојановски и Е.Садики.
Уште поубедлива победа славеше генерацијата 2008 на Вардар која победи со резултат 10:0 на натпреварот со екипата на Аеродром. Самиот резултат говори за квалитетот на двете екипи и за одразот на силите на теренот. Бетим Садики беше играчот кој го отвори резултатот во 10.минута од натпреварот, додека на 2:0 зголеми Илија Митаноски во 12 минута, за во листата на стрелци во 21.минута да се запише и Петар Блажевски за водство на Вардар од 3:0. До крајот на првиот дел постигнавме уште еден погодок, дело на Илија Митаноски за резултат 4:0 на полувреме.
Голеадата продолжи и во второто полувреме, во кое за две минути постигнавме два гола. Најпрво Петар Блажевски зголеми на 5:0, додека со својот хет-трик денес, Илија Митаноски го зголеми водството на 6:0. Хет-трик денес зад своето име запише и Блажевски кој во 60.минута стрелаше прецизно за водство од 7:0. Повратникот во Вардар, Матео Кесиќ исто така денес се запиша во листата на стрелци за зголемување на 8:0. Голови постигнаа уште и Христијан Јевтовски и Омер Идризи, со кои беа поставени конечните 10:0 на натпреварот.
Вардар: Јовчев, Стамчевски, Садики, Блажевски, Идризи, Митаноски, Ташковски, Бојовиќ, Буцевски, Кесиќ и Јевтовски.
Во игра влезе и голманот Денковски, во вториот дел од натпреварот.
Честитки до момците на Влатко Колев за победничкиот старт во регионалната Скопска лига.