Лоша вест ни пристигна вчера од Анталија. Во моменти кога ги одработувавме последните денови од подготовките во Анталија, на играчите им било кажано дека се слободни и дека може да си бараат нови клубови. Оваа вест им ја пренел, спортскиот директор на клубот, Гоце Седлоски, кој им истакнал дека сопственикот на клубот нема веќе средства да продолжи да финансира во најтрофејниот клуб во Македонија. Секој играч слободно може во наредниов период да си најде нов клуб, барем така им било соопштено.
Сите играчи на Вардар се запрепастени од ситуацијава, па се чека утрешниот ден кога можеби ќе биде одредена „судбината“ на Вардар. Сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко ќе одржи состанок со претставници од градот Скопје, на кој ќе се дискутира за можното превземање на клубот Вардар од страна на град Скопје. Доколку се дојде до некакво решение, екипата до крајот ќе ги одработи подготовките, доколку нема конкретен одговор, вардаровата експедиција во сабота ќе се врати во Скопје.
Вардар и покрај проблемите имаше успешна полусезона во ПМФЛ, каде успеа да стане есенски шампион со осум бодови предност пред екипата на Шкендија. Овие вести доаѓаат во лоши моменти, доколку се случи заминување на играчите, тешко ќе биде во пролетниот дел да ја одбраниме предноста пред главниот конкурент за шампионската титула. Како што напоменавме, се очекува утрешниот ден, кога можеби ќе имаме поточни информации за “судбината“ на Вардар.