Денес на терените на ФФМ, второто пролетно коло во детската лига го одигра генерацијата 2009 на Игор Кралевски. Нашите млади надежи одиграа два натпревари, на кои остварија еден нерешен резултат и пораз.
Најпрво на теренот излезе екипата на Вардар (2) која беше поразена во дуелот со екипата на Карев. Конечниот резултат на овој меч гласеше 2:6. Четири од шестте погодоци на противникот беа од слободен удар. Екипата на Карев го отвори резултатот на 0:1, со гол од прекин, но Вардар врати со погодок на Огнен Сивевски, кој погоди од белата точка за израмнување на 1:1. Противникот повторно ја врати предноста, кога погодија повторно од слободен удар за 1:2, додека имаа прилика и за зголемување на водството, но нашиот голман Андреј Јанкуловски успеа да одбрани удар од белата точка на противничкиот играч.
Првиот директен удар во второто полувреме го имаше екипата на Вардар, се обиде Јосифовиќ, но одбрани голманот. Победникот беше познат кога тимот на Карев успева да постигне нови четири голови, со кои зголеми на 1:6. Во овој период, срвено-црните имаа обиди преку Сивевски и Илиќ, но голманот на Карев ги бранеше ударите. Во последните минути од мечот со вториот гол на Сивевски, ги поставивме конечните 2:6 на овој меч од детската лига.
Дербито кај оваа генерација беше меѓу екипите на Вардар (1) и Форца (1). Гледавме навистина квалитетен натпревар со голема желба за победа и кај двете екипи. Сепак на крајот, нерешениот резултат беше можеби најреален исход на овој меч. Во првото полувреме и двете екипи имаа свои шанси, но мрежата остана незатресена. Ние имавме обиди преку Ристиќ, чиј удар го одбрани голманот и преку Јовановски, кој шутираше крај голот. Во првиот дел на нашиот гол се истакна Јанкуловски со неколку одбрани, додека противникот имаше голема прилика преку Ковачевски кој од неколку метри биеше над голот.
Со силно темпо започна и второто полувреме, а во првите минути видовме удари на двете страни, но голманите останаа на висина на задачата. Голема прилика да го отвориме резултатот имавме преку Матеј Чедевски, но еден од играчите на Форца изби во последен момент од гол линијата. Се обиде и Марковиќ Далибор од слободен удар, одбрани голманот, на одбиената не успеа да погоди Седлоски. Се закани и Форца, но голманот Јанкуловски не дозволи негатива. После играње со рака на еден од нашите играчи, беше досуден пенал за противникот, истиот успешно го реализира Димитар Балиски за водство од 0:1. Вардар се обидуваше да израмни, и го напаѓаше голот на Форца. Во прилики се најдоа Јовановски и Марковиќ, но немаше промена на резултатот, а голема шанса имавме преку Петар Васовски, која ја погоди пречката. Се играа последните две минути од мечот, кога успеавме да погодиме преку Благојче Седлоски, кој ги постави конечните 1:1 на овој дерби дуел од детската лига.