Муарем Зекир – На 26 август 1973 година во Скопје е роден Муарем Зекир, еден од најдобрите чувари на вардаровата мрежа во годините по осамостојувањето на Република Македонија.Како голман на Вардар, Зекир во својата професионална кариера има освоено пет шампионски титули во државното првенство (1992/1993, 1993/1994, 1994/1995, 2001/2002 и 2002/2003), како и три трофеи во националниот куп (1992/1993, 1994/1995 и 1998/1999).
Некогашниот миленик помеѓу стативите на „црвено-црните“ симпатизери, исто така го чуваше вардаровиот гол на пет натпревари од незаборавната евро-одисеја во сезоната 2002/2003 кога најтрофениот македонски фудбалски клуб беше на чекор до пласман во групната фаза од Лигата на европските Шампиони. Популарниот Зеко покрај другите настапи беше на голот на легендарниот двомеч со ЦСКА-Москава. Тој 13 години беше дел од нашиот љубимец и настапи на близу 300 првенствени, куп, пријателски и европски мечеви. Покрај тоа, додека беше дел од Вардар добиваше покани и за А-селекцијата на Македонија каде забележа 14 настапи на квалификациски и пријателски.