Илинден или ден на Св. Илија — голем македонски национален и православен празник, кој се одбележува на 2 август. Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ поради тоа што на 2 август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. Денес, илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолкорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија.
Илинденското востание е востание против Отоманската империја организирано од страна на ТМОРО и претставува еден од најголемите и најзначајните настани од македонската историја. По подготовките за востание против Отоманската империја, на 2 август 1903 година на православниот верски празник Св. Илија – Илинден започнало Востанието. Ова востание е познато како Илинденско, според денот на започнување. На почетокот на јануари 1903 година, Централниот комитет на ВМРО донел решение да се крене востание летото истата година.