Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > Комити > Комити: Не сме дрво без корен..
Комити: Не сме дрво без корен..

Комити: Не сме дрво без корен..

Превземено од официјалната страница на Комити Запад.

fb_img_1610817533258

Нашето дрво има корен. Испреплетен и комплициран, води до суштината на нашето постоење. Насадено е од исконскиот идеал на Македонскиот народ за Слобода и самоопределување, пркос и непокор, и доколку го следиме длабоко во суштината, ќе откриеме дека коренот е подеднакво разгранет колку и самата крошна.
Коренот на Вардар е првиот фудбалски клуб регистриран уште пред почетокот на првата Балканска војна во 1911/12 под името СК Вардар и Вардар Топаана.
Коренот на Вардар е Скопска Победа, формирана во 1921г. (Јордан, Драган, Гале, Велф, Крсте, Микле, Киприновски, Менсур, Христовски, Голчо и секако Ѓорѓи Цинциевски и Васил Дилев.
Коренот на Вардар е ССК, ЖСК, Југ, СК “Граѓански”…
Коренот на Вардар е Македонија и легендарните Дилев, Бодан, Жико, Гагуш, Галичанецот, Гајда, Жена, Јанев, Луков, Тозо и се разбира Кирил Симоновски – Џина и Неговото Височество ИЛЕШ ШПИЦ.
Со името на Илеш Шпиц Вардар е поставен на вистинската страна на историјата, кога во време на војна преку фудбалските битки и победи, го подигнува моралот кај народот и претставува симбол на отпорот и хероизмот, надеж дека сме слободни се додека не ја прифаќаме окупацијата, но и уште повеќе дека можеме да ги победуваме оние кои себеси се претставуваат како надмоќна раса и нација, кога кај нив е моќта и механизмите на принуда.
Коренот на Вардар е Градскиот стадион кој бил исполнет со гледачи кои во Македонија и Победа а потоа и во Вардар, го препознаа Македонскиот победнички такт и развојот на генот, кој и по толку многу обиди не успеваат да го модифицираат како што замислиле, туку истиот ја разобличува империјата во обид, и ги крши забите и пред целиот свет ја манифестира немоќта на империјата.
Коренот на Вардар е Купот во 1961-ва, кога Белградскиот стадион на Армијата го победуваме Вартекс и кога Славко Дацевски го подигнува нашиот прв трофеј. На стадионот на Армијата ечи Македонска песна и со истата песна качени во возот и на 450 км јужно се пречекани на Старата Железничка станица од толпа луѓе – Вардарци, Скопјани, Македонци, со зурли и тапани качени на рамења, парадираат победнички низ нашиот главен град.
Две години потоа Скопје е срамнето со земја од катастрофалниот земјотрес. Коренот на Вардар е хуманоста и емоцијата, додавањето на црната наместо белата боја на своите дресови, симболизирајќи ја тагата и сочуството со своите сограѓани, членови и навивачи кои ги загубија своите животи.
Коренот на Вардар е 1987-ма година кога со чесна борба на теренот во време кога другите комбинираат, ја освојуваме својата прва Шампионска титула.
Коренот на Вардар е првото знаме Комити закачено на Западната трибина истата година, и кое од тогаш е неразделен дел и врежано во ДНК-та на нашето свето име, и од тогаш Вардар станува институција.
Коренот на Вардар се 12-те Шампионски титули кои засекогаш ќе ги красат витрините на нашиот музеј.
Коренот на Вардар се Европските настапи кои секогаш ќе се памтат без оглед на тоа дали резултатот бил позитивен или негативен. Ќе се памти сплотеноста и радоста која извира во толпата затоа што чувствуваме дека сме дел од нешто што е големо и нешто што има историска вредност и традиција.
Коренот на Вардар се и поразите, кои предизвикаа многу солзи кои се налепени како малтер во темелите на титанот, кои како и победите и радостите уште повеќе не поврзаа со овој клуб на еден чуден начин, од кои станавме симбол на градот и гордост на татковината.
Коренот на Вардар сме сите ние кои го сакаме клубот, и кои ќе бидеме тука во сите турбулентни времиња за да ја раскажуваме легендата за џинот на Скопје и гордоста на Македонија и таа да се втисне во сржта и на генерациите кои доаѓаат.
ВАРДАР ЌЕ ЖИВЕЕ !!!
#СпасЗаВардар #Историја #ВардарВоСрцето #МакедонијаВоДушата