Подгрупата на Комити, Екипа ПИВО-ФКВ на својата официјалната страна излегоа со соопштение, во кое се бара да се дозволи влез на навивачи на градскиот стадион, што се однесува на домашните натпревари за ФК Вардар во новата натпреварувачка сезона. Со оглед дека стадион располага со голем капацитет, не би претставувало проблем да бидат присутни барем 1.000 гледачи. Во соопштението се вели:
За околу 10 дена започнува новата сезона. Вардар некако успеа од нигде-никаде да склопи тим и да најде средства за да обезбеди учество во ПМФЛ, но за таа тема во некоја друга прилика.
Бидејќи пандемијава од коронавирусот сѐ уште трае, а тешко дека и во наредниов период ситуацијата ќе се промени на подобро, сепак би сакале да поднесеме иницијатива до раководството на Вардар да дозволи враќање на публиката на Градскиот стадион во претстојната 2020/2021 сезона.
Градскиот стадион има капацитет повеќе од 35,000 седишта, а Вардар на еден просечен натпревар го следат околу 500-1,000 луѓе, што ќе дојде околу 2-3% од целиот стадион. Тоа е многу повеќе од доволно да се запазат сите протоколи и превентивни мерки за спречување и ширење на вирусот. Ако може во јавен превоз да се возат патници, кадешто автобусите се некогаш и преполни, или, пак, рестораните, кафулињата и некои дискотеки да се полнат со гости, настапи со публика на отворен простор итн… Покрај наведените примери, не гледаме причина зошто би забраниле и присуство на Градски стадион, кој и така е преголем за Вардаровата публика.
Бараме од раководните лица во ФК Вардар да го разгледаат предлогот, да се вклучат во иницијативата и да излезат во пресрет на сите искрени љубители на Вардар со отварање на вратите на стадионот, кои и така се малку на број. Вардар мора секогаш да стои позади своите верни навивачи и мора да се има меѓусебна поддршка. Навивачите за клубот – клубот за навивачите. Ако ништо друго, колку-толку клубот со продажбата на билетите, ќе има некој ситен профит.
Новата сезона, Вардар ја стартува на 8.август со домашен дуел против екипата на Борец. Од пред три дена, црвено-црните започнаа со подготовки, тимот ќе биде значително променет, што се однесува до составот, сепак се надеваме дека и натаму ќе биде конкурентен за врвот.