Навивачката група Комити се јави со ново соопштение кое ви го пренесуваме во целост:
Историјата досега покажала дека секој наш директен ангажман или став во врска со раководењето на клубот, од Вардаровата јавност бил протолкуван како непотребен и штетен, бевме осудувани дека како навивачи треба да оставиме професионалци да си ја вршат работата. Имавме случаи кога нашето дирекно инволвирање искрено и од срце беше искористено како алиби за импулсивно донесување на предходно планирана одлука на инвеститори за напуштање на клубот, ете ние бевме тој “повод” и таа алка која во клубот се јави како одвишок и кочница која му штетеше на прогресот на клубот. Пред некоја година нашиот повик за одбрана на Јужната трибина и недоделувањето на навивачите на Фенербахче поради емотивни и историски причини беше искористено како повод за напуштање на клубот на актуелниот сопственик…Но еволуираме и таквите нешта се де-жа-ву и веќе видени ситуации кои повеќе не проаѓаат ни кај малите деца. Неблагодарно е чувството кога и покрај горчливото минато кое го имаме при нашето инволовирање, истата таа јавност сега да бара од нас да се инволвираме небаре тоа е наша обврска. Нашата намера и желби клубот да оди напред се секогаш чесни и искрени, но искуството не научи да не реагираме импулсивно затоа што штетиме на имиџот на клубот кој го сакаме, кој го сакавме и кога немаше спонзор, и кој ќе го сакаме и ќе бидеме покрај него и понатаму без оглед на тоа што ќе се случува.
Нашата врска со името Вардар е нераскинлива и вечна, ништо нема да не натера да се откажеме од клубот ниту нешто ќе не сврти против него. Не можеме да молчиме и немо да следиме како нешто што исконски сакаме тоне пред нашите очи, се распаѓа, а притоа оние кои се први повикани да дадат одговори и објаснување, истите тие професионалци едноставно ја игнорираат ситуацијата ко да не постои и ко ништо да не се случува. Повикуваме на официјално појавување на раководството на клубот и објаснување што се случува и пред да биде касно да се реагира да се дејствува, затоа што ниту Final 4 не ни значи ништо кога нашиот матичен клуб и нашата прва љубов се наоѓа во ваква ситуација. Играчите, стручниот штаб и оперативците дирекно инволвирани во секојдневното функционирање на клубот, ја имате нашата целосна поддршка, и со вас сме до крај – Не ве оставаме! Воедно повикуваме ѕвездите на клубот кои одамна зајдоа со односот кој го покажаа кон нас и својот матичен клуб конечно да си заминат и на нивно место да дојдат луѓе кои ќе бидат посветени на црвено-црната боја. Деновиве бевме мета на синхронизирани напади од внатреклубски струи кои имаат свои цели во ситуацијава па да одговориме. Навивачката група Комити не земала ниту денар од управата на клубот ниту за Келн ниту за Сегедин како и за ниту едно наше гостување или било каква намена дома. Сите гостувања, кореографии, материјали и сите трошоци се платени од самофинансирање од членството и се е ентузијазам и чиста љубов. Ги повикуваме од Вардар (ФК и РК) јавно да потврдат или демантираат дали е или не е така! Оние кои не прозваа ќе сносат одговорност за обидот за оцрнување на нашето име доколку јавно не се извинат за искажаните невистини, затоа што нашето име е чисто и нема да дозволиме да биде извалкано од никого. Или во спротивно јавно нека изнесат се со име и презиме!
Воедно ги повикуваме сите искрени навивачи на клубот да ни се придружат и во Недела во Струмица заедно сите на дело да му дадеме поддршка на нашиот Вардар! Да живее Вардар и Македонија. #ЦрвеноЦрниДоКоска