Пишувајќи го фељтонот за АК “Вардар”, објаевен во Вардар.фанс.мк, поради оскудноста на материјалот кој што го поседував, чувствував доста тешкотии за периодот на 50-те години, како и за првата половина на 60-те. Но, со помош на моите стари пријатели од АК Вардар и АК Работнички, дојдов до нови информации кои даваат нова светлина за историјата на клубот од овие периоди. Во тоа време клубот го водеа познатите атлетски работници Тошко Апостолски и Ташко Филиповски, кои работеа на организационите прашања, со што резултатите од година во година се повеќе се подобруваа. Што се однесува до стручната работа во клубот, од првата половина на 60-те години, се спомнуваат тренерите Михо Илиевски, Мемо Сулејманов, како и Петар Алексовски Пепо. Проф. Павле Илиевски, како школуван стручен кадар, се посветува на омасовувањето на клубот со нови атлетичари и атлетски таленти, а своите знаења несебично ги пренесува на нив. Мемо Сулејманов, како познато име во македонската атлетика, посветува внимание на трчањата на долгите патеки.
Еден од најсестраните спортисти во Македонија, поранешен врвен гимнастичар, како голем спортски ентузијаст, Петар Алексовки Пепо (насловна слика ), организира многубројни училишни кросеви и натпревари, каде успеал да привлече поголем број млади атлетичари и атлетичарки во АК “Вардар”Еден од најголемите таленти во овој период беше атлетичарката Нада Павлова. Атлетската кариера ја започнува во АК “Вардар” во 1960 година. Млада, талентирана и надежна, брзо го свртела вниманието, како на клубот, така и на пошироката атлетска и спортска јавност. Настапите на домашните натпревари завршувале со бројни победи на оваа млада атлетичарка. Уште во 1960 година станува рекордерка на Македонија на 400 метри со резултат 1:06,0 , а наредната година го подобрува на 1:05,6. Но најголемите успеси, Павлова во оваа дисциплина ги постигнува на државните првенства во Љубљана и Суботица. Во Љубљана поставува нов рекорд со време 1:04,3 , а во Суботица трча 1:04,0. Во 1961 година, ја добива шансата да ги провери своите можности со најпознатите југословенски атлетичарки на Државниот крос за помлади младинки во Смедеревска Паланка. Во оваа прва голема трка, Нада го освојува второто место, зад Хеднер Хилда, од АК “Браник”, Марибор. Истата година, поставува македонски рекорд на 600 метри со време 1:50,6. Во 1962 година поминува во АК “Работнички”. И таму постигнува голем успех, освојувајќи го второто место во крос за помлади младинки, на 1.000 м. Во новиот клуб, Павлова постигнува врвни резултати, а постигнува и неколку македонски рекорди. Во 1965 година, се враќа во Вардар. Тогаш настапува на Државниот крос за сениорки, кој се одржал на терените на Хајд-парк во Белград, каде го освојува 3 место, зад Петровиќ Мирка, Морава Ќуприја и Маричиќ Ика од Славонија, Осијек. Следната година, повторно се враќа во АК “Работнички”. Во 1970 г. на крајот од својата успешна кариера, настапува на тромечот на сениорските репрезентации Југославија-Норвешка-Грција.
Аница Пупинова е втората голема атлетичарка на АК “Вардар” по Нада Павлова. Своите најдобри резултати ги постигнуваше во дисциплините 200, 400 и 800 метри. Во 1964 година, на 400 метри, на еден меѓународен натпревар во Станке Димитров, станува македонска рекордерка, постигнувајќи време од 1:02,7 . Во 1965 година во Скопје, го подобрува рекордот на 1:00,4, додека на 200 метри трча 26,6 . Во 1965 година, беше рекордерка на Македонија и на 800 метри, со нејзиниот најдобар резултат од 2:26,0. Со своите успешни настапи и поставување на македонските рекорди, Пупинова ќе остане како една од најуспешните атлетичарки во клубот.
Во првата половина на 60-те години, за АК “Вардар” настапува и позната атлетичарка во фрлачките дисциплини, Трајчева Благица. Покрај бројните победи на домашен тере, постигнува солидни резултати и на сојузните натпревари. Најголем успех во нејзината кариера беше освојувањето на 3 место во фрлање копје, во Суботица, во 1964 година, со резултат од 33,53 м.Во овој временски период, Вардар имаше повеќе атлетичарки кои постигнуваа забележителни резултати, на републичките и на сојузните кросеви. Покрај Нада Павлова, на овие кросеви со високи амбиции чествуваат и Панајотова Евгенија, Мусовска Ксенија, Мусовска Земија, Карева Петра и др. На државниот крос за помлади јуниорки, во 1965 година, во Белград, екипата на Вардар во состав Мусовска Ксенија, Мусовска Земија и Карева Петра, го освојува 6 место.
Во периодот од 1961-1964 година, во АК “Вардар”имаше неколку атлетичарки кои се посветија на дисциплината 80 м. со пречки. Тие беа во самиот врв на македонската атлетика: Иванова Мира имаше резултат од 15,3 , Николовска Донка 15,7 , Цветкова Вера 15,9 , Стефановска Павлина 16,2 и Николова Весна 15,7.
Покрај успесите во женската атлетика, АК “Вардар”, континуирано бележи успеси и кај мажите. Во 1961 година, на јуниорското првенство на Југославија во Сараево, младиот атлетичар на Вардар, Блажевски, копјето го фрлил на далечина од 30,52 м. и го освоил солидното 12 место. Во фрлање диск, мошне солиден беше вардарецот Наумчев Митко, кој справата ја има фрлено на далечина од 35,60 м. со што се бројуваше меѓу најуспешните во Македонија. Младиот атлетичар на Вардар, Апостолски Љупчо, во 1963 г. во Крањ, во трката на 3.000 метри за јуниори до 19 години, поставува нов македонски рекорд со време 8:55,1. Успесите на овој млад атлетичар ќе продолжат со несмалено темпо и во втората половина на 60-те години. На државниот крос за помлади јуниори, одржан во 1964 година во Белград, екипата на Вардар во состав: Николовски Васил, Бурчевски Мирослав, Костов Санде, Терзиев Перо и Карер Владимир, се пласирала на 7 место во екипна конкуренција.Еден од вардаровите рекордери во овој период е и на Али Плана, кој во 1964 година, во дисциплината 400 м. со пречки, поставува нов македонски рекорд со време 58,9. Покрај оваа дисциплина, за потребите на клубот настапуваше и на републичките и сојузните кросеви. Во почетокот на 60-те години, Вардар имаше дваица извонредни спринтери. Во 1964 година, на меѓународниот атлетски митинг во Станке Димитров, атлетичарите на Вардар, Јовица Панговски и Љубомир Тасевски, на 100 метри го израмнуваат македонскиот рекорд со време 11,0. На државниот крос за постари младинци, во Инѓија, во 1964 г. екипата на Вардар во состав: Гавриловски Сотир, Анастасов Богдан, Ристовски Благоје и Цветановски Милутин го освоила солидното 6 место.
Во 1964 година, до израз доаѓа атлетичарот Гавриловски Сотир, кој на поединечното првенство за постари младинци, во Белград, на 800 метри го освојува 3 место со време 2:00,6, додека на 1.500 метри, со време 4:08,2, го освјува 5 место во Југославија. Ќе останат незаборавни и неговите дуели со Зоран Михајлов, еден од најдобрите среднипругаши во Македонија и еден од македонските рекордери. Но своите најдобри резултати, ќе ги постигне во втората половина на 60-те и почетокот на 70-те години.
Еден од поуспешните вардарови атлетичари беше и Наумовски Веле, кој настапуваше на средни патеки, а на 1.000 метри, во 1965 година, имаше еден од надобрите резултати во Македонија совреме 2:40,8. На 1.500 м. стипл-чез, боите на АК “Вардар” ги бранат Павлов Ристо, кој во 1964 година, во Светозарево, постави нов македонски рекорд од 4:44,5 , Пеповски Миле со најдобар резултат од 4:48,8 , Анастасов Богдан со 4:51,0 , како и сестраниот атлетичар кој настапуваше во сите трки со пречки, Браевиќ Вељко, со време 4:57,4 .Пеливанов Тодор, кој подоцна ќе биде избран за претседател на клубот, настапуваше во фрлачките дисциплини. Во фрлање кладиво со резултат од 37,64 м.,беше еден од најдобрите во Македонија, а беше меѓу водечките и во фрлање диск. Најголем успех во првенствата во крос, на сојузно ниво, постигнала јуниорската екипа на Вардар која на 3000 м. на државниот крос во Белград во 1965 година, го освоила 1 место со 89 бодови, пред пред Ц.Звезда со 97 бодови. . Екипата на Вардар ја сочинуваа: Павловски Ристо, Анастасов Богдан, Буцевски Милош, Наумовски Веле и Апостолски Љупчо. Покрај спомнатите атлетичарки и атлетичари, на атлетската сцена полека се пробиваат и неколку талентирани атлетичари, меѓу кои од нев ќе призлезат и македонски шампиони и југословенски репрезентативци: Апостолски Љупчо, Кичевски Митре, Ивановски Мире, Терзиев Перо, Карер Владимир, Трјчев Љупчо, Николовски Васил, како и Ѓеоргиевски Симе, кој во 70-те години ќе стане и професионален тренер на клубот.
Во знак на сеќавање на легендата на АК “Вардар” и македонската атлетика, во 1965 година е одржан првиот атлетски митинг Меморијал “Лазо Милошевски”. На меморијалната трка на 400 метри, победата ја однесе претставникот на Вардар, Миле Павасовиќ, кој имаше време од 50,7 . Меморијалот без прекини се одржуваше до 1995 година, кога престана да се организира.
пишува:Проф.Мирослав Бошковиќ