Во ова време на пандемија, професорот Мирослав Бошковиќ долгогодишен спортски работник во АК Вардар, своите пензионерски денови ги користи за писанија поврзани со црвено-црниот клуб. Тој денес на својот фб-профил се осврна на 90сетите години. Во продолжение ви го донесуваме неговиот текст:
Општесвените промени во почетокот на 90-те години, покрај останатите сегменти од општеството, го зафатија и спортот, а во тој контекст и атлетиката. Во 1998 година, АК “Bардар” остана без професионален тренер, кој беше столбот на функционирањето на клубот. Дотогашниот тренер, Симе Ѓеоргиевски, влезе во нови професионални води, подалеку од атлетиката. Покрај тоа, во натамошното постоење на клубот, негативно влијаеа и рестриктивните финансиски средства, кои заедно со нерешеното прашање со соблекувалните, практично го оневозможија натамошната спортска дејност. Тое беше и најтешкиот период во постоењето на клубот.
Поранешните атлетски работници, не се снајдоа во новонастанатите процеси. Меѓу активностите на клубот кои продолжија и натаму да егзистираат, беше меморијалот “Лазо Милошевски”. Еден од ретките атлетски работници во клубот, кој по секоја цена се залагаше да не се прекине неговата долга традиција, беше Миле Пеповски. Со својата енергија, позитивно влијаеше кај дел од атлетските работници, кои го прифатија неговиот апел да се продолжи со одржувањето на меморијалот. Тие години, 1990, 1991 и 1992 година, на чело на Организациониот одбор, се наоѓаше токму Миле Пеповски. Покрај сеуште присутните ентузијасти во клубот, во одборот влегоа и веќе докажаните и афирмираните спортски работници меѓу останатите и Грековски Џоџа, Груневски Спирко, Давидовски Бранко , Дамјанов Павле, Јанковски Борче, Кузмановски Ѓорѓи, Михајлов Зоран, Колемишевски Панде, Конечни Петар, Панговски Ивко, Несторовска Љубица, Џиков Таки и др. Благодарејќи на разбирањето и почитта кон големиот атлетски ас и новинар во Радио Скопје, Лазо Милошевски, повеќе спонзори ја помагаа оваа спортска манифестација. Со завршувањето на 1990 година, атлетичарите и раководството, излегоа од клубот, и продолжија да работат во АК “Скопје. ”.
Со завршувањето на 1990 година, клубот практично престана да функционира, без атлетичари, без тренери и атлетски работници. Есента, 1992 година, една група поранешни членови на клубот, започна со активностите за заживување на АК “Вардар”. Во Иницијативниот одбор за обнова на клубот влегоа: Грековски Џоџа, Тасевски Зоран и Мирослав Бошковиќ . Набрзо потоа, во просториите на СД “Вардар”, во Градскиот трговски центар, беа поканети поголем број поранешни атлетичари и атлетски работници, кои дадоа целосна подршка за обновувањето на клубот. Наскоро, на изборното собрание на клубот,потоа беше избрана и новата управа во која Грековски Џоџа беше избран за претседател, Мирослав Бошковиќ за секретар, додека Тасевски Зоран, како член на управата, ја презеде и функцијата тренер на клубот. За успешното работење на клубот, челниците на клубот сметаа дека е неопходно да се работи на вклучување и на професионален тренер. Програмата на новата управа беа мошне амбициозни. Покрај Тасевски Зоран, за тренер на средни и долги патеки беше ангажиран и Љупчо Апостолски, поранешен атлетичар на клубот и повеќекратен младински рекордер на Македонија.
Во клубот се вратија поранешните вардарови атлетичари Мартиновски Трпе и Спасовки Томе. Овие двајца, заедно со Попоски Горан, во март месец 1993 година, на државниот крос во Струмица, на 12 000 метри, во екипна конкуренција го освоија 1 место, додека Трпе Мартиновски стана шампион на Македонија. Со тоа, новиот период во историјата на клубот започна навистина повеќе од успешно. Тасевски Зоран оформи една група перспективни спринтери, меѓу кои особено се истакнуваа неговите синови Тасевски Александар и Тасевски Горан
. Особено забележителни резултати постигнуваше Александар, кој стана еден од најдобрите спринтер на Македонија во јуниорска конкуренција. За мошне кратко време, неговиот талент беше потврден со извонредни резултати. Така, уште како помлад младинец, на 100 метри веќе беше близу до резултатот од 11,0. И останатите членови на оваа група постигнуваа солидни резултати. Покрај нив, Тасевски успеа да доведе уште неколку јуниори, кои работеа во спринтерските дисциплини. На 6.11.1993 година се одржа традициналниот Охридски маратин. На маратонот настапија и атлетичарите на Вардар Мартиновски Трпе и Спасовски Томе. Со цел да дадам и личен придонес во заживвањето на клубот, и јас, после 16 години откако ја напуштив атлетиката, решив да го истрчам овој прилично тежок маратон. Од околу 60 учесници, успеав да се пласирам на 30 место. Мартиновски Трпе и Спасовски Томе, во трката во која победи Борислав Девиќ (Црвена Звезда), со време 1:39,13, се пласираа во првите дестет маратонци. Сепак, по првите успеси, во крајот на 1993 година, замина во АК “Класа” , во Софија, каде доби многу поповолни услови за развој на неговата атлетска кариера. Претседателот Грековски Џоџа, во напорите за враќањето на клубот на некогашната слава, со своите релации, пред се со бизнис секторот, успеа да обезбеди опрема за тренинзи и настап на атлетичарите, а исто така и солидни финансиски средства за учество на атлетските натпревари. На поуспешните атлетичари, управата на клубот им обезбедуваше месечни автобуски карти, за патување до стадионот и назад.
Во 1993 година, на молба од атлетските работници од клубот, за претседател на Организациониот одбор на Меморијалот “Лазо Милошевски” беше избран Зоран Петрески, потпретседател на Собранието на Скопје. Со голема љубов и посветеност, овој општествено-политички и спортски работник, успеа да го подигне квалитетот на митингот, како со поголеми финансиски средства, така и со учеството на повеќе афирмирани атлетичари, како од земјата, така и од странство. Функцијата претседател на ОО, Петрески ја обавуваше до завршувањето на 1995 година. Посебно се водеше сметка за меморјалната трка на 400 метри. Со цел да се добие во квалитетот, секогаш беа поканувани најквалитетните атлетичари од земјата и странство. Заради поголемо присуство на публиката, меморијалната трка обично се организираше во полувреме на фудбалските натпревари кои ФК “Вардар” ги играше на Градскиот стадион. Тоа им даваше можност, на сите посетители, љубители на спортот, да уживаат во борбата за освојување на овој значаен спортски и атлетски трофеј. Во 1994 година, АК “Bардар”, го организираше 30-јубилејниот меморијален митинг “Лазо Милшевски”. За одржувањето на оваа манифестација, Организациониот одбор, предводен од претседателот Патрески Зоран, вложи огромни напори да обезбеди финансиски средства и квалитетни натпреварувачи. По повод одржувањето на најквалитетниот атлетски митинг во Македонија, Организациониот одбор изготвуваше Билтен бр. 1 пред, и Билтен бр. 2, по завршувањето на натпреварот. Таков билтен беше изработен и во 1994 година. Во Билтенот бр. 1 беа застапени следните содржини: Обраќање на претседателот на организациониот одбор, состав ва Организациониот одбор, дел посветен на Лазо Милошевски, потсетување за историјатот на митингот и спонзори. Интересно е да се истакне дека на митингот настапи комплетната младинска репрезентација на Украина, а настапија и повеќе гости од балканските држави. За успешноста на оваа атлетска приредба, голем придонес дадоа рекорден број од 17 спонзори. Откако претходно водевме разговори за подршката на меморијалот, значителна финансиска и медиумска подршка ни даде и Македонската радио и телевизија, со тогашниот директор Мелпомени Корнети. За потсетување е дека Лазо Милошевски работеше како спортски новинар токму во Радио Скопје. На овој митинг како гостинка беше поканета и европската првенка на 1.500 метро, Романката Марашеску.
Со текот на времето, ентузијазмот на раководството на клубот почна да опаѓа. Претседателот на клубот Џоџа Грековски, укажа дека поради возраста, веќе не е во состојба да ги исполнува обврските кон клубот, при што замоли да го ослободиме од оваа функција со препорака да биде избран помлад и повлијателен човек кој ќе може поуспешно да го води клубот. Наскоро, кон крајот на 90-те години, на челната функција на клубот беше избран дипл.ел.инженер Трајчев Љупчо, кој тогаш беше еден од директорите во компанијата “Раде Кончар”, но и мошне експониран општествено – политички работник. Со тоа, практично, од активностите на клубот тогаш се повлекоа дотогашните членови на управата, тренерите Тасевски Зоран и Љупчо Апостолски, како и атлетичарите кои беа активни во тогашниот период. Со преземањето на оваа функција, новиот претседтел пристапи кон формирање на новото раководство на клубот, составено воглавно од поранешните атлетичари на клубот.