Професорот Мирослав Бошковиќ во своите пензионерски денови неуморно не води низ историјата на Вардар.
Иако во својата долга и успешна историја , АК “Bардар” своите успеси воглавном ги темелеше врз успесите на атлетичарите, сепак имаше и неколку извонредни атлетичарки, кои биле македонски рекордерки и членови на репрезентацијата на Македонија.
Најпознатото име на Вардар во првите години по Втората светска војна, била Бистрица Крањец. Уште на 1 мај 1945 година, во Скопје бил одржан првиот атлетски настан на кој настапила и Бистрица Крањец. Наскоро, во повеќе градови во Македонија, биле формирани атлетски секции, меѓу кои и во СД “Mакедонија”, каде потоа и пристапила Бистрица Крањец. Во 1947 година, со фузијата на СД “Mакедонија” и СД “Победа”, настанало СД “Bардар”, во кое активно работел и АК “Вардар”. Својата кариера, Бистрица ја продолжува во новиот клуб, каде ги постигнува своите најдобри резултати и ја доживувува својата славна кариера.
Во првите години по формирањето, за женскиот дел од АК “Bардар” немало посебни соблекувални. Под северната трибина на тогашниот Градски стадион, постоела една просторија, која ја користеле прво женските, а по нив и мажите. Подоцна, во педесетите години, АК ќе добие нови простории под јужната трибина, со,што било на некој начин решено прашањето на соблекувалните, се до изградбата на јужната трибина, кон крајот на 70-те години, кога привремено соблекувалните се наоѓале во рамките на ракометното игралиште на РК “Bардар”.
Во периодот од 1947 до 1952 година, Бистрица Крањец, подоцна Миркуловска , за тие пет години, колку што се занимавала активно со атлетика, поставила девет рекорди на Македонија во дисциплините: 100, 200, 800, 80 м. со пречки, скок во далечина, скок во височина и далечина, фрлање ѓуле и диск и рекорд во штафетата 4×400 метри заедно со Шекеринова, Фишиќ и Иванова. Како атлетичарка на АК “Bардар” и на репрезентацијата на Македонија, учествувала на тогашните турнири на “Братство и единство” во повеќе градови на Југославија: Нови Сад, Сараево, Љубљана, Белград, Осиек и др. Покрај тоа, како член на репрезентацијата на Македонија, почнувајќи од 1947 година, до крајот на нејзината атлетска кариера во 1952 година, настапувала во повеќе двомечеви и тромечеви помеѓу репрезентациите на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Покрај скромните услови за тренинзите, голем проблем бил и недостиг на стручни кадри. Атлетичарките воглавном тренирале самостојно, без стручен надзор, а понекогаш добивале помош од единствениот школуван тренер, Славко Матовски, од АК “Работнички”,кој како вистински спортист, не гледал на клупската припадност на атлетичарките.
Веднаш по формирањето, во 1947 година, во АК “Bардар” пристапува уште една извонредна атлетичарка, Вера Шекеринова. Како и останатите атлетичарки, така и Шекеринова настапувала во повеќе атлетски дисциплини, покрај својата омилена дисциплина, 400 метри. Во 1947 година, го изедначила југословенскиот рекорд на 60 метри со резултат 8,0 . Била стандардна репрезентативка на Македонија. Долго време, заедно со Крањец, Иванова и Шишиќ, била сопственик на македонскиот рекорд во штафетата 4х100 метри. Со своите резултати, Шекеринова рамноправно настапувала со најпознатите атлетичарки во Југославија во спринтерските дисциплини.
Во почетокот на 60-те години во Вардар доаѓа Нада Павлова, а во 1963 година и нејзиниот брат Ристе Павлов. Нада Павлова беше една од најталентираните атлетичарки во Македонија во шеесетите години. Успешно настапуваше во повеќе дисциплини, но најдобри резултати ги постигнуваше на 400 метри, со што успешно ја продолжуваше традицијата на поранешните вардарови sвезди Бистрица Крањец и Вера Шекеринова. Заедно со прославената југословенска рекордерка Вера Николиќ, настапи и за репрезентацијата на Југославија на 400 метри на еден меѓународен натпревар во Скопје. Беше успешна и во трките на 100 и 200 метри. Во 1966 година, на еден меѓународен митинг во Скопје, заедно со Мира Василева, на 100 метри трката ја истрча со време 13,8 .
Во средината на 60-те години, значајно место во женската екипа на Вардар, имаше Аница Пупинова. Воглавном, настапуваше на 400 и 800 метри. На еден меѓународен натпревар во Скопје во 1966 година, на 800 метри, извојува победа со резултат 2:33,5 , додека патеката од 400 метри ја истрча за 1:06,0. Во тие години, како мошне квалитетна атлетичарка, беше веднаш зад прославената македонска атлетичарка и југословенска репрезентативка, Елица Змејкова.
Благица Трајчева беше најдобрата атлетичарка на Вардар во фрлачките дисциплини. Како стандарден член на репрезентацијата на Македнија, повеќе пати со успех настапуваше на меѓурепубличките средби, како и на повеќе меѓународни натпревари. Најдобри резултати постигнуваше во фрлање копје. Во оваа дисциплина беше рекордер на Македонија и една од најдобрите југословенски атлетичарки.
Една од најдобрите атлетичарки во Вардар во средината на 60-те години беше ПетковаЗорица, која во 1966 година трчаше на 800 метри со резултат 2,30,0 . Беше мошне успешна и на 400 метри. Во 1966 година, во оваа дисциплина, постигнала резултат од 65,0 . Како и голем број талентирани атлетичарки, така и Петкова, мошне брзо ја напушти атлетиката.
Мира Василева воглавном настапуваше на 100 и 200 метри. Кон крајот на 60-те години, беше најдобрата македонска спринтерка. Во 1970 година, со појавата на легендарната Вера Вељановска, од АК “Олимпија”од Битола, беше симната од пиедесталот. Покрај спринтерските дисциплини, настапуваше и на крос натпреварите, на републичко и сојузно ниво, како и на повеќе улични трки во градовите на Македонија и надвор. Во сеќавањата ќе остане нејзиниот успешен настап на сојузниот крос во Аранѓеловац, 1971 година. Беше стандардна членка на репрезентацијата на Македонија.
Сестрите Ксенија и Зелија Мусовски беа успешни спринтерки. Победуваа на републичките и меѓународните натпревари. Во 1966 година, на еден меѓународен митинг во Скопје, на 400 метри, Ксенија успеа да победи со мошне солиден резултат за тоа време од 65,0.
Во средината на 70 години, женската атлетика бележи подем со ангажирањето на Васил Вацев, како еден од тренерите во клубот. Тој работеше со една група мошне перспективни атлетичарки, меѓу кои особено се истакнуваа неговите ќерки Весна и Роза. Весна Вацева мошне успешно настапуваше во фрлачките дисциплини: копје, диск и ѓуле. Роза Вацева беше првак на Макдонија во скок во далечина. Импресионираше со своите елегантни и долги скокови. Често баше и дел од штафетата 4х100 метри. Благодарејќи на резултатите на овие сестри, женската екипа на Вардар беше меѓу водечките екипи во Македонија.
Лидија Симовска, покрај останатите фрлачки дисциплини, беше рекордер и шампион на Македонија во фрлање копје. Во 1979 година, во Бијело Поље, на четворомечот меѓу репрезентациите на Србија, Македонија, Црна Гора и Косово, уште додека беше членка на Работнички, Симовска постави сениорски рекорд на Македонија со старо копје, со резултат 47,40 м. Овој резултат сеуште претставува рекорд на Македонија со старо копје. Покрај успешната атлетска кариера, Симовска беше мошне добар студент. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје, и стана лекар.
Мошне успешна беше и атлетичарката Наумовска Каролина. Додека тренираше во Вардар, постигна извонреден успех на поединечното првенство на Југославија во Охрид, со освојувањето на 2 место. Подоцна, кога се врати во Работнички, во 1991 година, заедно со Арџлиева, Јаковска и Караџовска, постави нов сениорски рекорд на Македонија во штафетата 4х300 метри, со време 2:55,01. Беше стандардна членка на репрезентацијата на Македонија во сите конкуренции.
Покрај Лидија Симовска, настапуваше и повеќекратната рекордерка на Македонија во фрлачките дисциплини, Лила Петрушевска. Додека беше членка на Вардар, во 1985 година, во Скопје, во дисциплината фрлање копје, со резултат 43,98 м., постави нов македонски рекорд за младинки до 19 години. Во 1990 година, како повратник во Работнички, со постигнатиот резултат од 38,20 м., постави нов сениорски рекорд во фрлање диск. Инаку, Петрушевска Лила дипломираше на Факултетот за физичка култура во Скопје, и едно време беше тренер на македонскиот рекордер во фрлање копје, Ангеловски Дејан. Како професор по физичко воспитание во ОУ “Гоце Делчев” во населбата Илинден, поклонува големо внимание во развојот на атлетиката, пред се во рамките на училишните спортски натпревари.
Со враќањето на овие три атлетичарки во својот матичен клуб, практично исчезна женската атлетика од АК “Bардар”. Укинувањето на финансирањето на професионален тренер во 1990 година, остави негативни последици во натамошниот развој на клубот, а со тоа и на женската атлетика.
После повеќе од 30 години,неодамна се појави една нова атлетичарка во редовите на АК “Bардар”. Имено, во март месец 2017 година, на меморијалниот крос “Mетодија Веновски – Мето”, кој се одржа на кејот на р. Вардар во Скопје, боите на клубот ги бранеше едно ново име, непознато за македонската атлетска јавност. Се работи за Давчевска Марија, која на патеката од 2000 метри го освои третото место. За овој успех, спортските читатели беа запознати со написот во “Вардар фанс”.
Се надеваме дека покрај Марија Давчевска, наскоро ќе видиме и нови атлетичарки во редовите на АК “Bардар”, кои полека треба да го вратат реномето на клубот на оние времиња кога женската купска атлетика била во врвот на македонската атлетика.