Thursday ,14 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Историјата на АК Вардар… пишува: проф. Мирослав Бошковиќ
Историјата на АК Вардар… пишува: проф. Мирослав Бошковиќ

Историјата на АК Вардар… пишува: проф. Мирослав Бошковиќ

Во следниот текст ќе ве запознаеме со дел од големата историја на С.Д. Вардар, поточно со неговиот атлетски клуб. Честа да го објавиме овој текст е голема, бидејќи авторот е  долгогодишен атлетски работник и член на АК Вардар. Станува збор за проф. Мирослав Бошковиќ кој во оваа статија  зборува за историјата на АК Вардар од формирањето, па до денес. Ова е првиот дел кој зборува за почетоците на АК Вардар и неговите први атлетски имиња. Очекувајте  продолжение со наредните периоди на нови делови од истиот автор на нашиот сајт за  историјата на клубот.

ИСТОРИЈА НА АК ВАРДАР– СКОПЈЕ  (1)

 

                Се наближуват 70 години од формирањето на еден од најуспешните спортски клубови во Македонија АК “Вардар” од Скопје. Формиран во далечната 1947 година, клубот дал голем број шампиони и рекорди, кои ја афирмирале македонската атлетика и надвор од територијата на Македонија. Во пресрет на големиот јубилеј, во наредните неколку прилози ќе ги презентираме  најзначајните настани и успеси на клубот во својата богата историја.

                По завршувањето на Втората светска војна, покрај обновата и изградбата на земјата, во Македонија посебно внимание се водело и за развојот на физичката култура. Преку ДТВ “Партизан “ биле опфаќани сите младинци кои сакале да се занимаваат со спорт. Во рамките на друштвата биле застапени повеќе спортови меѓ у кои и атлетиката. Тогаш започнуваат да се одржуваат и првите атлетски натпревари кои предизвикувале голем интерес кај многубројната публика.

На 1 мај 1945 година, по иницијатива и со помош на Армијата, е одржан првиот атлетски настан во Скопје на кој учествувале првите носители на атлетските настани во тоа време: Лазо Милошевски, Бистрица Крањец, Славко Матовски, Мемо Сулејманов, Петко Митревски, Ристо Бајалски, Стеван Демирев, Наталија Шошкиќ, а нешто подоцна се приклучиле и Андреа Герасимовски, Лидија Славковска, Вера Шекеринова, Зага Иванова и др. Помасовен атлетски натпревар во неколку дисциплини бил одржан на 1-5 август 1945 година во рамките на Програмата на првиот републички слет во Скопје. Од  1-6 август 1946 година во Скопје бил одржан слет на кој настапиле и учесници од Горна Џумаја (Благоевград).  Во рамките на овие натпревари биле застапени  дисциплините на кратки патеки, скок во далечина и фралање ѓуле. Атлетските натпревари  биле масовно следени од граѓаните, често и по 5-6 илјади луѓе.

                ПРВИТЕ ГОДИНИ ОД ИСТОРИЈАТА НА АК “ВАРДАР”

Големиот интерес што го предизвикале ваквите натпревари набргу довел и до создавање на првата атлетска секција.Таа била основана во рамките на спортското друштво “Работнички” – Скопје, во мај, а веќе во текот на јули атлетска секција била основана и при тогашното спортско друштво “Македонија” (денешното спортско друштво “Вардар”). Набргу до основање  секции за атлетика ,  кои подоцна прераснале во клубови, дошло во сите поголеми градови во Македонија – Битола, Прилеп, Куманово, Тетово, Штип,  Велес, Охрид и др. Еден од најстарите атлетски клубови во Македониjа АК “Вардар”, формиран е во 1947 година.

Условите за бавењето со атлетиката во тоа време биле доста скромни. Тренинзите се одржувале во Градскиот парк и на импровизираната патека на Градскиот стадион (денес Филип II), кој бил во изградба. Првата соблекувална која ја користеле атлетичарите и атлетичарките на АК “Вардар”се наоѓала под северната трибина на стадионот. Бидејќи постоела само една просторија, прво се соблекувале и облекувале женските, па потоа машките. Патиките за трчање биле обични,  платнени, но и тие тешко се набавувале. Ретко се случувало некој да има спринтерки или тренерки и убава спортска облека. Голем број од спортистите трчале и боси, но со огромна љубов и ентузијазам да постигнат добри резултати. Од ден во ден, бројот на членовите на клубот се повеќе се зголемувал. Единствениот тренер во тоа време  кој дипломирал на ДИФ во Белград  бил Славко Матовски, член на “АК Работнички”. Како врвен и сестран спортист и извонреден човек, тој често на тренинзите им помагал и на своите конкуренти од АК “Вардар”.

Веќе по првите години од формирањето на клубот, се афирмирале неколку врвни атлетски имиња како што сеЛазо Милошевски, Бистрица Крањец, Мемо Сулејманов, Вера Шекеринова и др. Во 1949 година, од страна на првиот спортски весник во Македонија “Спортски глас”, бил направен првиот избор на најдобрите спортисти во Македонија. Во спроведената анкета од читателите, во најдобрите 10 спортисти, дури троица биле членови на АК Вардар: Бистрица Крањец била втора, Лазо Милошевски бил  трет, а  Мемо Сулејманов го освоил седмото место. Меѓу екипните спортови, во оваа анкетата, АК “Вардар”. Ова на најубав начин го илустрира значењето на атлетиката во Македонија во тоа време и квалитетот на атлетичарите кои призлегувале од АК “Вардар”.

Кога сме кај СД “Вардар”, би потсетиле дека за најдобар спортист на Македонија бил прогласен Јане Јаневски, фудбалер на ФК “Вардар”. За најдобар клуб бил прогласен младинскиот тим на ФК “Вардар”, кој во 1949 година станал шампион на Југославија.

Во повоените години, кога спортот наоѓа место под сонце во Македонија, блеснала првата атлетска легенда на АК “Вардар” и макдонската атлетика Лазо Милошевски.

Лазо Милошевски е роден во Тетово на 5 март 1926 година. Завршил Сојузен курс  за атлетски инструктори во Белград. Тој беше најпознатиот македонски атлетичар и спортист во 50-те години. Уште на самиот почеток на својата богата и успешна спортска кариера, во годините непосредно  по Втората светска војна, Лазо Милошевски го манифестираше својот раскошен талент, поставувајќи рекорди во дисциплините од 200 до 800 метри. Со текот на времето, неговите рекорди беа соборени од неговите наследници, но ако се погледне листата на атлетските рекорди на Атлетската федерација на Македонија, може да се забележи дека Лазо Милошевски сѐ уште го држи државниот рекорд на Македонија на 300 метри со резултат од 33,7 секунди, а постигнат  во далечната 1950 година.

Уште во 1947 година, Лазо Милошевски станува член на југословенската репрезентација на Балканските игри во Букурешт (Романија). Во штафетата 4×400 метри освоил златен медал со балкански рекорд, додека на 200 метри го освоил 4 место.

                На двомечот на атлетските репрезентации Италија – Југославија кој се одржал во 1948 година во Милано, го освоил првото место на 4×400 метри со нов југословенски рекорд.

                На првенството на Југославија кое се одржало во 1950 година во Загреб, Лазо Милошевски настапил во својата најомилена дисциплина, 400 метри. Во оваа трка освоил златен медал и поставил нов македонски рекорд.

a

    Лазо Милошевски

                Кратко време Лазо Милошевски настапувал како член на „Црвена Звезда“ од Белград . Тогаш станал југословенски првак на 200 метри, а на 400 метри го освоил второто место.

                Во 1954 година во Брисел, Лазо Милошевски бил првиот македонски спортист – учесник на едно Европско првенство. Тогаш на 400 метри успел да ја мине првата квалификација. Во финалната трка  4×400 метри завршил на 5-то место. Наскоро, истата година го поставил македонскиот рекорд на 400 метри со резултат од 49,6 секунди. Подоцна на македонската атлетска сцена се појавува уште еден голем атлетичар во дисциплината 400 метри, Милош Буцевски, кој 12 години подоцна успел да го собори овој рекорд.

                Покрај спотрските резултати на атлетската патека, Лазо Милошевски бил и уредник на Спортската редакција на Радио Скопје. Со својот магнетофон регистрирал многу  спортски настани, а низ етерот постојано струел неговиот глас. Како новинар, информирал од најголемите спортски настани, како и од Олимпијадите. Иако неговото здравје било сериозно нарушено, тој не отстапувал од својот новинарски пат и постојано чекорел напред. Последна негова олимпијада бил Рим – 1960 година. Токму тогаш, на овој собир, дошол до израз неговиот врвен новинарски квалитет, зошто според слушателите на Радио Скопје, подготвил репортажи и разговори кои и до денеска не се надминати.Во 1963 починал во Белград.

                Во знак на сеќавање на големиот атлетичар и спортски репортер, од 1964 година се одржуваше познатиот атлетски митинг  меморијалот „Лазо Милошевски“.  Меморијалот „Лазо Милошевски“ со години претставуваше една од најквалитетните, не само атлетски, туку спортски приредби што со години се одржуваше во нашата Република. Оваа манифестација беше влезена во меѓународниот атлетски календар со учество на познати светски имиња од голем број земји во светот.

Иако не го познаваат голем број спортисти, особено помладите генерации, Сулејманов Мемо е секако основоположник на маратонското трчање во Македонија. Еден документ, пронајден од Кире Наунчевски, маратонец и спортски работник, претставува значаен прилог во осветлувањето на атлетскиот спорт од периодот непосредно по Втората светска војна. Тоа е една диплома што Сулејманов Мемо ја добил за освоено II место на Државното поединечно првенство на Југославуја со време од 2.47 мин., одржано на 23-24.VIII. 1946 година. Пласманот во оваа трка недвосмислено потврдува за квалитетите на овој атлетичар не само во рамките на Македонија, туку и во тогашните југословенски простори.

  Диплома за II место во маратон во 1946 година

Диплома за II место во маратон во 1946 година

                За љубителите на атлетиката и неговите другари, Мемо Сулејманов ќе остане запаметен како атлетичар кој настапуваше во трките на долги патеки. Во втората половина на 40-те и почетокот на педесетите години од минатиот век, беше македонски рекордер во повеќе дисциплини на долги патеки. Како дете се сеќавам дека во трките настапуваше бос, без спринтерици. По завршувањето на неговата долга и богата спортска кариера, на сите позначајни спортски манифестации доаѓаше во улога на фоторепортер. Сите сакаа да бидат фотографирани од него.  Неговата кариера како активен спортист траеше мошне долго, а подоцна, своите знаења и богатото искуство го пренесуваше на младите атлетичари на АК “Вардар”.

 Мемо Сулејманов

Мемо Сулејманов

                Покрај Лазо Милошевски и Мемо Сулејманов, во периодот од 1947 до 1952 година, во АК “Вардар” настапувала уште едена голема легенда на македонската атлетика, Бистрица Крањец, подоцна Миркуловска. За тие пет години, колку што се занимавала активно со атлетика, таа постави девет рекорди на Македонија во дисциплините: 100, 200, 800, 80 м. со пречки, скок во далечина, скок во височина и далечина, фрлање ѓуле и диск и рекорд во штафетата 4×400 метри заедно со Шекеринова, Фишиќ и Иванова. За љубовта кон атлетиката и спомените од тие години ни раскажува Бистрица Крањец-Миркуловска:

                Како ученичка во Женската гимназија, ме забележаа на еден крос каде што бев меѓу првите. Тогаш во гимназијата фискултура, како што се викаше тогаш, предаваа Руса Апостолова, Вера Панова и Даница Попова, кои ни беа и тренери. Многу ни помагаше и Митко Радулов од ДТВ “Партизан”, а најмногу Славко Матовски, сестран спортист. Тој беше прв студент на ДИФ во Белград од Македонија. Иако бев членка, најпрвин на спортското друштво “Македонија”, во Скопје постоеше и СД “Работнички”, бевме конкуренти, но бевме добри пријатели и заеднички си помагавме и трениравме. Славко Матевски не правеше разлика кој од кој клуб е.

Женска гимназија – расадник на голем број атлетски таленти, урната во земјотресот од 1963 год.

Женска гимназија – расадник на голем број атлетски таленти, урната во земјотресот од 1963 год.

                Трeниравме во дворот на Женската гимназија, потоа на импровизираната патека на сегашниот Градски стадион, кој беше во изградба. Патеката беше од земја, немавме некои услови за тренинг. Со оглед  на тоа дека имаше само една просторија во една соблекувална под северната трибина на Градскиот стадион, најпрвин се соблекуваа и облекуваа женските, па потоа машките. Но, сепак, ни беше убаво. И не помислувавме на спринтерки, тренерки, убава спортска облека како денес. Тоа беше мислена именка за нас. Колку само пати сум трчала боса, сум скокала во височина и далечина, табаните ме болеа од ситните каменчиња. Патиките беа обични, платнени, но така беше тогаш, и тие тешко се набавуваа.

                Не знам зошто, но го сакав дискот, па и денес љубоморно го чувам дискот со кој го имам постигнато македонскиот рекорд од 34,54 м, кој долго време повеќе од десет години, не беше соборен. Некако, читајќи ги оние четива за олимписките игри, гледајќи ги фотографиите на оној познат дискофрлач, дискот за мене беше симбол на кралицата на спортовите, како што ја викаат атлетиката.

                Како атлетичарка на Вардар и на репрезентацијата на Македонија на тогашните турнири “Братство и единство” се натпреварував во Нови Сад, Белград, Љубљана, Сараево, во Осијек на сојузниот крос. Во 1947 година, кога за прв пат настапив на една крос-трка надвор од Македонија, во конкуренција на педесетина атлетичарки од цела Југославија се пласирав на 12 место.

                Патувавме со воз, јасно, зарем имаше тогаш авиони како денес. Сами си носевме храна, беше тоа голема радост за една ученичка, а потоа и како студентка патував за Белград, Љубљана, Сараево. Не ни пречеа тие долги патувања во обично купе, ниту го чувствувавме заморот кога моравме да се натпреваруваме потоа. На студентското првенство на Југославија во Љубљана победив во фрлање диск,бев втора во трката на 800 м и во скок во далечина.

                Трчав заедно со Вера Шекеринова и Наташа Шошкиќ, многу познати спортисти во педесетите години. По мене на патеката се појавија Елица Змејкова, Нада Павлова, Вера Јанева, една плејада одлични атлетичарки. Трчавме, се натпреварувавме секогаш пред почетокот на фудбалските натпревари на Вардар, на полувремето, пред полни трибини.

 

(Дел од интервјуто под наслов “Поезија пишувана на атлетската патека”, од Миодраг Мицковиќ, Утрински весник, 16 октомври 2006 година).

            По завршувањето на својата кратка, но мошне успешна спортска кариера, Бистрица Крањец Миркуловска станува позната писателка и поетеса, а подоцна и професор на Филолошки факултет во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

          Меѓу познатите имиња од тој период е и Вера Шекеринова, која во педесетите години била неприкосновена атлетичарка во спринтерските дисциплини, а била членка и на штафетата 4×400 метри која го поставила државниот рекорд на Македонија.

      ПРОДОЛЖУВА…

Пишува: проф. Мирослав Бошковиќ