Thursday ,18 April 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Историјата на АК Вардар во 50-сетите и 60-сетите… Второ продолжение, пишува: проф. Мирослав Бошковиќ
Историјата на АК Вардар во 50-сетите и 60-сетите…  Второ продолжение, пишува: проф. Мирослав Бошковиќ

Историјата на АК Вардар во 50-сетите и 60-сетите… Второ продолжение, пишува: проф. Мирослав Бошковиќ

Минатата недела по првото успешно продолжение (види) во следниот текст ќе ве запознаеме со нов дел од големата историја на С.Д. Вардар, поточно со неговиот атлетски клуб. Честа да го објавиме овој втор текст  е голема, бидејќи авторот е еминентна личност. Тој е долгогодишен атлетски работник и член на АК Вардар. Станува збор за проф. Мирослав Бошковиќ кој во оваа статија  зборува за историјата на АК Вардар зборува за слатните години по формирањето поточно 50есетите и 60сетите. Ова е втор дел кој зборува за почетоците на АК Вардар и неговите први атлетски имиња. Очекувајте  трето продолжение со наредните периоди на нови делови од истиот автор на нашиот сајт за  историјата на клубот.

ИСТОРИЈА НА  АК “ВАРДАР” (2)

 

                Како и голем број други атлетичари кои настапувале во повеќе атлетски дисциплини, така и Вера Шекеринова, покрај својата омилена дисциплина 400 метри, настапувала и во другите спринтерски дисциплини, каде што исто така била успешна. Така, во 1947 година, го изедначила југословенскиот рекорд на 60 метри со резултат 8,0 сек. Тоа најубаво покажува дека во низа дисциплини, македонските атлетичари и атлетичарки биле сосема рамноправни со врвните југословенски атлетичари и рекордери.

Еден од најуспешните атлетичари во Македонија во тоа време бил и Андреја Герасимовски – Швајн. Уште како јуниор станал член на АК “Вардар”, посветувајќи се на дисциплините на средните патеки. Тој е првиот Македонец кој победил на државното превенство  во атлетика. Бил јуниорски првак на Југославија на 1.500 и во крос на 2.500 метри. Повеќе години бил најдобар атлетичар  и рекордер во дисциплините 800 и 1.500 метри. Во 1949 година бил прогласен за еден од 10-те најуспешни спортисти во Македонија. Со своите резултати, покрај спомнатите атлетичари, и Герасимовски дал голем придонес  АК” Вардар” да го освои 5 место  во изборот за најдобрите екипи во Македонија.

Легендата на македонската атлетика Лазо Милошевски и Џоџа Грековски, истакнат атлетски работник и повеќегодишен претесател на АК “Вардар”

Легендата на македонската атлетика Лазо Милошевски и Џоџа Грековски, истакнат атлетски работник и повеќегодишен претесател на АК “Вардар”

                                АК ВАРДАР ВО ПЕДЕСЕТИТЕ ГОДИНИ

                Од неизмерно значење во историјата на АК “Вардар”претставува делото на големиот атлетски работник  и ентузијаст Тошко Апостолски. Вљубеник во атлетиката и воопшто спортот, тој е еден од основачите на АК “Вардар”, како и СД “Вардар”. Како вработен во СВР, тој привлекол голем број атлетичари и атлетски работници во клубот. Долго време, до крајот на својот живот ,  ја обавувал функцијата претседател на клубот. Во обавувањето на функцијата имал помош од својот другар и колега од СВР, Ташко Филиповски, по потекло од Ресен. Покрај нив, во овој период голем придонес во развојот на клубот даваат и Џоџа Грековски, Атанас Андреевски, Љубица Алексиева, Мирко Павлов и др.

Благодарејќи на напорите на управата, биле добиени нови соблекувални под јужната трибина. На само неколку метри подалеку, простории добиле и атлетичарите на АК “Работнички”.

     Тренинг на среднопругашите на патеката на Градскиот стадион

Тренинг на среднопругашите на патеката на Градскиот стадион

Ривалството помеѓу АК Вардар и АК Работнички, продолжи и во втората половина на 50-те а особено во 60-те години. Но малку од љубителите на атлетиката знаат дека покрај овие два клуба, во периодот помеѓу 1954 и 1960 година активен беше и АК “Tрговски”, кој исто така имаше свои квалитетни поединци. За жал, во 1960 година клубот исчезна од атлетската сцена.

Кон крајот на 50-те години во Вардар се вклучуваат повеќе атлетичари и атлетски работници. Од тие имиња би ги спомнале Киро Крстевски, Русе Глигориевски, Тодор Пеливанов, Владо Николовски, Свето Петровиќ, Јордан Ефремов, Добре Величковски, а во 1959 година, на 12-годишна возраст во клубот пристапува и Љупчо Апостолски .

Киро Крстевски беше еден од најдобрите спринтери во Македонија. Настапуваше во дисциплините 100, 200, 400 метри, како и во штафетите. Беше мошне вреден и дружељубив. По завршувањето на атлетската кариера, беше член на управата на Вардар, атлетски судија,  а учествуваше и во организацијата на врвни атлетски манифестации во Македонија.

Русе Глигориевски настапуваше во дисциплината скок во височина. Беше примерен и одговорен, како на тренинзите и натпреварите, така и во секојдневниот живот. И тој беше активен член на судиската организација и делегат на натпреварите. Повеќе години беше претседател на Натпреварувачката комисија на Македонија. Покрај одговорноста за натпреварите во Македонија, Глигориевски учествуваше и во организацијата на повеќе сојузни и меѓународни натпревари. Особен придонес дал во организацијата на финалето на Купот на Југославија кое се одржало во 1974 година во Скопје.

Тодор Пеливанов настапуваше во фрлачките дисциплини: ѓуле и диск. Уживаше голем авторитет во клубот и воопшто во атлетските кругови. И по заврувањето на кариерата, секогаш доаѓаше да му помогне на својот клуб. Како правник, работеше во Судот во Велес, во СВР во Скопје, а потоа беше примен на Правниот Факултет, прво како асистент, а потоа ја одбрани докторската дисертација, и се до пензионирањето беше професор на факултетот. Ја обавуваше функцијата претседател на АК “Вардар”, а еден период беше и претседател на Атлетската федерација на Македонија (Атлетски сојуз на Македонија).

Владо Николовски  се натпреваруваше во дисциплната скок во височина. Верен на клупските бои, често привлекуваше нови млади членови во клубот. Беше и член на управата на клубот. Во тоа време боите на Вардар ги бранеше и Добре Величковски, еден од најдобрите македонски атлетичари на средни патеки. Јордан Ефремов беше успешен спринтер. Покрај настапите на 100 и 200 метри, редовно настапуваше и во скок во далечина. Неговиот резултат од 6,15 во тоа време значеше мошне солиден успех во неговата кариера.

Покрај останатите атлетски дисциплини, кон крајот на 50-те и почетокот на 60-те години во АК “Вардар” почнува да се развива и дисциплината скок со стап. Еден од првите скокачи со стап бил атлетичарот Свето Петровиќ. Пред неколку години бев во друштво со него при што ми раскажа доста спомени и впечатоци во работата на клубот и состојбите во макдонската атлетика. Меѓу останатото ми раскажа како почнал да работи на оваа дисциплина:

Атлетиката и гимнастиката беа мошне популарни спортови во тоа време. Затоа се вклучив во треенинзите на Вардар. Бидејќи поседував и гимнастички вештини и способности, започнав да ја совладувам техниката скок со стап. Тренинзите ги изведувавме на Градскиот стадион. Стапот не беше како овие денешни, современи, туку изработен од метал. За доскок немаше душеци, туку скокавме на песок кој требаше да го ублажи падот по прескокнатата летва. По неколку скокови, песокот стануваше се потврд, со што се јавуваа и опасности за повреди. Дури подоцна, во 60-те години, клубот успеа да добие стап од пластика, кој овозможуваше подобри резултати. Исто така беа набавени душеци кои обезбедуваа многу поголема безбедност при скокањето.

Љупчо Апостолски долгогодишен член на Вардар, а подоцна и тренер, во клубот доаѓа во 1959 година кога имаше само 12 години. Со оглед на својата возраст, ги помина сите категории, од пионер, млад младинец, постар младинец, помлад сениор и сениор. Уште како пионер, се наметна како најуспешен атлетичар на  републичките кросеви. Минувајќи од категорија во категорија, ја потврдуваше својата супериорност. На младинскиот куп на Југославија, одржан во 1966 година во Крањ, на 3000 метри стипл-чез,  Апостолски го освои 2 место, при што беше мошне близу да влезе во репрезентацијата на Југославија. Истата година, на натпреварот во Белград, го освои 4 место. Како младинец, во повеќе дисциплини  постигна неколку републички рекорди. Повеќе години беше најдобар атлетичар на Македонија на 3000 метри стипл-чез. Со успех настапуваше на републичките кросеви на 12 000 метри. Подоцна ќе стане и успешен атлетски тренер во клубот. Но за неговата тренерска работа ќе пишуваме подоцна.

  ШЕЕСЕТИТЕ ГОДИНИ – ЗЛАТНА ДЕЦЕНИЈА ВО ИСТОРИЈАТА НА КЛУБОТ

                Најуспешниот  период  во историјата на АК “Вардар”претставуваат 60-те години од минатиот век. Пред соблекувалната на АК “Вардар”, под јужната трибина на стадинот, голем број атлетичари секојдневно го очекуваа почетокот на тренингот. Покрај веќе докажаните асови, во клубот постојано доаѓаа и нови, талентирани, но сеуште неафирмирани надежи.

                Со носталгија се сеќавам на тогашните соблекувални. Еден ходник под јужната трибина ги делеше кабините на двата клуба. Уште во тоа време, двата клуба имаа соблекувални и за мажи и за жени, бојлер кој овозможуваше да имаме топла вода за туширање, а по завршувањето на тренингот не очекуваше топол чај. Атлетската патека беше од шљака, а имаше вкупно 6 стази. Покрај тоа, постоеа и услови за одржување на трките во стипл-чез. Една од дисциплините која беше застапена во системот на натпреварите беше и скокот со стап. Во прво време се користеше метален стап, но подоцна беше набавен и стап од пластика. Поради немање заштитна мрежа, фрлањето кладиво се одржуваше на терените во СРЦ “Сарај” кај Скопје. За време на натпреварите, капиите на стадионот беа секогаш широко отворени, па многубројните посетители на Градскиот парк можеа веднаш да влезат на трибините и да ги следат сите важни збиднувања. Популарноста на атлетиката во тие години и многубројните атлетски асови беа вистинската магија за привлекувањето на спортската публика која во голем број навиваше како на фудбалските натпревари. Покрај тренинзите на Градскиот стадион, во тоа време тренинзите често се одвиваа и на атлетската патека на Воениот стадион, веднаш зад западната трибина.

                Како и денес, така и во тоа време се одржуваа куп натпреварите, екипните натпревари, како и поединечните натпревари во јуниорска и сениорска конкуренција. Мошне возбудливи и интересни беа натпреварите за Купот на Македонија. Прво се одржуваа квалификациите, а потоа шесте првопласирани атлетичари настапуваа во финалниот натпревар. Ривалството помеѓу Работнички и Вардар беше толку силно  така да  често до последната дисциплина 4х400 метри, не се знаеше победникот. Постигнатите резултати се испраќаа до АСЈ, и најдобрите се стекнуваа со можност да учествуваат и на финалето на Купот на Југославија. Екипното првенство на Македонија предвидуваше секој клуб да настапи со по два атлетичари во секоја дисциплина. Секој резултат се бодуваше според финските таблици, па збирот на бодовите го даваше екипниот победник на Македонија. Покрај тоа се одржуваа и крос натпреварите во сие категории, а потоа најдобрите учествуваа на државниот крос, па доколку беа во првите 6 пласирани во својата дисциплина, влегуваа во составот на југословенската репрезентација за Балканскиот крос.

                На стручен план во клубот одредено времеработеше  Петар Алексовски Пепо, професор по физичко воспитување во гимназијата “Јосип Броз Тито”. Целиот свој живот го посвети на спортот. Во почетокот на 50-те години беше еден од најдобрите македонски гимнастичари и член на Гимнастичката репрезентација на Македонија. Како педагог, даваше голем придонес во популаризацијата на атлетиката меѓу средношколската младина. Има напишано повеќе трудови од областа на спортот и физичката култура. Во 2002 година го објавил трудот  “Македонските спортисти на ЛОИ”, а во 2008 година и вториот значаен труд  “Бисери на македонскиот спорт 1945/2000 година”.

Во почетокот на 60-те години во Вардар доаѓа Нада Павлова, а во 1963 година и нејзиниот брат  Ристе Павлов. Нада Павлова беше една од најталентираните атлетичарки во Македонија во шеесетите години. Успешно настапуваше во повеќе дисциплини, но најдобри резултати ги постигнуваше на 400 метри, со што успешно ја продолжуваше традицијата на поранешните вардарови sвезди Бистрица Крањец и Вера Шекеринова. Заедно со прославената југословенска рекордерка Вера Николиќ, настапи и за репрезентацијата на Југославија на 400 метри на еден меѓународен натпревар во Скопје.

Нејзиниот брат Ристе Павлов настапувеше најчесто на средните патеки, а мошне успешен беше и на крос натпреварите. Неговите физички предиспозиции му овозможува да постигнува одлични резултати особено во трките на стипл-чез. Во 1967 година, на државното првенство во Марибор, на 1500 метри стипл-чез беше меѓу водечките југословенски атлетичари во оваа дисциплина, а постигнатиот резултат 4:20,3 сеуште претставува рекорд на Македонија. Забележителен успех постигнува  на 1500 метри, кога истрча резултат од 3:52,7. На 800 метри трчаше за 1:57,2. Имаше чест да настапи во југословенската репрезентација на Балканскиот крос во Букурешт, 1969 година. Подоцна Ристо премина во АК “Работнички” каде ја продолжи својата успешна кариера. Нивниот татко Мирко Павлов беше член на управата на АК “Вардар”, а во 80-те години беше избран  за претседател на Атлетскиот сојуз на Македонија.

Во 1963 година во клубот доаѓаат Милош Буцевски и Симе Георгиевски. Како ученици во Економското училиште во Скопје, тие беа откриеи од страна на нивниот професор по физичко воспитување Душко Филиповски. И едниот и другиот ќе остават длабоки траги во македонската атлетика.

Симе Ѓеорѓиевски беше еден од најуспешните атлетичари на 800 метри. Без поголеми

тешкотии трчаше под 2:00,0 , што во тоа време беше мошне добар резултат. Како стандарден член на екипата, Симе секогаш му носеше драгоцени бодови на клубот. Во моето сеќавање ќе остане неговиот настап на меѓународниот митинг во Плзен, 1969 година, кога мошне храбро и успешно ја истрча трката на 800 метри, во која победи тогаш европскиот првак во оваа дисциплина Јозеф Плахи. Во 1970 година беше избран за професионален тренер на клубот. Како член на Организациониот одбор, секогаш се ангажираше во организацијата на меморијалот “Лазо Милошевски”.

                Во тие години за АК “Вардар” настапуваат дваица врвни атлетичари на 400 метри: Миле Павасовиќ, кој еднаш победи на меморијалот  “Лазо Милошевски” и Милош Буцевски  кој во 60-те години извојува две победи, а во 1966 година го собори и рекордот на Лазо Милошевски со резултат 49,4 секунди, и беше еден од најголемите таленти на македонската атлетика. Леснотијата со која трчаше и постигнатите резултати  му обезбедија и учество во репрезентацијата на Југославија. Во 1966 година, Милош Буцевски  заедно со Јакимовски,  Михајлов и Благоев беше член на штафетата 400-300-200-100 која постави нов рекорд на Македонија со време од 2:02.2. За жал, неговата кариера не траеше долго. Кога се очекуваше со брз чекор да се вивне во европскиот врв, Буцевски ја напушти атлетиката.

Наскоро, во клубот доаѓа и Миле Пеповски, кој беше еден од најпознатите атлетски работници, а еден период, кон крајот на 80-те години беше и претседател на Атлетската федерација на Македонија. Воглавном настапувашево трките на 400 и 800 метри. На натпреварите носеше црна маица, по примерот на легендарниот атлетичар од Нови Зеланд, Питер Снел. Со голем успех работеше во организацијата на меморијалот “Лазо Милошевски”.

                Кичевски Митре, како талентирано момче, доаѓа во АК “Вардар” во 1963 година. Неговиот талент доаѓа до израз во трките на средни и долги патеки. Интересно е што беше победник на сите републички кросеви во пионерска конкуренција, како и во категоријата за помлади и постари јуниори и помлади сениори. Едноставно, не признаваше било кој во Македонија да биде пред него. На атлетската патека, Митре иако небеше рекордер, секогаш се наоѓаше во врвот на македонската атлетика.  По завршувањето на кариерата како атлетичар, Митре станува  атлетски судија. Често ја обавуваше и  улогта  на делегат на натпреварите. Како нлен на  ИО на АК “Вардар”, постојано придонесува во подобрувањето на условите за работа на клубот. Во повеќе мандати беше делегат на Собранието на АФM, како и член на ИО на АФМ. Денес е член на Надзорен одбор на АФМ. Во 1964 година, на иницијатива на Митре, во АК “Вардар” доаѓа неговиот најдобар другар од детството и младоста, Ивановски Мире.

Ивановски Мире беше еден од најдобрите среднопругаши и долгопругаши во Македонија. Најчесто настапуваше во висциплините 5000 и 10000 метри. Беше мошне одговорен, како на тренинзите, така и на натпреварите. Како мошне борбен атлетичар  никогаш не се предаваше пред својот конкурент. Често применуваше тактика на менување на ритамот на трките, при што после неколку “шприцеви”, успеваше да го скрши отпорот на противникот и да му донесе драгоцени бодови на својот клуб. По повлекувањето од атлетската патека, продолжува да работи во атлетиката како член на судиската организација и член на ИО на Вардар.

                Во знак на сеќавање на големиот атлетичар na АК “Вардар”  и спортски репортер, од 1964 година се одржуваше и атлетскиот митинг меморијалот „Лазо Милошевски“. Атлетскиот меморијал „Лазо Милошевски“ со години претставуваше една од најквалитетните, не само атлетски, туку спортски приредби што со години се одржуваше во нашата Република. Оваа манифестација беше влезена во меѓународниот атлетски календар со учество на познати светски имиња од голем број земји во светот.

Од лево кон десно - стојат: Терзиев Перо, Тошко Апостолски (претседател на клубот), Ѓорѓи Нечев (тренер). Долен ред: Кичевски Митре, Ивановски Мире, Николовски Васил

Од лево кон десно – стојат: Терзиев Перо, Тошко Апостолски (претседател на клубот),
Ѓорѓи Нечев (тренер). Долен ред: Кичевски Митре, Ивановски Мире, Николовски Васил

                Политиката на клубот беше насочена кон поквалитетна стручна работа со атлетичарите. Затоа, во 1965 година за професионален тренер беше ангажиран Ѓорѓи Нечев, од Софија. Тој беше поранешен член на АК “Левски ”и член на репрезентацијата на Бугарија на 400, 800 и во штафетата 4х400 метри. Покрај тоа што беше извонреден атлетичар, Нечев беше и мошне школуван и едуциран човек.  Се стекнал со дипломи на Економскиот факултет и Факултетот за физичка култура. Освен тоа, владеел и со странски јазици. Со него дојде и неговата сопруга, која со голем успех работеше како тренер во ОК “Вардар”. Со примената на современите методи во програмирањето на тренинзите, Нечев успеа да изгради една нова атмосфера во клубот и да создаде повеќе врвни атлетичари кои станаа македонски рекордери, а некои го облекоа и дресот на југословенската репрезентација.

                Еден од најсестраните атлетчари во Вардар беше Перо Терзиев. Со успех настапуваше во дисциплините 110 метри со пречки, 400 метри, 400 метри со пречки, а со голем успех настапуваше и во штафетите 4х100 и 4х400 метри. Особено беше успешен во трките на 400 м. со пречки. Повеќе години беше македонски рекордер во оваа дисциплина. Во 1968 година беше член на младинската штафета 4х100 метри, која стана првак на Југославија. Како сестран атлетичар, повремено се натпреваруваше и во најтешката атлетска дисциплина, десетобој.

                Сотир Гавриловски беше најуспешниот атлетичар на АК “Вардар”на средни и долги петки во шеесетите и почетокот на 70-те години. Во клубот дојде во 1965 година, од гимназијата “Јосип Броз Тито” (поранешна Женска гимназија), каде што професор по физичко вспитување му беше Петар Алексовски Пепо. Во периодот на своите најголеми постигања беше рекордер на Македонија во сите дисциплини од 800 до 10.000 метри.  Беше член на југословенската репрезентација на 1.500 метри .

                Во 1970 година во Белград, во незаборавна трка на 1.500 метри постигна извонреден резултат од 3:46,6 што се уште претставува званичен рекорд на Македонија.

                Во периодот на својата атлетска кариера, Сотир Гавриловски неколкупати се наоѓаше на листата 10 најуспешни спортисти на Македонија. Во 1964 беше десети, во 1967 година го освои третото место, а во 1970 година повторно беше десети.

Во средината на 60-те години боите на “АК Вардар” ги бранат дваица извонредни спринтери Зоран Тасевски и Цветан Панев.

                Зоран Тасевски во атлетиката се вклучи  како ученик во гимназијата “Орце Николов”, каде што како професор по физичко воспитание  работеше Љубица Несторова, познат атлетски работник. Не требаше многу време Тасевски Зоран да го искаже својот раскошен талент, бидејќи уште на самиот почеток победуваше во дисциплините на 100 метри и скок во далечина. Голем успех постигна на првенството на Југославија за младинци, кога го освои првото место. Најголемите успеси ги постигна работејќи со познатиот бугарски тренер Ѓорги Нечев. На меѓународниот митинг во Стара Загора (Бугарија) одржан во 1968 година, во трката на 100 метри Тасевски истрча 10,6 што претставуваше младински и сениорски рекорд на Македонија.  Во изборот на најдобрите спортисти во Македонија во 1968 година, Тасевски го освои 6 место. Во 1976 година во Скопје прескокна 7,15 м. и тој резултат е се уште актуелен сениорски рекорд на Македонија. Во 1975 година со Чадиковски, Коевски и Благоев настапи  за репрезентацијата на Македонија во штафетата 4×100 кога беше поставен републичкиот рекорд со време од 42,7.

Своите спринтерски квалитети во АК Вардар ги потврдуваше и Цветан Панев. Со својата извонредна конституција и техниката  во трчањето, набрзо стана непобедив во трките на 200 метри. Настапуваше на повеќе републички и меѓународни натпревари. Беше незаменлив член на

штафетата 4×100 и 4×400 метри. На 200 метри на младинското првенство на поранешна  Југославија одржано во Скопје стана државен првак. На истиот натпревар екипата на АК “Вардар” во состав  Карер, Терзиев, Панев и Тасевски, на 4×100 исто така стана шампион на Југославија. На 400 метри, без поголеми тешкотии трчаше 50,0 , но се чини дека неговите можности беа далеку поголеми.

                Во 1967 година штафетата на АК Вардар 4X400 со 3:30,0 постави нов рекорд на Македонија, кој се уште претставува најдобар резултат во категоријата младинци до 19 години.

 Од лево кон десно: Ивановски Мире, Кичевски Митре, Терзиев Перо, Владимир Карер,                                                                       Николовски Васил

Од лево кон десно: Ивановски Мире, Кичевски Митре, Терзиев Перо, Владимир Карер,
                                                                      Николовски Васил

.

Во втората половина на 60-те години, клубот имаше извонредни атлетичари во речиси сите дисциплини, вклучувајќи го и скокот со стап. Континуитетот во во оваа дисциплина го продолжија Васил Николовски и Владимир Карер. Мошне забележителни резултати кон крајот на 60-те години години постигна Владимир Карер, како на републичките натпревари, така и на сојузните и репрезентативните настапи. Како член на југословенската репрезентација, во младинска конкуренција, во 1968 година во Ливорно прескокна височина од 3,90, со што го постави македонскиот рекорд. Покрај тоа, во 1969 година во Белград постави рекорд и во сала, кога прескокна 3,60. Покрај настапите во скок со стап, Карер беше и член  на штафетата 4×100 метри, која во 1968 година во Скопје, заедно со Перо Терзиев, Цветан Панев и Зоран Тасевски, постигна резултат 43,5, кој се уште претставува клупски рекорд на Македонија со рачно мерење.

                Уште еден член на АК “Вардар” успеа да се пробие во врвот на македонската и југословенската атлетика.  Се работи за Љупчо Трајчев кој своите најдобри резултати ги постигна во фрлањето копје. И тој беше дел од шампионската екипа со која работеше Ѓорѓи Нечев. Покрај оваа дисциплина, кога се работеше за потребите на клубот, тој со голем успех настапуваше и во другите фрлачки дисциплини, фрлање диск и ѓуле. Во 1975 година, во Сараево, Трајчев го фрли копјето во должина од 69,68 што претставуваше сениорски рекорд на Македонија со старо копје. По завршувањето на кариерата, беше претседател  на АК “Вардар” и претседател на Атлетскиот сојуз на Македонија. Во неговиот мандат, во 2003 година во Скопје, беше организиран Балканскиот крос на кој зедоа учество сите држави членки на Балканската атлетска федерација. Сестрата на Љупчо, Благица Трајчева исто така беше рекордерка на Македонија во копје.

h5

Дел од судиите на Балканскиот крос во Сарај, 1969 година. Во прв план се Грековски Џоџа и                                                  Љубица Алексиева, главни судии

                Покрај републичките натпревари, во Скопје се одржуваа и други атлетски средби. Од 1964 година почна да се одржува традиционалниот атлетски митинг “Лазо Милошевски”, кој повеќе од 30 години претставуваше врвна атлетска манифестација. Покрај тоа, Во Скопје се одржуваа и поединечни првенства на Југославија, а во 1968 година беше одржав Младинскиот куп на републиките и покраините. Во 1969 година, Скопје беше организатор на Балканскиот атлетски крос. Вредните атлетски работници  кросот го организираа во СРЦ “Сарај”, а според пишувањата на медиумите претставуваше беспрекорно организирана манифестација. Во нашите сеќавања ќе остане извонредниот финиш на Дане Корица, кој на 12.000 метри успеа да го победи бугарскиот атлетски ас  Михаил Желев, кој во тоа време беш шампион на Балканот на 3.000 стипл-чез.

h6

Гостување во Плзен, Чехословачка, 1969 година. Од лево кон десно: гостин на клубот, Наумовски Веле, Николовски Васил, Јовчевски Раде, Стојановски Бранко, Јовановиќ Драган, Антевски Благоја,  Ѓорѓи Нечев (тренер), Јевтиќ Спиро, Бошковиќ Мирослав, Андреевски Атанас

                АК “Вардар” соработуваше со АК “Левски” од Софија, со Стара Загора, Станке Димитров и др. а во 1969 година учествуваше на големиот меѓународен митинг во Плзен, Чехословачка. Беше воспоставена соработка и меѓу градовите Скопје и Брашов, Романија.

                                АК Вардар – победник на Купот на Македонија во 1973 година

Од лево кон десно, горен ред: Ѓорѓиевски Симе (тренер), Стаменков Лазе, Пеповски Миле (тренер), Ангеловски Ацо, Антевски Благоја, Тасевски Зоран, гостин на клубот, проф. д-р Тодор Пеливанов,Грековски Џоџа (претседател на клубот); долен ред: Јовановски Живко, Трајчев Љупчо, Вељановски Александар, Василев Иван, Бошковиќ Мирослав, Гавриловски Сотир, Трајковски Момо, Јовчевски Раде

Од лево кон десно, горен ред: Ѓорѓиевски Симе (тренер), Стаменков Лазе, Пеповски Миле (тренер), Ангеловски Ацо, Антевски Благоја, Тасевски Зоран, гостин на клубот, проф. д-р Тодор Пеливанов,Грековски Џоџа (претседател на клубот); долен ред: Јовановски Живко, Трајчев Љупчо, Вељановски Александар, Василев Иван, Бошковиќ Мирослав, Гавриловски Сотир, Трајковски Момо, Јовчевски Раде

 ПРОДОЛЖУВА…

Пишува: проф. Мирослав Бошковиќ