Авторот: Во декември 2007 година, спортското друштво Вардар на достоинствен начин, го одбележа јубилејот, 60 години од формирањето на друштвото. На свеченоста беа доделени повеќе признанија на најзаслужните спортисти, тренери и функционери кои дадоа свој удел во афирмација на друштвото и на сите клубови, од големото семејство Вардар. Со одлука на СД “Вардар” беше востановено признание “Bеликан на Вардар” кое го добија 18 спортисти и тренери од разните клубови. Од АК “Bардар”, ова признание го добија Исмаил Мачев и Симеон Георгиевски.
Почетоците на атлетската кариера на Мачев Исмаил се врзани токму за АК “Bардар”, за соблекувалната под јужната трибина на Градскиот стадион во Скопје. Како и многу други дечиња, така и Мачев мечтаеше да стане фудбалер на ФК “Bардар”, најуспешниот фудбалски колектив во историјата на македонскиот фудбал. Помошниот терен, кој се наоѓаше веднаш до Градскиот стадион, претставуваше најомиленото собиралиште на младитеспортисти. Љубовта кон овој спорт не му беше адекватно возвратена. Мал и недоволно физички силен да ги издржи сите напори кои фудбалот ги бара, беа причина еден ден тренерот да му соопшти да се преонтира на друг спорт. Го напушти фудбалот и на 12-годишна возраст, дојде во нашиот клуб. Со голема посветеност доаѓаше на тренинзите, како да сакаше што побрзо да ги заборави непријатните спомени кои го врзуваа за фудбалот, и да започне еден нов спорт кој подоцна ќе му донесе многу успеси, рекорди, патувања, медали и безброј спортски пријатели.
Со својата конституција, Мачев Исмаил повеќе потсетуваше на атлетичар на долги патеки. Иако најмлад меѓу останатите членови на клубот, тој мошне брзо се адаптираше и редовно тренираше. Неговите настапи на републичките кросеви, не го одделуваа од неговите врсници од другите клубови. Требаше да поминат неколку години физички созрее, и да може рамноправно да се бори со останатите. Во првите години работеше со тренерите Симе Георгиевски и Вацев Васил, кој му беше и професор во средното образование.Подоцна ќе мине кај нашиот сосед АК “Работнички”, каде извесно време работеше со тренереот Ѓорѓи Вучков. Своите најголеми успеси ќе ги постигне во АК “Црвена Звезда”, со познатиот тренер од Бугарија, Христо Гергов.
Мачев Исмаил е роден на 3 јануари 1960 година во Скопје. По завршувањето на основното образование, Мачев се запишува во Средното стручно училиште “Kоце Металец”, во електро насоката. Тоа беше најголемо средно училиште во Македонија. Прекрасните терени околу училиштето, фискултурните сали и многубројните реквизити, му овозможуваа да и во училиштето, покрај атлетската патека на стадионот, редовно да тренира. Љубителите на атлетиката веројатна не знаат дека токму во тие години, покрај училиштето постоеше стометарска атлетска патека од шљака, која беше користена како за тренинзите, така и за изведување на наставниот процес по физичко воспитување. А неколку години по него, во Вардар доаѓа и Сачевски Сокол, една година помлад од Мачев (1961). Како физички посилен, Сачевски за кратко време успеа да се наметне како најуспешен атлетичар токму во оние дисциплини, во кои подоцна Мачев ќе биде уште поуспешен. Така, ако се следат рекордите на Македонија за младинци, сите рекорди во спринтерските дисциплини ги држеше Сачевски Сокол.
Средното образование беше периодот кога Мачев физички созреа, а со неизмерната воља и посветеност кон тренинзите, се повеќе го најавуваше неговото време кое доаѓаше.Стана член на младинската репрезентација на Македонија, а на една од фотографиите кои ги поседувам, може да се види на натпреварот во Суботица на младинскиот куп на републиките и покраините во 1978 година. И дури во 1981 година, во Скопје, го постави новиот сениорски рекорд на Македонија на 200 метри, а резултатот беше 21,5 со рачно мерење. Почна да победува и во дисциплината на 400 метри. Со успесите кои ги постигнуваше, го сврте вниманието на спортската јавност во Македонија, а во изборот за најдобар спортист на Македонија го освои мошне солидното 6 место.
1983 година беше годината на целосната афирмација на овој атлетичар. Речиси да немаше натпревар во земјата и во странство, а да не постигнувеше победи и рекорди, како на отворено, така и во сала. Најнапред, во февруари 1983 година, во Ѓенова, Италија, постави нов македонски рекорд во сала со време 49,12. Во мај 1983 година, во Дебрецин, Унгарија, на 200 метри трката ја истрча за 21,80 , што претставуваше нов рекорд на Македонија и со електронско мерење. Набрзо потоа, станува победник во дисциплината на 400 метри на државното поединечно првенство на Југославија. Но круната на неговите успеси во оваа година претставуваше неговиот настап на Медитеранските игри во Ка забланка, Мароко. Покрај освојувањето на 6 место на 400 метри, Мачев постигна и најдобро време во историјата на македонската атлетика во оваа дисциплина, поставувајќи нов македонски рекорд од 46,27 , кој е сеуште званичен рекорд на Македонија за сениори. На крајот на оваа година, Мачев беше избран меѓу 10 најуспешни спортисти за 1983 година, освојувајќи го 5 место. Кон ова треба да го спомнеме и високото спортско признание, добитник на 13 ноемвриската награда од Сојузот на спортови на Скопје за 1983 година.
Подемот на Мачев продолжува и во наредните години. На Европскиот шампионат во сала, кој се одржал во 1983 година во Мадрид, Шпанија, Мачев Исмаил го освоил 4 место во полуфинале и нов македонски рекорд 47,78. Како победник на поединечното првенство на Југославија на 400 метри, успеа да се избори во составот на југословенската репрезентација на Европскиот шампионат во Штутгарт, Германија, каде постигнал резултат 47,78 .
1987 година, Мачев Исмаил ја започна исто така со голем успех. На 400 метри во сала, кое се одржало во Будимпешта, Унгарија, уште еднаш го подобрува македонскиот рекорд, а неговиот рекорден резултат изнесува 47,49. Оваа година, на поединечното првенство на Југославија , во Љубљана, станува државен првак на 400 метри при што го пстигнува својот најдобар резултат во својата кариера, 45,83 . Со оглед на тоа што Мачев во овој период стана член на АК “Црвена Звезда”, овој резултат не е и рекорд на Македонија. Во 1987 година, на Медитеранските игри во Латакија, Сирија, Мачев го освојува 2 место и сребрен медал, со време 46,23 . Како вистиски атлетски ас, наскоро настапува и на Светскиот шампионат во Рим, Италија. На 400 метри постигнува време од 46,54 , додека како член на штафетата 4х400 метри резултатот бил 3:03,30 .
Во 1987 година, во АК Црвена Звезда доаѓа познатиот бугарски тренер и стручњак Христо Ицо Гергов. Меѓу останатите задачи, Гергов требаше да го искористи потенцијалот на тогашните спринтери на 400 метри и да работи на создавање на една врвна штафета 4х400 метри. Во таа штафета, покрај Мачев Исмаил, свое место зазедоа и Слободан Бранковиќ, Бранислав Караулиќ, Дејан Јовковиќ и Слободан Поповиќ, кој таа година стана студентски првак на светот на Универзијадата во Загреб, 1987 година. Своето богато искуство и стручноста мошне успешно ги пренесуваше на своите пулени. Многу внимание се посветуваше и на зимските подготовки. Така, во 1987-1988 година, штафетата со тренерот беше на повеќедневни висински подготовки во Мексико.
Во 1988 година се одржаа Летните олимписки игри во Сеул, Јужна Кореја. На овие игри, Мачев успеа да се избори за настап во две дисциплини: 400 и 4х400 метри. На 400 метрти, во првата фаза го освои 5 место со време 46,37, со тоа го заврши настапот во оваа дисциплина. Потоа, зедно со Слободан Поповиќ, Дејан Јовковиќ иСлободан Бранковиќ, настапи и во штафетата. Во првата квалификациона рунда, беше 2 со време 3:05,62, со што избори пласманво полуфиналето. Во наредната трка, штафетата постигна извонредно врееме 3:01,59 и 5 место, но тоа небеше доволно и за влез во финалето.
Истата година, настапува и на Купот наЕевроп, во Венеција, Италија, ка де заедно со Дејан Николиќ, Бранислав Караулиќ и Слободан Поповиќ настапи во штафетата 4х400 метри. Покрај своите стандардни дисциплини 400 метри и 4х400 метри, за потребите на својот клуб настапува и во другите атлетски дисциплини. Така, на екипното првенство во Сараев, на 800 метри постигнува личен рекорд со време 1:47,4
Во 1989 година, неговиот клуб Црвена звезда пстигнала извонреден успех, освојувајќи насловот на шампион на Европа. На овој натпревар Мачев настапил во штафетата 4х400 метри, која го освоила 1 место.
Во 1990 година, на натпреварот во сала, на 400 метри го постигнал својот личен рекорд од 47,11. Истата година се одржал Европскиот шампионат во Сплит, каде настапил во штафетата 4х400 метри. Штафетата настапила во финалето со резултат 3:02,46 .
1991 година ќе остане периодот на најголемите успеси на Мачев Исмаил на меѓународен план. На Медитеранските игри во Атина, Мачев Исмаил настапил во штафетата 4х400 метри, која го освои 2 место и сребрен медал со време 3:03,74. Истата година, Мачев настапи и во штафетата 4х200 метри во сала во Торино, Италија. Оваа штафета во состав Ненад Ѓуровиќ, Слободан Поповиќ, Мачев Исмаил и Слободан Бранковиќ постави нов државен рекорд со време 1:25,11 .
Најголемиот успех во својата долга и успешна спортска кариера, Мачев Исмаил го постигна на Светското првенство во Токио, 1991 година. Во тоа време, во Белград тренираше една извонредна група четристометераши: Слободан Бранковиќ, Мачев Исмаил, Дејан Јовковиќ и Ненад Ѓуровиќ. Со ова екипа работеше извонредниот бугарски тренер и стручњак Христо Ицо Гергов. Интересна е една информација кој што ја пронајдов пред извесно време, а врзана за подготовките на оваа штафета. Имено, со цел да се одржат поквалитетни подготовки, висинските подготовки беа реализирани на планината Златар, каде се наоѓаат идеални природни услови, идентични на условите како во Кенија. Имајќи ги во предвид индивидуалните квалитети на овие атлетичари, Гергов изработи стратегија и план за настап на атлетичарите во штафетата 4х400 метри, така да сите подготовки беа фокусирани исклучиво кон оваа дисциплина. Со цел да се зачува свежината и да се поштедат од евентуални повреди, овие атлетичари настапија само во штафетата.
Во квалификациите, штафетата 4х400 метри настапи во 3 квалификациона група, во која трчаа следните екипи: Барбадос, Југославија, Велика Британија, Кенија и Аустралија. Во првата измена настапи Дејан Јовковиќ, кој штафетата му ја предаде на Ненад Ѓуровиќ. Мачев Исмаил, во третата измена, штафетата ја прими како трет, а ја предаде исто така како трет. Во четвртата измена настапи Слободан Бранковиќ. Водеше беспоштедна борба, и како втор успеа да влезе во целта. При тоа, второпласираната штафета на Југославија постигна фантастичен резултат 2:59,95 . И денеска, овој резултат е најдобар на просторот на Југоисточна Европа. Благодарејќи на извонредниот резултат во квалификациите, штафетата се здоби со право да настапи и во финалната трка. На стартот штафетите беа распоредени според овој редослед: 1. Maроко 2. Куба, 3. Велика Британија, 4. Јамајка 5. САД, 6. Југославија, 7. Германија, 8. Кенија.Мачев настапи во тртата измена. Како петопласиран му ја предаде штафетата на последниот член, Слободан Бранковиќ. Во задните метри, Бранковиќ успеа да и обезбеди 4 место на штафета со време 3:00,32 , зад Велика Британија, САД и Јамајка. Со тоа, СП во Токио, на шатафетата на Југославија 4х400 метри и донесе рекорд и најдобар пласман на светските првенства.
Во наредната , 1992 година, бев во Организациониот одбор на меморијалот “Лазо Милошевски” кој го покани и нашиот поранешен член Мачев Исмаил. Бевме среќни кога повторно дојде во нашата средина. Се радувавме на неговиот голем успех во Токиои и повторната средба сонашиот некогашен член. Во меморијалната трка на на 400 метри на Градскиот стадион во Скопје, која се одржа во полувремето на фудбалскиот натпревар Вардар- Брегалница, супериорно победи и уште еднаш ја израдува скопската публика.
Иако ја мина 30 година, Мачев со голем успех настапуваше и во својата четврта деценија. Храбро се носеше со многу помладите од себе. Сепак, еден ден мораше да ја донесе и одлуката за крај на својата кариера како атлетичар. Мачев тоа го направи во 1995 година, со настапот во Купот на Европа во Талин. Ја доби честа, како најстар учесник, да биде капитен на својата репрезентација. Тоа беше и крајот на неговата долга и успешна професионална кариера.
Збогувањето со професионалната кариера, за Мачев Исмаил не значеше и одделување од атлетиката. Напротив, остана и понатаму во овој спорт, но во улога на професионален тренер. Своите знаења и богатото искуство, со голем успех го пренесува на своите пулени, кои одат по стапките на својот тренер и педагог.
Пишува> Професор Мирослав Бошковиќ