Wednesday ,13 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Марко Ивановски атлетичар на Атлетскиот Клуб Вардар
Марко Ивановски  атлетичар на Атлетскиот Клуб Вардар

Марко Ивановски атлетичар на Атлетскиот Клуб Вардар

Марко Ивановски е 27 годишен атлетичар на Атлетскиот Клуб “Вардар”, кој е член на клубот уште од 2001-та година и е дел од семејната традиција на овој клуб бидејќи и неговиот татко Мире Ивановски со успех има настапувано за клубот во 70-те години. Марко е атлетичар кој трча на средни и долги патеки, а кој за ВардарФанс.мк даде една ретроспектива на неговата сезона 2014.
За мене оваа сезона требаше да биде почеток на мојот кам-бек во македонската атлетика после долгиот период на опоравување од тешки повреди (операција на колено, скината задна ложа, повреда на ахилова тетива итн). За таа цел повторно почнав да соработувам со нашиот најдобар маратонец Трпе Мартиновски, но сезоната и овој пат не тргна најдобро, односно во првиот дел од сезоната имав здравствени проблеми со плуќата кои што ме оневозможија да го дадам максимумот на трките на кои настапив – крос Гази Баба XC Challenge, митинг Отварање на Сезона, крос Методи Веновски, Државното Првенство на 10.000 метри, Купот на Македонија за сениори и Поединечното Првенство за сениори, а бев принуден и да го откажам настапот на трката на 5.000 метри на Скопскиот Маратон. Бидејќи фокусот во овој период ми беше ставен на пократките дистанци, единствените забележителни резултати ги постигнав на трката од 1.000 метри на митингот Отворање на Сезона (2-ро место, 2:46;01) и трката на 1.500 метри на Поединечното Првенство на Македонија за сениори (2-ро место, 4:23;35).

marko tu
По завршувањето на првиот дел од сезоната со мојот тренер Трпе Мартиновски започнав со подготовките за вториот дел од сезоната, на кој акцент беше ставен на подолгите дистанци, односно таргет трка ми беше Полумаратонот во Подгорица и дистанците од 10.000 метри на Државното Првенство на Македонија во Крос-Кантри и Балканското Првенство во Крос-Кантри, како и трката на 10.000 метри во рамките на Маратонот во Истанбул.
Како подготовка за овие трки во Септември имав и контролна трка на дистанцата од 5.000 метри на Купот на Македонија за Јуниори (вон конкуренција) на која што истрчав резултат од 16:37;02, што беше показател дека формата ми оди во правилна насока.
Следуваше периодот од втората половина од Октомври и првата половина од Ноември, каде за 4 викенди имав настап на 4 трки. Првата трка ми беше настапот на Полумаратонот во Подгорица (втор полумаратон за мене, првиот го имав истрчано во 2011 година), каде го освоив 9-то место од 150 полумаратонци со време на нов личен рекорд 1:21;04, иако силниот ветер во гради ме оневозможи да постигнам подобро време.
Следна трка беше Државното Првенство во Крос-Кантри на 10.000 метри каде го освоив 3-то место со нов личен рекорд од 34:38;15, по што добив повик од Атлетската Федерација за настап за репрезентацијата на Македонија на престојното Балканско Првенство во Крос-Кантри во Дарица, Турција.
На Балканското Првенство повторно успеав да постигнам нов личен рекорд на дистанцата од 10.000 метри – 34:16;43, а голем успех беше и освоеното 3-то на репрезентацијата на Македонија во екипна конкуренција, веднаш позади репрезентациите на Турција и Романија.
Следен беше настапот на трката на 10.000 метри во рамките на престижниот Маратон во Истанбул (категорија Gold Label од IAAF), каде го постигнав најважниот успех во мојата кариера, освоено 3-то место (35 мин. 40 сек.) во конкуренција од повеќе од 6.000 натпреварувачи!

marko
Добрите резултати беа причина повторно да добијам повик од Атлетската Федерација, овој пат за настап за репрезентацијата на Македонија на престојното Европско Првенство во Крос-Кантри во Самоков – Бугарија во Декември, што требаше да биде круна за заокружување на сезоната 2014, но во текот на подготовките се здобив со повреда на скочниот зглоб која што не успеав да ја санирам на време и бев принуден да го откажам овој настап за репрезентацијата.
За мене следува одмор до 25-ти Декември, по кој ќе започнам со подготовките за следната сезона, која што првите трки ќе ги дочека веќе во месец Март.

Leave a Reply