Wednesday ,08 May 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > АТЛЕТИКА! Василевски го имаше “Огненото кршевање“ тој беше до пеколот и назад на својот деби маратон кој успеа да го финишира
АТЛЕТИКА! Василевски го имаше “Огненото кршевање“ тој беше до пеколот и назад на својот деби маратон кој успеа да го финишира

АТЛЕТИКА! Василевски го имаше “Огненото кршевање“ тој беше до пеколот и назад на својот деби маратон кој успеа да го финишира

Mинатиот викенд   се одржа Скопскиот маратон по 12 пат. Од истиот за прв пат се вршеше директен пренос на МТВ1. Учество земаа близу 8.000 тркачи од 46 земји од целиот свет. Вардар имаше 6 свои тркачи. Дејан Василевски и Трпе Mартиновски на маратон. Петре Завировски и Марко Ивановски на полумаратон. Стефан Станковиќ и Игор Димитровски на 5км. Дејан Василевски го финишираше својот дебитански маратон со резултат од 5:19:18. Успеа да ја мине пеколната 42 километарска делница. Ги победи километрите и постана Маратон финишер. Дисциплината која представува врв на човештвото и олимпизмот Маратонот. Василевски веќе ја финишираше пеколна маратонска борба на пеколните Скопски улици. Ви ја носиме неговото искуство за првиот пеколен маратон во неговиот живот, ова младо момче првпат се сретна со дистанца подолга од 42.000 метри, кои ги трчаше на скопските улици по топло и непријатно време, младиот Дејан се избори сам со себе. Тој го победи другиот во себе беше до “пеколот и назад“ за да на крај го оствари сонот да финишира на оваа пеколно тешка дистанца.

Поминаа 5/6 дена по трката..
Се уште го чувствувам адреналинот во крвта..
Ќе почнам од почетокот, од самата стартна линија. Рамо до рамо барем на момент со Кенијците, вклучувајќи го и новиот рекордер на патеката, со најдобрите македонски атлетичари, веднаш до мојот тренер, од кого добив дополнителна енергија. Се уште чувствувам како е да се биде дел од елитната стартна линија, настрана од сите други тркачи. Завршував со зацврстување на врвките на патиките кога почна одбројувањето од 10. Се слушаа бодрења од сите страни.. 3, 2, 1 и.. долгото патување од 42,2км започна. „Среќен пат“ си реков во себе. Успеав да се победам себеси и да не дозволам тие страшно силни емоции да ме поведат со темпо кое ќе значеше крај уште пред стартот, затоа што со сигурност ќе ги исцрпев ресурсите до најмногу 25-ти километар, а на такво сонце веројатно и порано. Морам да напоменам, од самиот старт чувствував некоја болка во левиот дел од половината. Беше тоа нешто што го почуствував за првпат денот пред трката, кога правев лесно истрчување од 20-тина минути, за да се загреам. Но понатаму за ова.. Додека го трчав првиот круг (првите 21,1км) со неверојатна леснотија и свежина (настрана таа болка, не влијаеше тоа на моето темпо и свежина), а истовремено пристојно темпо за финиш на полумаратон за 1ч:55мин (седум минути подобро од мојот личен рекорд до пред еден месец, а сега седум минути побавно од новиот), се присетував на моментите кога претходно два пати на овие улици во рамки на Скопски Маратон сум трчал полумаратони. Се присетив колку пеколно ми изгледаа овие улици тогаш, кој страв сум го чувствувал тогаш уште во Карпош, за она што ме очекува на крајот од трката на бул. Јане Сандански. Сега тоа не постоеше, едноставно трчав како да правам тренинг од десетина километри. Си помислив „напреднат сум, затоа, ама сепак кога ќе дојдам во Аеродром ќе биде тешко“. И се излажав. Беше како во убав сон кога веќе се враќав од Јане Сандански кон Центар, а се чувствував како трката да не е ни започната. И конечно, крај на првиот круг, проаѓам покрај триумфална порта, се издвојувам од полумаратонците кои продолжуваат право низ неа и финишираат, и тргнувам преку Рекорд, во пеколот наречен втор круг (втори 21,1км). Колку за споредба, тој ден од мажите кои трчаа на полумаратонската трка, финиширале 900 од нив. Јас, на финиш на мојот прв круг, односно баш полумаратон, сум имал премин на време, кое доколку ја завршев трката во тој миг кај триумфална, ќе сум завршел 300 од 900-те полумаратонци. Зборуваме сепак за време кое сум го истрчал во рамки на мојата маратонска трка, а не мое најдобро време што би го истрчал тој ден доколку и јас бев пријавен на полумаратонската трка. Сметам дека ова говори многу. Претходни години сум бил меѓу последните места кога сум трчал полумаратон, сега завршувам 300/900, притоа трчајќи маратон. Но нека не ги излаже ова оние кои читаат, а се разбираат во атлетиката, да помислат дека е токму ова тоа што ме уништи во подоцнежниот дел од трката, дека премногу брзо темпо сум држел во првиот дел од трката. Да се разбереме, уште погоре напоменав, темпото со кое ги поминав тие 21,1км не го ни почуствував, едноставно се чувствував како да спијам, а не да сум прошол полумаратон. Не станува збор за префорсирање во првиот дел од трката, она што ме сруши беше навистина непријатно.
Да продолжиме.. се „разминав“ со триумфалната порта и тргнав накај Рекорд. Тука се случи еден огромен пресврт за мене. Нешто што го очекував, но на кое подзаборавив додека го трчав првиот круг во друштво на 250 маратонци и 1500 полумаратонци, пред и позади мене. Поприлично доволна густина од луѓе беше тоа, кога ќе се земе предвид и публиката на некои делови од патеката. Кога го поминав Рекорд, и освен со полумаратонците кои финишираа се разделив и со публиката на Рекорд, настана штама. Едноставно немаше луѓе по улиците. Автомобили кои чекаа на главните раскрсници, и по 1-2 полицајци, но од страните на патеката немаше никој. Погледнувам позади, еден тркач на 500 метри оддалеченост, напред исто. Ми беше јасно, пеколот започна. Она на кое подзаборавив, а тоа е дека после отприлика 2 часа, Скопски Маратон за публиката и јавноста завршува. Остануваат само 100-200 маратонци распоредени на дистанца од 20 километри. Два пати ме поминаа двајца дечки, кои трчаа штафетен маратон, па надоместуваа што останатите членови на екипата им биле побавни. Ја разбија монотонијата на кратко, но долга беше дури и „Илинденска“ тој ден. Без никого околу мене, чекор по чекор, навлегував во 24-тиот километар, навлегувајќи во стартот на агонијата која тогаш и започна. Доживеав катастрофален пад. Се срушив уште на 24-ти километар, иако на тренинг 25 километри се нормална дистанца. Во еден миг размислив дека кога немам изгледи дека ќе успеам до крај со оглед на прераната криза и пеколните дури 18 километри до крај, паметен потег за мене ќе биде ако веднаш се откажам и ја прекинам агонијата, па покрај тоа што ќе оставев сонот да ми падне во вода, и да го исполнам во иднина, би можел да се здобијам и со повреда, или не дај боже нешто пофатално. Но ако умот размислува паметно, срцето воопшто и не размислува, само не води онаму каде што сака, па ми го затрепери целото тело уште еднаш со помислата колку ќе сум среќен кога ќе ја згазам финиш-линијата и ме оттргна од неубавите мисли. Но агонијата не си оди тукутака, кога еднаш телото ќе почне да се „распаѓа“ од болка и истоштеност, не застанува.
На моја голема среќа, на 24-тиот километар, во агонијата ми се придружи човекот кому вечно ќе сум должен. Човекот кој ми помогна да не се откажам во моментите кога ми беше ужасно тешко. Мојот, од тој ден брат, а не пријател, Баже, кој до 24-тиот километар беше публика. Од 24-тиот километар, па до самиот финиш ми беше партнер во пеколот низ кој поминавме. Ми се придружи во трчањето и тргнавме кон Карпош 4. Некаде кај СЦ Борис Трајковски во маката ни се придружи еден маратонец кој не стигна за „друштво“. Дечко нешто постар од мене, кој ми призна дека и тој е влезен во фазата на распаѓање поради пеколното време. Се согласивме чекор по чекор, да ја делиме маката до крај, и никако да не се откажеме. Баже не беше предвидено да остане со мене до крај, туку да ми направи „друштво“ 4-5 километри. Така што во овој момент утеха сепак гледав во тоа што ќе имам до себе маратонец кој е во слична состојба, до самиот крај. Во Карпош 4 откако се сретнав со мојата публика и ми се врати некоја енергија во целото тело, помислив дека сепак регенерирав дел од уморот. Но не траеше тоа задоволство ни километар. Веднаш кај студентскиот дом Гоце, на кривината за Хром, ми се врати агонијата. Му велам на дечкото, да издржиме до 32км, потоа ќе поставиме нова цел, и така до крај. Стигнуваме на делот за полукружно вртење во Хром, дечкото застанува на освежителната станица да се напие вода, а јас продолжив стотина метри понапред, каде што ме чекаше Баже (претходно пресече пат и се оттргна од нас, велејќи ми дека ќе си оди, само ќе ме почека на тоа место да ми даде изотоник прво). Се напив изотоник, и тргнав кон мостот во Хром. Со Баже требаше да се разделиме во тој момент, но продолжи со мене. Стигнав до мостот, и застанав. Трпев 7 километри нагон за повраќање (научен сум од тренинзи да трпам и до 20 километри со таков проблем, особено поради ситуацијата која знае да ми се случи кога повраќам, а која е доста непожелна), но сфатив дека крајот е далеку, а веќе имам 29 километри под нозете, и ако продолжам ќе паднам. Тука за првпат повраќав. Не сакајќи да го успорувам дечкото (не би сакал некој кој е во агонија и едвај трча, да застане и да ме чека, можеби немаше да може да тргне повторно), му реков да продолжи. Баже остана со мене. Ме помина една маратонка со дечкото кој ја пратеше на точак, па ме праша дали сум добро и дали да ја повика Брзата Помош кога ќе ја види (бидејќи беше понапред на патеката). Реков не, добро сум. Се фокусирав, и продолживме да трчаме со Баже. Но тој ден на маката и немаше крај, од еден проблем во друг. Ете ја болката во левиот дел од половината, што сега беше толку висока, како да ќе ми прсне нешто одвнатре. Знам да трчам со болка (не знам дали е потребно ова да се спомене за тркач?) но ова не беше болка со која се трча. Ми се намали болката и тргнав повторно, кога за стотина метри ме фати грч во пределот околу левото колено, толку неподнослив што морав да застанам и да почекам да се опушти. Одлучивме со Баже да продолжиме со пешачење, кога Баже ми рече: Не те оставам, ќе одам со тебе до крај. Не се опишува чувството кое го имав кога го добив тоа на знаење. Иако, во моментот не му открив на Баже, но планирав трката да ја завршам во Центар, и да се откажам. Сакав само да стигнам до Ирина, која ме чекаше таму, за да не ја известувам по телефон дека сум се откажал. Но болката не ме остави да го направам ни тоа, телото почна буквално да ми се распаѓа од болка. Покрај нас пројде Брза Помош, и добив на ум идеја дека ќе биде добро да ме однесат до Центар, со дисквалфиикација уште во истиот момент. Но додека го размислував тоа, Брзата Помош ја повикаа итно на друг дел од патеката и си отиде. И мило ми е што се случи тоа, иако во тој момент не ми беше, затоа што немав веќе од каде да соберам енергија. Но, продолжив. Во моментот кога ми беше јасно дека уште 2-3 километри ќе ја завршам трката и ќе се откажам, почнав да плачам. Се обидов некако тоа да биде нечујно и да не се види од Баже, но едноставно во такви моменти емоциите не се собираат. Јас, кој тврдам дека имам нескршливо спортско срце, почнав да плачам, а овојпат тоа да не е од среќа. И немав што друго да направам кога сфатив дека еден сон падна во вода. Баже беше тука до мене да ми ја даде братската поддршка и во ваков момент, без да гледа на тоа со исмевање, знаејќи колку ми значи овој финиш. Во меѓувреме, статистика за поминатите 30 километри. Поминати за 3 часа. Односно темпираното време за финиш на маратонот под 4 часа, отприлика ќе се исполнеше, затоа што требаше да имам премин под 3 часа на 30 километри, но земајќи предвид дека 6 километри бев во агонија, и застанав да повраќам, се гледа изгубеното време. Сепак, овие 30 километри за 3 часа, се исто така одлични. Доколку продолжев со трчање, ќе финиширав за 4ч:10мин што е повеќе од одлично. Но иако во моментот ми се врати енергија за трчање, болката, грчевите кои повторно ми се јавуваа, и новите нагони за повраќање, не ми дозволија. Морав да пешачам. Жал ми е за сите оние кои ме бодреа од страните како што поминував, да продолжам да трчам, а не можев да одговорам на тоа. Добивав и коментари од типот „Одење не се брои“, од луѓе кои седеа со пиво во раката под сенка. Зарем јас не сакав да трчам? Но добро.
Стигнавме во Центар некако. Ирина и Бојан ме чекаа тука. Седнав на земја. Ме прашаа Ирина и Бојан дали ќе продолжам. Им реков „да“, иако одговорот беше „не“. Не ме прашувајте зошто. Во тој момент немав никаков план на ум да продолжам да трчам. А не знам ни сам зошто потврдно им одговорив. Околу 33-ти километар, 9 до крајот. Си реков „1/4 патека останува, не е малку, но вреди ли да се откажам од ваков сон, за 9 километри? Ќе ми даде ли Бог сила да се соочам со бул. Јане Сандански во неговото најлошо издание, на вториот маратонски круг?“ Станав, ги фатив Баже и Ирина за рака, и заедно продолживме да одиме по патеката, иако немав сила ни тоа да го правам. Овојпат повторно заплакав. Но овојпат не знам дали беше од среќа или тага. Се сеќавам дека на Рекорд почнав да вриштам колку што ме држи гласот од болка и нервоза. Им реков „Јас тргнувам да трчам“. Баже тргна со мене, трчав до освежителната станица после Собранието, кога ме погоди најфаталната болка во половината. Застанавме повторно. Од тука продолживме со пешачење безмалку до крај, освен тука и таму кога се обидував да пробам дали можам да трчам. Пеколно траеше секој километар. На почетокот на бул. Сандански, ја доживеав најстрашната криза. Застанав и мислам дека веќе ќе почнев и крв да повраќам. Го испразнив целото тело, и ми се случи она од кое се плашев дека ќе се случи ако повраќам, почнав да останувам без здив, кога го замолив Баже кога ќе види Брза Помош или автомобил со дозвола за движење на патеката да дојдат да ме земат, надевајќи се дека тоа ќе биде што побрзо, затоа што стравував од трагична ситуација.
На помош дојдоа две девојки кои случајно беа тука, од кои едната докторка (не официјална од настанот). Повикаа Брза Помош по телефон, а во меѓувреме пројде дечко со дозвола за движење со велосипед, кој исто така отиде да го бара медицинското возило кое беше на крајот на бул. Јане Сандански. Лежев на тротоарот. Баже тука за првпат ми „дозволи“ да се откажам, откако претходно кога и да спомнев такво нешто, ме охрабруваше и не ми дозволуваше на никој начин.
За овде не можам да кажам што беше тоа што ме крена на нозе, освен Божја сила. Станав и почнав со брзи чекори да бегам од местото, велејќи му на Баже, дека кога ќе помине до нас возилото, да не каже дека ние сме го повикале. Си велев во себе „Ова мора да се наплати со финиш и ништо друго..“. Агонијата продолжува, грчот во коленото стана толку силен што почнав да кривам и да одам.. Само што не почнав да лазам по земја..
Стравував дека ќе бидам отстранет од патеката, кога тргнавме назад кон Центар. Некаде пред „Рампа“ чув прекрасни зборови од дечко и девојка од публиката, кои ми помогнаа многу да ги издржам последните помалку од 2км.
Ете ја кривината кај „Рампа“ према Порта. Му велам на Баже: Славата почнува тука, и нема никогаш да заврши. Иако во моментот и не бев сигурен што точно говорам..
Ирина и Бојан му се јавија на Баже, прашувајќи се што се случува толку долго, немајќи на ум што се ми се случи во Аеродром. И двајцата ги сретнавме пред Жена Парк, од каде тргнаа сите тројца овојпат да трчаат со мене, се до Порта, каде немаа дозвола да продолжат. Тука ги поминав со најголемо задоволство во најфаталната состојба што сум ја имал со телото, последните стотина метри. Знам дека и овде вриштев на цел глас. Го бакнав пеколниот асфалт пред да влетам во целта, а откако ја минав, го почуствував тоа што секој маратонец го има почуствувано кога истрчал маратон за првпат (не за џабе, мојот тренер првиот маратон го нарекува „Огнено крштевање“). Се почуствував како да се вратив одново меѓу живите. Легнав веднаш до финиш-линијата, смеејќи се на цел глас, изгубен целосно. Не бев свесен што направив, не бев свесен што се случува. Веројатно не сум ни сега, но чувствувам дека животот од тој момент ми е како сон.