Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Кошарка > Шампиони… КК Вардар М18 дојде до пехарот
Шампиони… КК Вардар М18 дојде до пехарот

Шампиони… КК Вардар М18 дојде до пехарот

Кошаркарите на Вардар се освојувачи на М18 лигата во машка конкуренција за сезоната 2022/2023. Во финалниот натпревар, пред полни трибини во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, по голема, и неизвесна битка до последната минута, беа подобри од Водно Санс.

ВАРДАР – ВОДНО САНС 85:77

Воведните минути од големото финале поминаа во знакот на младите кошаркари на Вардар. Доста брзо избраниците на тренерот Златко Мокров се стекана со сосема солидно водство. Во петтата минута поведоа со (15:8), некоја минута подоцна имаа и слични (20:13).

Но следуваше серија од 11.по ред неодговорени поени на Водно Санс, екипата која на почетокот на вториот период, направи резултатски пресврт, и поведе со (24:20). Повеќе од пет минути „вардарци“ беа без постигнат кош.

А Трајковски, со тројка, го прекина тој „црн период“, и најави дека Вардар не се откажува од титулата. Лукановски го врати својот тим во ново водство (29:28), и донесе период во играта во кој двата финалисти се менуваа во водството.

Уште еднаш, сега во вториот дел од втората четвртина, „вардарци“ се стекнаа со солидни (37:32), нешто потоа имаа и (42:35), за полувремето да заврши со позитивен скор за „црвено-црните“ (42:36). Екипа во која тројца играчи, Иванов, Лукановски и Трајковски имаа по девет реализации.

На другата страна од теренот, Ќириловски изброја до 11, додека Јаничиќ имаше еден поен помалку во тоа прво полувреме.

Вардар беше во „зоната на комфорот“ и на почетокот на третиот дел, односно кога имаа двојно повисока предност од онаа на полувремето (48:36).

Но само до моментот во кој одново „се појави“ Водно Санс. Сега со серија од (10-0), доволно за да се врати „назад во финалето“ (46:48), сето тоа „спакувано“ во само три минути.

Тој напад го одбија Иванов и Најков, за враќање на солидното водство (54:46). На Водно Санс му требаше трет, поентерски, расположен играч покрај Ќириловски и Јаничиќ. За момент во таа улога се појави Димитриев, кој заби за (50:54), нешто потоа и Митев, кој намали на поен негатива (53:54), а Трајанов донесе водство за својот тим (59:57) на истек на третата четвртина.

Имаа кошаркарите на Водно Санс и уште поголема предност (67:62) по три и пол минути игра од четвртиот период.

А потоа, нова, контра-серија на Вардар. Изразена преку реализација на десет поени по ред, за нова промена на водството (72:67). Но и само 4:13 минути до крајот на финалната средба во малата сала на СЦ „Јане Сандански“. Доволни за Водно Санс да се врати уште еднаш. Но, овојпат како да снемаа енергија за такво нешто. Навистина, по поентирањето на Андоновски, дојдоа на -2 (75:77). Но во наредниот напад „одговори“ Иванов, за (79:75).

Димитриев ја врати драматиката во финалето (77:79) и остави 35. секунди за конечното решение, кој ќе биде шампион.

Лукановски, еден од кандидатите за најкорисен играч на финалниот турнир одговори на предизвикот, и со својот 15. поен, го врти својот тим на „два поседи“ предност (81:77). А по нереализираниот обид на Трајанов, играчот со најмногу грешки во претходните минути, Лаковски, со четири поени по ред, му ја донесе титулата на Вардар.