Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Продолжение(10) Историја на АК Вардар- 30 Година од ОДРЖУВАЊЕТО НА УНИВЕРЗИЈАДАТА ВО ЗАГРЕБ`87..пишува: Проф.М.Бошковиќ
Продолжение(10) Историја на  АК Вардар- 30 Година од ОДРЖУВАЊЕТО НА УНИВЕРЗИЈАДАТА ВО ЗАГРЕБ`87..пишува: Проф.М.Бошковиќ

Продолжение(10) Историја на АК Вардар- 30 Година од ОДРЖУВАЊЕТО НА УНИВЕРЗИЈАДАТА ВО ЗАГРЕБ`87..пишува: Проф.М.Бошковиќ

 Денес  продолжуваме со ново продолжение од историјата на атлетскиот клуб Вардар.  На ред е десеттото  продолжение, Професорот Мирослав Бошковиќ во своите пензионерски денови неуморно не води низ историјата на Вардар.

Авторот: Во периодот од 8 до 19 јули 1987 година, во Загреб беше одржана најголемата студентска спортска манифестација во светот, Летната универзијада 1987 година. На овој спортски настан зедоа учевство 6423 спортисти од 122 држави од целиот свет. За успешно завршените подготовки и самото одржување на Универзијадата беше избран Организационен комитет на чело со Јосип Врховец, член на тогашното Претседателство на СФРЈ. Меѓу 12 спортови кои беа застапени на овие игри, централно место и припадна на “кралицата на спортовите.” Игрите ќе ги помниме и по симпатичната маскота Заги.

Заги

Заги

 Можеби нашите читатели ќе помислат дека на оваа спортска манифестација настапиле и претставници од АК “Вардар”. Но веднаш да напомнам дека овој пат ние немавме спортисти во репрезентацијата на Југославија. Единствениот претсатавник во репрезентативниот дрес од Македонија беше нашата рекордерка Марина Михајлова, која настапи во дисциплината седмобој. Сепак, “АК Вардар” имаше претставници, но како избрани судии од Атлетскиот сојуз на Македонија, а на покана од Органзациониот комитет на Универзијадата.

Судиската организација на Македонија беше претставена од Пеповски Миле и Бошковиќ Мирослав. И едниот и другиот беа атлетичари на  Вардар и долгогодишни членови на управата на клубот и  Атлетскиот сојуз на Македонија. Како атлетичар, Пеповски Миле настапуваше во спринтерските дисциплини: 100, 200, 400, 400 м. пречеки, 4х100, 4х400, како и на 800 метри. Беше еден од најуспешните атлетичари во Вардар и Македонија во средината на 60-те години. Во 1966 година, кога одлучи да се повлече од натамошните настапи за екипата на Вардар, Пеповски настапи како член на две штафети на Вардар кои поставија рекорд. Штафетата 4х100 метри во состав: М.Пеповски, М.Михајлов, М.Павасовиќ и М.Буцевски, со резултат 44,4 , постави нов сениорски рекорд на Македонија. Оваа постава постави нов македонски рекорд и во штафетата 4х400 метри, а рекордното време изнесуваше 3:31,0 .

m22

Дел од програмата на отворањето на Универзијадата

 По завршувањето на активната кариера, Пеповски Миле обавуваше повеќе спортски функции во АК “Вардар” и Атлетскиот сојуз. Неколку години ја обавуваше функцијата технички секретар на Атлетскиот сојуз на Македонија, со што даваше голем придонес во функционирањето на овој орган. Откако професионалниот тренер на АК “Вардар”, Ѓорѓи Нечев го напушти клубот, во 1970 година, заедно со Симе Ѓеорѓиевски, беше избран за тренер на Вардар. Неколку години потоа, Пеповски престојуваше на привремена работа во Либија. По враќањето во Скопје, се вклучи во работата  на клубот, како и во органите и телата на Сојузот. Кон крајот на 80-те години беше избран за претседател на Атлетскиот сојуз на Македонија. Во неговиот мандат, Скопје беше организатор на најквалитетната атлетска манифестација на Југославија, сениорскиот Куп.

Миле Пеповски

Миле Пеповски

 Во 90-те години, беше повеќегодишен претседател на Организациониот одбор на меморијалот “Лазо Милошевски”. Може да се каже дека во тие години тој беше еден од оние наши атлетски работници кои никогаш не се плашеа од предизвиците, и секогаш наоѓаше спонзори кои го помагаа одржувањето на меморијалот.

Универзијадата во Загреб ќе ми остане во незаборавно сеќавање како една речиси беспрекорно организирана манифестација. Колку внимание се посветуваше на организацијата на атлетските натпревари, кажува фактот дека ние, како атлетски судии, во Загреб пристигнавме неколку денови пред почетокот на натпреварите. Тие денови беа посветени на подготовките на судиите и функционирањето на техниката. Голем удел во организацијата на игрите, а особено на атлетскиот дел, имаше Артур Такач. По големиот успех со кандидатурата на Белград за Поединечното првенство на Европа во 1962 година,  во 1964 година станува технички директор на Меѓународниот олимписки комитет и член на Организациониот одбор на Олимписките игри во Мексико 1968 година.

Артур Такач

Артур Такач

 Успехот на овие игри го промовираше за технички делегат на олимписките игри 1972 година во Минхен и 1976 година во Монтреал. Извесно време потоа, Такач се враќа во Југославија, каде ги водеше Медитеранските игри во 1979 година во Сплит, а потоа и Зимските олимписки игри во 1974 година во Сараево. Во тие години, Такач беше личен советник на претседателот на МОК,  Хуан Антонио Самаран.

Отварањето на Универзијадата претставуваше вистински спектакл и спектар на безброј бои, кои поврзани со младоста, оставаа незаборавни впечатоци. Покрај најпопуларните естрадни звезди од југословенските републики,  големо внимание привлече и македонската група “Леб и сол”, која предизвика големо внимание на стадионот во Максимир.

Дел од амбиентот на Универзијадата

Дел од амбиентот на Универзијадата

А подготовките на судиите траеа неколку денови. Секој требаше добро да ги запознае своите задачи во текот на атлетските натпревари. Пеповски Миле беше еден од судиите на целта, кои беа сместени на на еден дел од трибината. Јас пак, цело време бев внатре, покрај патеката, каде со останатите судии извршувавме многубројни активности во сите тркачки дисциплини.

Сите судии беа идентично облечени. Панталоните беа плави, маиците беа жолти со кравата, а поради топлото време, имавме и бели шешири. Во случај на дожд, беше предвидено да добиеме и мантили, но во текот на натпреварите тоа не се случи. Почетокот на натпреварите се исчекуваше со посебно возбудување. Откако успешно беше означен стартот на првата дисциплина, натаму се одеше полесно.

Кравата која ја носеа судиите на Универзијадата

Кравата која ја носеа судиите на Универзијадата

Меѓу многубројните атлетичари и атлетичарки кои настапија во квалификациите и финалните трки, настапи и македонската претставничка, Марина Михајлова. Нејзините настапи беа исцрпувачки. Требаше да се минат вкупно седум дисциплини. Како и на сите натпревари на кои учествувала, така и овој пат таа храбро се бореше, не освои медал, но постави нов југословенски и македонски рекорд. Таа, 1987 година, претставуваше најуспешната година во нејзината кариера. Круна на тој извонреден подем беше настапот  на Медитеранските игри во Латакија , Сирија, во 1987 година. Како член на репрезентацијата на поранешна Југославија, во седмобој постигна извонреден резултат и сребрен медал. При тоа, со вкупно 5676 бодови, стана југословенски рекордер, како и рекордер на Република Македонија.

Ова се резултатите што Марина ги постигна при постигнувањето на рекордот во Латакија:

дисциплина 100 пр. височина ѓуле 200 м. далечина копје 800 м.
резултат 14,49  172 11.47 25.40   6,03 40.62 2:16,42
Марина Михајлова Дамчевска како тренер, Баку 2015 година

Марина Михајлова Дамчевска како тренер, Баку 2015 година

 Атлетските натпревари на Универзијадата минаа со многу возбудувања и неколку интересни моменти кои лично ги дожиевав како судија.

Во период на целиот тек на Универзијадата времето беше мошне топло. Повозрасните судии мошне тешко ги поднесуваа овие временски услови. Во текот на една пауза меѓу две трки, таму на централната трибина, забеележав како Артур Такач нешто реагираше и со раката покажуваше кон делот каде беше и мојата позиција. По извесно време, самиот се спушти во близина на судиите. А причината за неговата реакција веднаш ја разбравме. Имено, Такач забележал дека една од судиите беше заспала, па за да не падне, побара од нас да ја разбудиме. За среќа, тоа го направивме за да публиката  не го забележи овој настан.

Најголема радост на публиката на стадионот во Максимир, и приредија спортистите кои трчаа на 800 метри. Со голема подршка на навивачите, Слободанка Чоловиќ го освои златниот медал, при што беше громогласно наградена од публиката.

Слободан Поповиќ (503) освојува златен медал на Универзијадата

Слободан Поповиќ (503) освојува златен медал на Универзијадата

 Голема борба на 800 метри водеше и Слободан Поповиќ. Дури осум атлетичари рамноправно влогоа во последните 100 метри. Тогаш, сите гледачи станаа на нозете да му помогнат на овој извонреден атлетичар да го оствари својот сон. Во незабиравен финиш, кој долго ќе го паметиме, Поповиќ успеа да им избега на своите конкуренти, и во голем стил да го освои златниот медал. Наредното претпладне, одејќи кон стадионот со Миле Пеповски, купивме “Вечерњи лист”. А на насловната страна се појави токму фотографијата на трката на 800 метри. На мое пријатно изненадување, се појави и мојот лик во улога на судија. И еве сега, после 30 години, повторно се навраќам на овој весник и оваа драга фотографија.

Благодарница за придонес на успехот на Универзијадата 87

Благодарница за придонес на успехот на Универзијадата 87

Дојде и последниот натпреварувачки ден и церемонијалот на затворањето на Универзијадата. Се очекуваше завршувањето на последната атлетска дисциплина, маратонот за жени. Исцрпени од високите температури, една по друга, пристигнуваа маратонките. Терминот за церемонијалот на затворањето веќе беше поминат, а трката сеуште траеше. Тогаш, дојде врховниот судија и ни кажа да ги обезбедуваме првите две патеки за да можат преостанатите атлетичарки да влегуваат  во целта. Се појавија учесниците на церемонијалот на завршната свеченост. Ние бевме меѓу втората и третата патека, односно меѓу маратонките и спортистите кои учествуваа во дефилето.

Влезе и последната маратонка. Со тоа заврши и нашата улога на атлетски судии. Се искачив на трибината каде седеа Миле Пеповски и Душко Ангеловски, атлетски тренер и еден од најголемите атлетски работници во Македонија. Во тој момент Душко ми се обрати со зборовите:

Добро Миро! Мислев дека ја познаваш атлетиката, а ти си застанал да им пречиш на спортистите. Па тргни се!

Дури, откако му објаснив, го разбра моето задржување на атлетската патека.

По завршувањето на оваа најголема студентска спортска манифестација во светот, добивме благодарници со ликот симпатичната маскота на Универзијадата 87, “Заги”.

Искуствата кои ги стекнавме како судии на Универзијадата во Загреб, ни овозможија на нас  атлетските работници од АК “Вардар” да бидеме организатори на неколку врвни сојузни и меѓународни атлетски натпревари кои се одржаа во Скопје.

Пишува. Професор Мирослав Бошковиќ
НАРЕДНО ПРОДОЛЖЕНИЕ(11)-МАЧЕВ ИСМАИЛ – “ВЕЛИКАН НА ВАРДАР”