Friday ,19 April 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА НА АК „ВАРДАР„ СО МОМЧИЛО ТРАЈКОВСКИ.. пишува: проф. Мирослав Бошковиќ
ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА НА АК „ВАРДАР„ СО МОМЧИЛО ТРАЈКОВСКИ.. пишува: проф. Мирослав Бошковиќ
Трајковски Момчило е добитник на поголем број медали, дипломи и признанија

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА НА АК „ВАРДАР„ СО МОМЧИЛО ТРАЈКОВСКИ.. пишува: проф. Мирослав Бошковиќ

Ви носиме дел од големата историја на С.Д. Вардар, поточно со неговиот атлетски клуб. На почетокот голема благодарност до авторот кој е  долгогодишен атлетски работник и член на АК Вардар. Станува збор за проф. Мирослав Бошковиќ, кој својте пензионерски денови ги подреди на тоа да создава “мемоари“ за Вардар кој ќе беше жално ако не се запишани и објавени. По подолг период повторно ги користиме неговите неисцрпни податоци. Очекувајте  продолжение со наредните периоди на нови делови од истиот автор на нашиот сајт за  историјата на клубот.

Авторот: Неодамна се сретнав со Момчило Трајковски, еден од најуспешните атлетичари на АК “Вардар”, кој поттикнат од досега објавените статии од историјата на АК “Вардар”, ми достави мошне значајни документи и фотографии, кои се значаен придонес во потсетувањето на 70 – те години на развојот на клубот.

Како и речиси сите наши поафирмирани атлетичари и атлетичарки од АК “Вардар”, така и Трајковски Момчило се истакнал како спортист на средношколските кросеви. Пофалбата која ја добил од Наставничкиот совет на гимназијата “Јосип Броз Тито”, за освоено прво место на есенскиот школски крос во 1968 година, ќе му претставува силен мотив и предизвик , како гимназијалец, да се вклучи во редовите на АК “Вардар”, каде што ќе ги брани боите на клубот од 1968 до 1982 година. За време на тој, релативно долгиот период, Трајковски Момочило со голем успех ќе се нтпреварува пред се во дисциплините  трчање на средни патеки, настапувајќи не само за клубот, туку и за репрезентацијата на Скопје, репрезентацијата на Македонија, Скопската армиска област, како и многубројните кросеви, улични трки, РТВ кросеви, сојузни натпревари, меѓународни натпревари и др.

Првите две години од својата атлетска кариера, Трајковски работеше со тренерот Нечев Ѓорѓи, пранешен бугарски репрезентативец  и рекорд, а потоа успешен тренер и педагог. Со негова помош ги постигна првите успеси во младинска конкуренција, станувајќи еден од најспешните атлетичари на 400 и 800 метри. Во наредните години, работи со тренерот Симе Георгиевски, поранешен успешен атлетичар во клубот.

Трајковски Момчило, Бошковиќ Мирослав и Ацковски Благоја, на военото игралиште

Трајковски Момчило, Бошковиќ Мирослав и Ацковски Благоја, на военото игралиште

Во 1972 година, во организацијата на Сојузот на училишните друштва по физичка култура на град Скопје, беше организиран пролетен крос, на која настапи и екипата на гимназијата на “Јосип Броз Тито”. Како најдобар во својата екипа, Трајковски Момчило даде максимален придонес неговата екипа да го освои првото место.

Во 1972 година, на Градскиот стадион во Скопје се изведуваа градежни работи за поставување на тартан патеката. Затоа, натпреварите се одржуваа на патеката на Воениот стадион, зад западната трибина. Тогаш се одржа второто коло од екипното првенство на Македонија за сениори и сениорки. Трајковски настапи на 800 метри. Најдобар беше Апостолски (ЈНА), со време 2:01,2 ,  второто место му припадна на Трајковски (В)  со време 2:03.2,  а трет беше Стојков (О) со резултата 2:03,8 . На овој натпревар, атлетичарот на Вардар, Јовчевски Раде, во дисциплината 400 м. со пречки, постави нов републички рекорд со време 57,7 секунди, што е за 2 десетинки подобар резултат од Терзиев Петар, поставен во 1968 година.

Со редовноста и сериозноста на тренинзите, во 1973 година, Трајковски Момо прераснува во еден од најдобрите атлетичари во Македонија во дисциплините 400 и 800 метри. Во квалификациите за Купот на Македонија, на 14 мај 1973 година, Трајковски го освои третото место,  зад Аврамовски (Работнички) и Апостолски (Вардар).

Еден интересен настан се случи на овој натпревар, за кој Трајковски ни раскажува:

           Откако претходниот ден, атлетичарот на АК “Работнички”, Ѓорѓи Вучков, истрча убава трка на 10.000 метри, и постави нов национален рекорд, вториот ден настапи и во дисциплината 3000 метри со пречки. Имаше амбиции да постигне солидно време, па можеби и нов македонски рекорд, но веќе на второто скокање  пред водената пречка киксираше, се лизна, падна, се удри  во долниот дел од пречката и се повреди. Но тој беше упорен, не се откажа и на втора позиција ја заврши трката. Ова го искористи младиот вардарец Ангелов Ацо, кој извојува победа пред дотогаш непобедивиот рекордер Ѓорѓи Вучков.

Андоновски Томислав и Трајковски Момчило (втор)

Андоновски Томислав и Трајковски Момчило (втор)

На сениорско првенство на Македонија, одржано на 3 јули 1974 година, Момчило Трајковски стана републички првак на 400 метри со врееме 51,6 . Покрај него, од АК Вардар прваци беа и: Циривири Ѓорѓи на 110 метри пречки, со време 20,4 како и Трајчев Љупчо  во фрлање копје, со резултат 65,88 м и др.

                                                 Трајковски Момчило (лево) на натпревар во Скопје


                                                Трајковски Момчило (лево) на натпревар во Скопје

На 15 и 16 мај 1976 година, се одржаа финалните натпревари на Купот на Макдонија за сениори. Овој натпревар ќе остане запаметен со триумфот на АК “Вардар” со 212 бодови пред АК “Работнички” со 127 бодови. Во дисциплината скок во далечина, вардаровиот атлетичар Тасевски Зоран, скокна 7,15 м., еден сантиметар подобро од поранешниот републички рекорд (7,14 м). И на овој натпревар не изостана придонесот на Трајковски Момчило. На 400 метри беше прв, со време 50,3 , пред Чашуле Илија ( Вардар) со време 50,8) и Карапеев (Партизан, Тетово) со резултат  51,2 . На 800 метри беше втор со разултат 1:57,8 , зад Аврамовски Боро ( Работнички)  со 1:56,5  а пред Веновски Методија (Работнички) со  2:02,8. Со тоа на клубот му донесе 11 бодови.

На овие натпревари, Трајковски настапи и во штафетите 4х100 и 4х400 метри. Двете штафети се пласираа за финалните натпревари на југословенскиот  куп во Целје, Словенија. Штафетата на Вардар 4х100 во Целје ја сочинуваа: Зоран Тасевски, Илија Чашуле, Момчило Трајковски и Ѓорѓи Циривири.  Штафетата 4х400 метри беше составена од следните вардарови натпреварувачи: Зоран Димитровски, Зоран Тасевски, Илија Чашуле и Момчило Трајковски.

Во 1977 година освојува трето место на републичкиот ТВ крос, организиран по повод титовите јубилеи. По повод 30 – годишнината на СД „Вардар„ , во 1977 година, им беа доделени јубилејни плакети на истакнатите членови меѓу кои се најде и името на Трајковски Момчило.

  АК „Вардар„ на зимските подготовки во Дојран

АК „Вардар„ на зимските подготовки во Дојран

Во април месец 1978 година, на  хиподромотдромот во “Маџари”, беше одржан завршниот републички пролетен атлетски ТВ – крос, на кој Трајковски настапи во дисциплината студенти – 1500 метри. Првото место му припадна на Славковиќ Јовица (Економски факултет – Скопје), второто место му припадна на Трајковски Момчило (Економски факултет – Скопје), додека трет беше Методија Веновски (Земјоделски факултет – Скопје).

a5

                Во 1978 година настапи на ТВ кросот во Скопје организиран по повод конгресите на СКМ, СКЈ и ССММ. Трката ја заврши на второто место и доби диплома од организаторот.

Во 1978 година, на атлетската патека, Трајковски бележеше вредни резултати, достигнувајќи го својот зенит во атлетската кариера. На поединечното првенство на Македонија стана победник на 400 метри со време 50,5 и на 800 метри со време 1;57,3 . Покрај тоа, на 400 метри, постигна и личен рекорд од 50,2 . На атлетскиот митинг, одржан на 5 март 1978 година, во трката на 300 метри, Трајковски извојува убедлива победа со време 36,8. Од атлетичарите на АК “Вардар”, голем успех постигна Видмар Марјан, кој победи во дисциплината скок во височина со резултат 190 см, а со тоа постави нов републички рекорд за младинци. Во скок во далечина, Циривири Ѓорѓи беше најдобар со резултат 6,34 метри.

На четворомечот на репрезентациите Македонија – Црна Гора – Косово – Потесна Србија, одржан во 1978 година во Призрен, Трајковски настапи во трката на 400 метри, освојувајќи го првото место.

Јануари месец 1979 година, ќе биде запаметен по два убави настани за Трајковски Момчило. Од страна на членовите на ИО на Атлетскиот сојуз на Македонија беше избран во првите десет најуспешни атлетичари за 1978 година, освојувајќи го 10 место. Најуспешен на оваа ранг листа беше атлетичарот на Вардар, Сокол Сачевски, а шестото место а  му припадна на Љупчо Трајчев, исто така од АК “Вардар”. Сокол Сачевски убедливо го освои првото место, бидејќи претходната година постигна најдобар резултаат во Југославија за помлади јуниори во дисциплината 100 метри, а беше и десетопласиран во ранг-листата на најдобрите спортисти на Македонија за 1978 година.

Како признание за своите успешни настапи, Трајковски беше избран во екипата која беше повикана на зимските подготовки во јануари 1979 година во Стар Дојран. Под раководство на тренерот Симе Георгиев . Од АК “Вардар”, на подготовките учествуваа и овие атлетичари: Сокол Сачевски, Ацо Саздовски, Славе Коколански, Виктор Христовски, Никола Маџаровски и Томе Тасевски.

                Трајковски Момчило и Сачевски Сокол  (стојат), Саздовски Ацо и Мачев Исмаил (долу)

Трајковски Момчило и Сачевски Сокол  (стојат), Саздовски Ацо и Мачев Исмаил (долу)

Во чест на 34 годишнината од ослободувањето на Загреб, заедно со Аврамовски Боро и Славковиќ Јовица, на 7 мај 1979 година, Трајковски Момо настапи за репрезентацијата на Скопје на ноќната трка која се одржа по улиците на главниот град на Хрватска.

          За својата активна и успешна работа за развивањето на атлетиката во Македонија, во 1979 година, Трајковски доби Благодарница од Атлетскиот сојуз на Македонија.

Атлетичарите и раководството на репрезентацијата на Македонија на четворомечот во Призрен

Атлетичарите и раководството на репрезентацијата на Македонија на четворомечот
во Призрен

По завршувањето на студиите на Економскиот факултет во Скопје, Трајковски Момчило во 1980 година заминува на отслужување на военио рок во Струмица. Покрај секојдневните војнички обврски, наоѓа време и за подготовките за претстојните гарнизонски натпревари и натпреварите на Скопската армиска област. На гарнизонскиот натпревар кој се одржал на 25 мај 1980 година, Трајковски се натпреваруваше во повеќе дисциплини:

  • Во дисциплината 400 метра го освоил првото место;
  • Во дисциплината скок во далечина бил трет;
  • Во штафетата 4×100 метри го освоил второто место;
  • Во штафетата 4х400 метри го освоил третото место.

По успешниот настап на гарнизонските натпревари, Трајковски се пласирал во екипата која во периодот од 16 до 23 јуни 1980 година настапила на натпреварите на Скопската армиска област во Охрид. На овие натпревари постигнал две први места во дисциплините 400 метри и во штафетата 4х400 метри. Со тоа стана еден од најуспешните спортисти на Скопската армиска област.

Трајковски Момчило (претпоследен), во екипата на Скопската армиска област

Трајковски Момчило (претпоследен), во екипата на Скопската армиска област

На 11 септември 1980 година, Трајковски доби диплома од Опшинскиот сојуз на организациите за физичка култура – Струмица, за освоено II место на традиционалната ноќна трка по повод ослободувањето на градоот.

Трајковски Момчило е добитник на поголем број медали, дипломи и признанија

Трајковски Момчило е добитник на поголем број медали, дипломи и признанија

Во 1982 година, Трајковски ја заврши својата атлетска кариера, посветувајќи се на својата професионална работа како дипломиран економист.

Пишува> проф. Мирослав Бошковиќ