Македонија е на чекор поблиску до ново учество на Светските првенства, откако славеше убедливо на првиот натпревар во рамките на полуфиналниот баражот за СП. Романија немаше сили за некаков подвиг, па од Скопје замина со висок пораз, изразен со резултат 30:22.
Македонија во текот на целиот натпревар беше во предност, само во поедини моменти од првиот дел противникот се закануваше, кога успеа да го израмни резултатот. Македонија имаше силовит старт, кога поведе со 5:1, па тренерот на романците беше принуден во ран период од натпреварот да бара тајмаут. Романија некако се ослободи од почетниот притисок, заигра подобро, тоа резултираше со израмнување на резултатот (10:10). Кирил Лазаров ги превзема работите во своите раце, додека одличен беше и Филип Талески кој натпреварот го заврши со двоцифрен број на постигнати голови. До крајот на првиот дел, успеавме да ја вратиме предноста, па на одмор да заминеме со солидно водство од 16:13.
Добро го стартувавме и второто полувреме, кога бладодарение на одбраните на Митревски побегнавме на пет гола разлика, но Романија повторно се враќа на натпреварот, намалувајќи на два гола негатива. Бодрени од многубројната публика, како и благодарение на головите на Талески, Македонија успеава со серија на погодоци да поведе со 25:20. Гостите целосно се изгубија во „скопскиот“ пекол, негативата за нив растеше, за на крајот конечниот резултат да гласи 30:22.
Филип Талески го одигра можеби најдобриот натпревар во дресот на Македонија, откако беше најефикасен со 10 постигнати голови. Покрај него по еден погодок имаа Стоилов и Гоце Георгиевски.
Реванш натпреварот на двете репрезентации ќе се одигра во сабота со почеток од 17:00 часот.