Вардар ќе се обиде да стигне до ново учество на завршните турнири во СЕХА-лигата. На сите претходно осум, Вардар беше дел од најдобрите четири екипи, а во пет наврати успеа да го подигне и трофејот и да стане најтрофејниот тим во ова натпреварување. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Нексе, во реванш натпреварот од 1/4 финалето, на кој нашиот шампион ќе стартува со предност од еден гол, остварена на првиот меч одигран во Нашице.
Шефот на стручниот штаб, Стевче Алушовски и голманот Борко Ристовски, за официјалниот сајт на клубот ги споделија очекувањата за вечерашниот натпревар.
„Ова ќе биде многу поразличен натпревар од тој состав што играше во март во Нашице, сега ни недостасуваат неколку важни играчи, а имаме осум нови играчи, Капитенот Стоилов нема да игра поради вирус. Ние ја подигнавме формата во однос на она од Струга и на пријателските дуели со Еурофарм Пелистер и Металург. Имаме предност од 1 гол и тој би требало да ни биде доволен за да се пласираме на Ф4. Спортот се игра за публиката и поразлично е сега. Полошо се чувствуваме кога сме пред празни трибини. Она што го видовме, Нексе е истата екипа од лани. Имаат тројца нови играчи, но костурот е ист, и системот на игра е ист”, истакна Алушовски.
„Пoсле една долга пауза не чека меч што ќе биде нeзгоден. Нема да биде можеби убав натпревар за гледање, таму победивме со еден гол, но тоа ништо не гарантира. Ние сме екипа во создавање, тие се долго време заедно. Не чека тежок меч за играње. Треба да бидеме претпазливи, нема да биде лесно. Ова е прв меч и се ќе биде поразлично. Ако сакаме да ја почнеме сезоната како што сакаме треба да бидеме целосно сконцентрирани на противникот. Тие играат 7 на 6, ќе имам доста работа за одбраната и голманите. Ќе треба доста работи да завршиме, но се зависи од нас. Одбраната досега беше подобар и постабилниот дел од екипата, треба да се подобри уште, но сме квалитетни и сме стабилизирани. Не смее да се промашуваат чистите позиции што досега го имавме. Играчите што сега ги има Вардар знаат како да ја наместат формата”, изјави Ристовски.
Натпреварот ќе стартува од 20:15 часот, а Вардар ќе биде без капитенот, Стојанче Стоилов.