Тимот на Барселона е еден од противниците на РК Вардар во една од најсилните групи во лигата на шампионите. Добро познат состав за црвено-црните, кој го совладавме во полуфиналето на завршниот турнир во Келн, каде Вардар стигна и до Европската титула.
Во новата сезона, каталонците ќе влезат со малку поизменет состав за разлика од минатата сезона. Знаеме дека екипата после четири сезони ја напушти капитенот на Македонија, Кирил Лазаров кој заминува во екипата на Нат, која исто така е дел од групата А, каде се натпреваруваат Вардар и Барселона. Шпанскиот гигант најде замена за Кире, а тоа е репрезентативецот на Словенија, Јуре Доленец кој игра на позицијата десен бек. Доленец последниве неколку сезони настапуваше за тимот на Монпелје. Иако постоеа гласини за промена на средината, тунижанецот, Ваел Жалус се обврза на нов четиригодишен договор со екипата и стави крај на сите шпекулации дека може да замине во друга екипа. Изненадувачки за ракометната јавност беше пензионирањето на Јоан Саубич, кој реши на само 27 години да ја заврши играчката кариера. Клубот најде експресна замена во името на Јанис Лен, кој дојде од екипата на Селестат. После заминувањето на данскиот пикер, Јеспер Нодесбо, Барселона мораше да најде трет пикер кој ќе им прави друштво во новата сезона на Сорандо и Шипжак, а тоа е играчот на Порто, Алексис Ернандез Боргес. Сеуште постои неизвесноста за еден од најдобрите средни бекови во Европа, Арон Палмарсон, кој сигурно од сезоната 2018/19 ќе го носи дресот на Барселона, иако Чави Паскал сака да го обезбеди за почетокот на новата натпреварувачка сезона, каде ќе се обиде да го нападне трофејот од лигата на шампионите, кој е во сопственост на Вардар.
Барселона години наназад доминира во Шпанскиот ракомет и е неприкосновен на врвот. По распаѓањето на Суидар Реал, потоа и Атлетико Мадрид, каталонците немаат големи маки за освојување на сите домашни трофеи, вклучувајќи го првенството и два купа. Останува да видиме дали ќе се почуствува отсуството на Лазаров и Нодесбо во нивната игра, сепак тука се “староседелците„ Ентрериос, Томас, Јиха, Перес Де Варгас, Жалус, Нгесан и други, кои ја прават Барса повторно да биде еден од најголемите фаворити за освојување на најголемото ракометно натпреварување, а тоа е лигата на шампиони. Пред натпреварите од ЛШ, Вардар и Барселона најверојатно ќе се сретнат меѓусебно во полуфиналето на “Супер Глоуб„.