Изминативе три дена се играа натпреварите во машка и женска конкуренција на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов“ за генерации родени 2004/05 година. Денес во спортските сали во Јане Сандански и Кaле се одиграа натпреварите за пласман на завршниот турнир.
Освојувачи на второто издание на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов„ во машка конкуренција е екипата на Рк Бисинов-Вардар од Велес. Во големото финале ја победија екипата на Општина Кисела Вода, со конечен резултат 13:7. На полувреме исто така Бисинов имаше предност од 9:4. Заслужена победа и освоено прво место за оваа екипа, која доминираше во текот на целиот натпревар и имаше постојано водство. Натпреварите во машка конкуренција се играа во спортскиот ракометен центар Кале. Во борбата за третото место се сретнаа екипите на Рк Илинден Вардар и Рк Урдаревски. Овој дуел им припадна на Рк Илинден, кои забележаа триумф со резултат 11:3. По првото полувреме исто така имаа висока предност од 6:2. На крајот вообичаено беа доделени наградите за најдобрите, како и изборот на идеалниот тим на завршниот турнир.
Најдобар стрелец е Андреј Петрушевски од екипата на Рк Илинден-Вардар. Давор Ефтовски од екипата на Академија 1 е најдобар голман, додека Иле Табаков е најдобар играч, кој доаѓа од победничката екипа.
Идеалниот тим го сочинуваат: Лука Грчевски (голман), Давид Трајчевски (лево крило), Благојче Петровски (лев бек), Тадеј Аритонов (среден бек), Христијан Петковски (десен бек), Петар Јолески (десно крило), Борче Кузмановски (пикер).