После шест поминати сезони во дресот на Вардар, Данилл Шишкарев во новата натпреварувачка сезона ќе настапува за екипата на Веспрем.
Шишкарев одигра шест сезони во црвено-црниот дрес и освои голем број на трофеи, како на домашна, така и на меѓународна сцена. Во Лигата на Шампионите успеа да постигне вкупно 194 голови за Вардар. Рускиот репрезентативец дојде од екипата на Чеховски Медведи, додека најуспешната сезона што се однесува до бројот на постигнати голови ја имаше во Вардар, во сезоната 2015/15 запиша вкупно 42 голови.
Врв на неговата играчка кариера се сигурно двете освоени Европски титули и тоа со Вардар во 2017 и 2019 година, додека во СЕХА-лигата успеа на три пати да го подигне трофејот.
На домашната сцена, Шишкарев со Вардар освои пет шампионски титули во Супер лигата, како и четири трофеи во Купот на Македонија и три во Супер Купот на Македонија. Му посакуваме среќа во новата средина, со надеж дека еден ден патиштата повторно ќе му се вкрстат во Скопје и Вардар.