Вечерва со почеток од 19:00 часот во С.Ц. Борис Трајковски екипата на РК Вардар 1961 ќе го одигра својот прв официјален натпревар во новата сезона. Се работи за дуел од Супер Купот против екипата на Еурофарм Пелистер.
Овој натпревар ќе биде и деби на клупата за Веселин Вујовиќ, што се однесува за официјални натпревари, со оглед дека натпреварот против Металург беше во подготвителниот период, еден и единствен во пресрет на вечерашниот натпревар со битолската екипа.
На дело можеме да ги видиме и новите засилувања, со исклучок на Едуардо Гурбиндо кој доби уште неколку дена одмор, со оглед дека беше дел од Олимписките игри во Токио со својата репрезентација. Вујовиќ ќе неможе да смета ниту на голманот Борко Ристовски, затоа во составот треба да ги видиме новите засилувања, Мартин Томовски, Али Сафар, Јан Чувара, Дарко Ѓукиќ, Џереми Тото, Анте Кудуз, Јоел Куни Моралес и Диало Бакари.
Исто така и Еурофарм Пелистер се засилуваше во летниот период. Тука се Обрадовиќ, Секељи, Табоада, Божиќ-Павлетиќ и Кизиќ. Минатата сезона двете екипи одиграа три натпревари, оној во финалето на Купот кое му припадна на Вардар, како и два дуели во Супер Лигата, по една победа за двата тима, но поради подобар меѓусебен дуел, Вардар успеа да се закити со Шампионската титула.
Се работи за големо ривалство на двете екипи, па сигурно е дека вечерва ќе видиме исклучително борбен и неизвесен натпревар. Ние се надеваме на добра игра на нашиот шампион и освојување на првиот трофеј во новата натпреварувачка сезона.
Директен пренос од натпреварот ќе можете да проследите на МРТ 3.