Во наредниов текст можете да прочитате ексклузивно интервју со поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, се работи за Андријана Будимир која “тежи“ две европски титули од лигата на шампиони, со екипата на Кометал и Шлагелсе. Во сезоната 2001/02 станува европски шампион со Кометал, за по две сезони истиот успех да го повтори и со Шлагелсе. Исто така многу трофеи во првенствата каде настапуваше за екипите на Кометал, Подравка, Шлагелсе и Сагунто. Кариерата ја започнува како играч на Осијек, продолжува во Бар, Црвена Ѕвезда и пред да пристигне во Кометал има настапувано и за Напредок од Крушевац. Има забележано и 100 настапи за репрезентацијата на Србија.
Во моментов работи како тренер во младинските категории на ракометниот клуб Вардаар и со деца од нејзината школа РК Будимир, со која се натпреварува во “Јуниор“ лигата. Во следново интервју Будимир ќе не запознае со нејзината ракометна школа, како и нејзиното мислење за проектот наречен “Јуниор лига“.
-Откако завршив со мојата богата играчка кариера по пауза од 4 год (знаете ракометот и спортот воопшто се како “дрога“ и нема одвојување од нив) решив моето огромно искуство од 20 години како професионален ракометен играч да го пренесам на деца кои сакаат ракомет па така решив да отворам своја ракометна школа.
Веќе шестта година функционира ракометната школа Будимир, која ја водат Андријана и нејзиниот помошник Сашо Сотировски. Школата во моментов повеќе од 100 деца и тоа претежно на возраст од 7-14 години.
-Ракометното школо Андријана Будимир е формирано во 2010 год лично од мене и има за задача да тренира и подготвува млади ракометни таленти на ниво на република Македонија.
Во него во моментов членуваат околу 120 деца машки и женски и тоа на возраст од 7 до 14 години. Претежно со тренинзи гравитираме во сали на територија на општина Центар, тренинзи има секој ден од понеделник до петок од 18-21 часот кои ги држам лично јас со мојот помошник тренер Сашо Сотировски.
Проектот “Јуниор“ лига беше препознаен од многу ракометни школи од целава земја, кои со задоволство и радост прифаќаат да бидат дел од вакво натпреварување која има за цел да ги обедини сите ракометни школи.
-Пред две и пол години започнавме соработка со Македонскиот ракометен гигант Р.К. Вардар каде јас со моето школо се прикучив кон нивната ракометна академија која многу ветува и е полн погодок за децата низ цела Македонија кои го сакаат ракометот каде што мислам сега дека брои над 3.000 деца од разни возрасти, а тоа овозможува многу турнири, меѓусебни утакмици и најголемиот проект Јуниор Лига.
Ова е втора сезона за Будимир како главен тренер на пионерите на ракометниот клуб Вардар, со кој има направено добри резултати на меѓународните турнири.
-Пред година ипол соработката со Р.К. Вардар се прошири каде што бев поставена за прв тренер на пионерската селекција (22 деца на возраст од 14-15 год кои се натпреваруваат во официјалната ракометна лига на Македонија) на истоимениот клуб.
Андријана го потенцира големото значење на “Јуниор“ лигата, со која децата стекнуваат навика да играат натпревари секоја недела, со што добиваат на искуство и квалитет кој им служи за понатамошната играчка кариера.
-“Јуниор Лигата“ на Р.К. Вардар има големо влијание врз развојот на ракометот кај младите категории затоа што децата кои се дел од таа Јуниор Лига стекнуваат искуство од тоа што значи тимска игра, натпреварувачки карактер, борба, издржливост итн. Плус како тренер на пионерската селекција на Р.К. Вардар многу ми е полесно да селектирам деца бидејки на едно место ги имам и ги гледам буквално сите деца од цела Македонија.
Ракометната школа Будимир е дебитант во “Јуниор“ лигата со екипи од различна возрасна генерација, во машкиот и женскиот дел на натпреварувањето.
-Оваа година со моето ракометно школо сум дел од таа “Јуниор Лига“ со повеке екипи во различни годишта во машка и во женска конкуренција. Децата се многу задоволни и среќни пред се што се дел од оваа “Јуниор Лига“, имаме неколку победи и по некој пораз. Јас како тренер очекувам нормално високо да се пласираме како во машка така и во женска конкуренција, изјави Андријана Будимир за нашиот сајт.
Звонко Ивановски