Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > ЖРК Вардар со “камата“ му наплати на ФТЦ и како лидер ќе го дочека последното коло од првата групна фаза
ЖРК Вардар со “камата“ му наплати на ФТЦ и како лидер ќе го дочека последното коло од првата групна фаза

ЖРК Вардар со “камата“ му наплати на ФТЦ и како лидер ќе го дочека последното коло од првата групна фаза

Изминатиов викенд се одигра петтото коло во женската лига на шампиони. Во нашата група победи однесоа екипите на Вардар и Лајпциг.

Вардарки на најдобар можен начин го одмаздија оној нерешен резултат во Скопје против ФТЦ Будимпешта, нанесувајќи му висок пораз на противникот на својот терен. Уште од самиот старт најавивме дека сме дојдени да победиме и веднаш се одлепивме резултатски. ФТЦ беше тимот кој постојано “бркаше“ негатива, а Вардар екипата која константно ја зголемуше предноста. Резултатот по првото полувреме навестуваше дека не му се пишува добро на домашниот тим, кога на одмор се замина речиси со двоцифрена предност на црвено-црните од 12:21. На стартот на вториот дел вицешампионот на Унгарија ја намали разликата и за момент се понадева дека може да стори нешто повеќе на овој меч, но ние ја имавме расположената Андреа Лекиќ која на најдобар можен начин се врати во екипата после отсутвото заради повреда. На седум минути пред крај имавме и предност изразена со двоцифрена разлика, која до крајот на мечот се зголеми. Конечниот резултат гласеше 24:37. Лекиќ беше наш најефикасен играч со 7 голови, додека Мавсар и Радичевиќ постигнаа по 6. На спротивната страна се истакнаа Јовановиќ, Пена Абауреа и Снелдер кои постигнаа по 4 голови.

Лајпциг стигна до првите бодови во оваа група, откако на домашен терен беше подобра од екипата на Астраханочка. Тука се играше понеизвесен натпревар, на кој повеќе сили за победата имаше домашниот тим. По првото полувреме ниедна од екипите немаше предност, па на полувреме се замина со нерешен резултат 14:14. Во вториот дел во моментот кога се кршеше резултатот, Лајпциг успеа со серија од неколку погодоци да се одлепи од противникот и на крај да стигне до триумф, изразен со резултат 30:27. Најзаслужа за првите бодови беше Хубингер која постигна 9 голови. Исто толку кај Астраханочка постигна Сабирова.

Вака изгледа табелата пред одигрување на последното коло во првата групна фаза:

1. Вардар  9

2. ФТЦ Будимпешта 7

3. Астраханочка  2

4. Лајпциг  2

Двојки за последното коло во групата Б:

Лајпциг - Вардар  19:11 ( 15:00)

Астраханочка – ФТЦ 20:11 ( 16:00)