Вардар во вториот натпревар на турнирот го победи Чеховски Медведи и се пласираше во финалето на турнирот. Рускиот претставник беше рамноправен противник само во првите 30 минути. Првото полувреме беше доста израмнето со менување на водството на двете страни. Ниедна од двете екипи не успеа да се одлепи на повеќе од два гола разлика. Деревен повторно во свој елемент, го отвори натпреварот со два погодоци. Рускиот претставник брзо ги консолидирашпе своите редови и го презема водството. Се играше гол за гол на двете страни, се до 20 минута кога противникот за прв пат имаше позитива од два гола 10:12. Набрзо Мaнасков израмнува, а потоа и Циндриќ со гол носи предност за Вардар 14:13. Сепак по првото полувреме се замина со нерешен резултат 17:17. Ангелов имаше 4 одбрани, Македа и Деревен постигнаа по 3 голови.
Во вториот дел на голот застана Чаневски и веднаш забележа две одбрани, во контра напад погоди Абутовиќ за негов прв гол. Во 37 минута ја имаме најголемата позитива во своја корист, Дибиров погодува за предност од 22:19. Чаневски на најдобар можен начин ја искористува шансата да застане на голот на Вардар, за 10 минути на теренот имаше веќе 4 успешни интервенции. Карачиќ во контра напад постигнува гол, за најголема предност од пет гола разлика 30:25 во 48 минута од мечот. Абутовиќ повторно во улога на напаѓач, го постигнува својот втор гол за највисоки 32:25. Манасков со својот шести погодок го решава победникот на овој дуел. Лацковиќ во свој препознатлив стил погодува за 36:29 на четири минути до крајот. Конечниот резултат беше 40:32.
Најефикасен беше Манасков со 7 голови.. Тоскиќ и Карачиќ постигнаа по 5 голови. Дибиров и Циндриќ беа стрелци на 4 погодоци. Чаневски одличен на голот со 10 одбрани, од кои еден седмерец.