Полека финишира и седмата сезона на СЕХА-лигата, во која треба да се одигра уште и завршниот турнир на најдобрите четири екипи. Вардар, ППД Загреб, Брест Мешков и Целје ќе се борат за трофејот, а кој ќе биде новиот владател останува да видиме на Ф4 кој во периодот од 13-15-ти април ќе се одигра во С.Ц. Јане Сандански.
Тимот на СЕХА-лигата, направи избор на петте најголеми ѕвезди во лигата за оваа натпреварувачка сезона. Меѓу нив се најде и играчот на Вардар, Лука Циндриќ. Тој е една од најголемите ракометни ѕвезди денес. Најдобриот играч во најдобриот тим во лигата е доволно да го опише него. Средниот бек на црвено-црните е втор најдобар стрелец на тимот веднаш после Тимур Дибиров и на третото место според бројот на асистенции.
Покрај Циндриќ во овој избор се најдоа уште и голманот на Брест Мешков, Иван Пешиќ, потоа средниот бек на Целје П.Л, Жига Млакар, левиот бек на Металург, Халил Јаганац и десното крило на ППД Загреб, Златко Хорват.