Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Црвено-црните “херои“ на Стојан Петрушевски
Црвено-црните “херои“ на Стојан Петрушевски

Црвено-црните “херои“ на Стојан Петрушевски

Момците на Стојан Петрушевски, екипата на Рк Вардар 2 се вистински “хит“ во првата ракометна лига. После четири одиграни кола се наоѓаат на првото место на табелата, со максимални 12 освоени бодови. Многу работи треба да се испишат за овие “златни“ момчиња кои во иднина сигурно дека ќе бидат носители на Македонскиот ракомет и секако Вардар.

Нивниот предводник на клупата Стојан Петрушевски е добро познат на спортската јавност. Многу години е во нашиот црвено-црн колектив како тренерско име. Имаше можност да биде дел од првиот тим на Рк Вардар, како помошен тренер на Веселин Вујовиќ, а кратко време и го предводеше сениорскиот состав на црвено-црните. Работеше и во МРК Вардар како главен предводник од клупата. Последниве неколку години е во младинските категории на клубот и со големи успеси ги водеше сите генерации. Своето ниво го достигнува оваа сезона со Вардар 2, кој се натпреварува во првата ракометна лига. Иако играат против екипи, во кои настапуваат ракометари кои се далеку повозрасни, сепак неговите избраници успешно се справуваат со нив. Полека но сигурно го градеше својот тим, преку играчи со кои е повеќе години. Тука се мисли на капитенот Димовски, Арсеновски и голманот Никола Кизиќ. Неговата филозофија и квалитетна работа исплива на површината. Голем дел од неговите ракометари имаа можност да бидат дел од составот на Раул Гонзалес, минатата сезона во супер-лигата. Секој играч кој доби шанса од Шпанскиот стратег, максимално ја искористи на теренот. Во првиот тим дебитираа Никола Кизиќ, Тоше Ончев, Томи Јагуриновски, Александар Димовски, Стефан Трпчевски и Филип Арсеновски. Сите овие во новата сезона го сочинуваат “костурот“ на црвено-црните во првата лига.

Овој тим минаата сезона беше шампион во младинска конкуренција, освојувајќи го првото место на теренот  на најголемиот конкурент. Вкупно 14 победи, впишаа во сезоната 2014/2015, без ниту еден неуспех. Победничката серија продолжува и оваа година, каде имаат четири победи на стартот во лигата. Силата на екипата ја сочинува бековскиот тандем Ончев-Димовски и Трпчевски, потпомогнати од крилните играчи, Стојковски, Дамчевски, Јагуриновски и Димов. Во одбраната главен збор имаат Анастасовски и Арсеновски, кои го понесуваат најголемиот товар и на пикерската позиција. На голот го имаат одличниот Кизиќ, кој е нерешлива енигма за противниците. Долгиот ростер со кој располага тренерот, му дава можност да има на секоја позиција по најмалку два квалитетни играчи. Тука е замената на голот Виларов, како и организаторот на играта Димковски и Крстевски, пикерот Наумовски и крилата Димитровски и Стошиќ.

Во 5-коло се среќаваат со својот најголем конкурент за првото место, екипата на ХЈС Работник. Претходно забележаа победи против Риниа-М, Тиквеш, Младост и Гостивар. Дали следната сезона ќе гледаме три екипи на Вардар во најсилната супер-лига, оставаме времето да покаже. Како и да е, овие момци заслужуваат големо внимание од клубот, бидејќи од истите во иднина ќе зависат многу работи во првиот тим.