Нашиот ракометен шампион запиша нови бодови во најголемото ракометно натпреварување забележувајќи ја третта победа во лигата на шампиони. Совладана беше екипата на Целје Пивоварна Лашко со резултат 26:32.
Лошо започна натпреварот за Вардарци, кои по пет минути играа имаа негатива од 3:0. Конечно погодуваме преку капитенот Стоилов, кој го “скршува“ мразот. Штербик ја забележува првата одбрана, а црвено-црните полека го фаќаат потребниот ритам и во 11 минута со голот на Карачиќ го израмнуваме резултатот. Стоилов ги одигра сите 30 минути на својата позиција и за кратко време го постигнува својот втор гол. Истовремено Штербик стигнува до својата третта одбрана. Абутовиќ искористува една позиција во нападот и се запишува во листата на стрелци, за прво наше водство од 6:7. Крилото Чупиќ полека влегува во посакуваната форма и зголемува на 6:8. Наместо да поведеме со три гола разлика, домаќинот во два напади успева да постигне гол и да намали на 8:9. Целје успева да ја врати играта од почетокот и со неколку сврзани погодоци, најпрво да израмни а потоа и да поведе со 12:11. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол на двете страни, па на одмор се заминува со нерешен резултат од 15:15.
Вториот дел започнува со одличен гол на Шишкарев за предност од 15:16. Дибиров успева да пресече една топка на противникот и од тешка позиција да погоди за 16:18. Со два последователни голови на Шишкарев црвено-црните имаат највисоки три гола разлика во тие моменти 18:21. Марсениќ во второто полувреме го заменува Стоилов, сврзува два погодоци за веќе предност од 19:23. Одлично играме во овој период, одбраната функционираше на потребното ниво и не дозволувавме на Целје да постигне лесни голови. Одличниот Дибиров погодува за веќе најголеми шест голови разлика 19:25 во 48 минута од мечот. Неколку наши грешки му овозможуваат на Целје да ја преполови нашата предност и да намали на три гола негатива на десет минути пред крајот. Дибиров со својот петти погодок ја прекинува серијата на домаќинот и зголемува на 22:26. Целје за момент намалува на само два гола разлика, но Марсениќ и Кањелас не дозволуваат неизвесна завршница и се одлепуваат повторно на четири гола предност на неколку минути пред крајот. Штербик стигнува до својата десетта одбрана, што му овозможува на Шишкарев да стави крај на мечот. Конечниот резултат е 26:32 во корист на Вардар.
Следен меч за Вардар во лигата на шампиони е домашниот натпревар против Пик Сегед. Пред тоа во среда играме против екипата на Извиѓач во сеха-лигата.