Претстојниве денови активна ќе биде ЕХФ неделата, во која репрезентациите ќе одиграат пријателски натпревари. За нас интересни се селекциите, каде ќе настапат ракометари на Вардар.
Вечерва со почеток од 18 часот во Љубљана, пријателски натпревар ќе одиграат репрезентациите на Словенија и Хрватска. Она што е интересно, ќе биде враќањето во репрезентацијата на Хрватска, на десното крило на Вардар, Иван Чупиќ. Тој беше повикан од новиот селектор, Лино Червар и доби шанса да се врати во националната репрезентација, каде сигурно дека неговото искуство ќе биде од големо значење. “Чупо“ се наоѓа во добра форма и тој ја игра својата втора сезона во црвено-црниот дрес и е единствениот играч кој успеал две години по ред со различни екипи да биде шампион на Европа. Покрај Чупиќ, вечерва кај “коцкестите“ ќе гледаме уште двајца Вардарци. Се работи за Игор Карачиќ и Лука Циндриќ, кои се единствените повикани ракометари, кои треба да настапат на позицијата организатор на играта, или среден бек. Словенија знаеме дека ја предводи поранешниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ кој направи голем успех со оваа селекција, освојувајќи бронзен медал, на последното светско првенство кое се играше во Франција, во кое токму овие две селекции играа во борбата за третото место, каде по голем резултатски пресврт победи Словенија.
За Србија настап ќе има пикерот, Мијајло Марсениќ, каде неговата репрезентација денес и во сабота ќе одигра два контролни натпревари против Австрија, како подготовка за Европското првенство во Хрватска. Од селекторот Цветковиќ беше повикан и Вардаровиот голман, Страхиња Милиќ, кој се здоби со повреда на окото и ќе ги пропушти споменатите натпревари за Србија.