Екипата на Рајн-Некар ќе биде првиот противник на Вардар во 2019 година, што се однесува на мечевите во Лигата на Шампионите. Многу важен дуел за црвено-црните, кои се борат за што повисок пласман во својата група, а со тоа добивање на полесен противник во осминафиналето.
Знаеме дека изминатиов период актуелно е Светското првенство кое се игра во Германија и Данска, кој својот крај ќе го има во недела кога ќе биде познат и новиот светски шампион, но и конечниот пласман на репрезентациите кои влегоа во втората групна фаза. Продолжување на клупските настапи после едно големо натпреварување секогаш претставувало проблем за екипите, кои некомплетни тренираат, а и доцна се комплетираат пред да продолжат следните предизвици. Така, Рајн-Некар и Барселона беа екипите кои даваа најмногу репрезентативци на овој мундијал, па тие и најдоцна ќе се приклучат на своите екипи.
Следниот противник на Вардар, тимот од Манхајм, има дури 11 свои играчи на СП, а најголем дел од нив ќе играат до самиот крај на мундијалот. Во селекцијата на Германија има тројца играчи кои доаѓаат од Рајн-Некар а знаеме дека домаќинот на СП успеа да се пласира во полуфиналето. Тоа се Фет, Колбахер и Грецки. Најмногу има во селекцијата на Шведска, која во сабота ја очекува дуел за петтото место против селекцијата на Хрватска. Голманите Апелгрен, Палицка, како и Нилсен и Толбринг се исто така членови на Рајн-Некар. Менсах-Ларсен со Данска се пласираше во полуфиналето, а селектор на Данска е токму Николај Јакобсен, додека за Шпанија настапува Гедеон Гвардиола. Останатите двајца кои доаѓаа од Рајн-Некар беа Талевски и Радивојевиќ кои порано завршија со настапите на СП, па тие и најрано ќе се приклучат на тимот.
Дали ова ќе биде предност за Вардар, со оглед дека многу порано ќе се комплетира од својот противник во ЛШ, сотанува да видиме на 6.февруари кога е закажан мечот во Германија. Црвено-црните од денес ќе бидат посилни на тренинзите за уште седум нови играчи кои беа дел од СП, а последен на тимот ќе се приклучи Карачиќ.