Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Раул Гонзалес со победа дебитираше, на клупата на Македонската ракометна репрезентација
Раул Гонзалес со победа дебитираше, на клупата на Македонската ракометна репрезентација

Раул Гонзалес со победа дебитираше, на клупата на Македонската ракометна репрезентација

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес со победа стартуваше на клупата на Македонската ракометна репрезентација. Вчера во спортскиот центар Борис Трајковски, Македонија се сретна со селекцијата на Исланд, која ја победи со резултат 30:25.

Противникот имаше подобар старт на натпреварот, каде успеа да поведе со 0:2, но потоа следуваше серија од четири последователни голови за нас, со што успеваме да поведеме со 4:2. Од тој момент па се до крајот на првиот дел, Македонија ниту еднаш не го испушти водството. Во следните 15 минути избраниците на Гонзалес одржуваа предност, која најчесто се движеше од 2-3 гола разлика. Игравме добро во одбраната, додека во нападот бевме предводени од капитенот Кирили Лазаров, кој во првиот дел имаше 7 голови од исто толку обиди. Во 24 минута, Македонија стигнува и до највисоки четири голови предност, но до истекот на првите 30 минути, Исланд успева да ја преполови негативата и на одмор да се замине со резултат 15:13.

И второто полувреме подобро започна за гостинската репрезентација, која по подолго време успева уште еднаш да го израмни резултатот на 16:16. Македонија брзо се врати во водство, па со серија од неколку погодоци повторно се одлепи на три гола разлика. Долго време одржувавме предност, која не беше сигурна за победа, но Македонија имаше целосна контрола на резултатот. Последната сериозна закана за нашето водство беше кога Исланд намали на само еден гол негатива (26:25), но ние до крајот на мечот не дозволивме да примиме ниту еден погодок, а напротив постигнавме четири. На крајот конечениот резултат гласеше 30:25.

Убедливо најефикасен беше капитенот Кирил Лазаров со 11 голови, додека од ракометарите на Вардар, во листата на стрелци се запиша Стојанче Стоилов со 4 голови. Реванш натпреварот со Исланд се игра во недела, во Рејкјавик.

Настап во текот на вчерашниот ден имаа и Страхиња Милиќ, Илија Абутовиќ и Мијајло Марсениќ, кои со Србија успеа да слават на гостувањето во Романија. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 22:23. Србија имаше почетно водство, кое го одржуваше до средината на првото полувреме, кога Романија направи резултатски пресврт и поведе со 7:5 во 19 минута. Во овој момент селекторот на Србија, Јовица Цветковиќ повика тајмаут кој даде резултат. До крајот на првиот дел, Србија прави серија од 9:4 и на полувреме заминува со солидна предност од 9:13. Во едно интересно второ полувреме со многу резултатски пресврти, на крајот Србија се радуваше на победата. Имаа Србите водство од 20:22, кое дозволија да го испуштат со два гола во серија на Романија. Моментот на одлука се случи во последните пет секунди кога Петар Ненадиќ постигна гол и речиси со звукот на сирената донесе голем триумф за неговата репрезентација.

Абутовиќ и Марсениќ не се запишаа во листата на стрелци и играа претежно во одбраната.