Во среда, Вардар го игра последниот натпревар во групната фаза од Лигата на Шампионите. Во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Елверум, натпревар кој нема резултатско значење за Вардар, но не и за шампионот на Норвешка кој се бори за пласман во осмина-финалето и за кој бодовите од овој дуел се неопходни за освојување на 6.место во групата.
Без разлика на конечниот исход од натпреварот, Вардар ќе заврши на петтото место во групата. Во пресрет на дуелот со Елверум свое видување даде Давид Дејвис кој го изјави следново:
-Мора да продолжиме со работа, ќе бидеме петти секако, ама за нас е ова важен меч. Сите играчи сакаат да играат, ние играме дома и мора да напредуваме. Ривалот игра добро на гости. Елверум е добар противник кому му требаат бодови, а за нас е шанса да видиме до каде сме. Мора да играме сигурно и на победа.
Радува враќањето на Гаџа во составот, додека поголема минутажа се очекува да добие и Додиќ на средната бековска позиција.
-Тешко е за мене, имаме доста играчи во ротација. Ќе видиме кој од новајлиите ќе се вклопи во системот. Анте Гаџа се враќа и можеби ќе игра, а Додиќ веќе некое време тренира со нас и ќе настапи со Елверум. Ние гледаме да дојдеме до победата, без разлика кој ќе игра, изјави Дејвис.
Натпреварот во среда се игра со почеток од 20:45 часот во С.Ц. Јане Сандански.