Денес РК Вардар 1961 означи старт на подготовките за пролетниот дел од сезоната. Иако недостасуваат неколкумина играчи поради репрезентативни обврски, сепак екипата на чело со новиот тренер денес го имаше првиот собир во С.Ц. Јане Сандански.
Шпанскиот стратег изјави дека е среќен што повторно е во Вардар и во Скопје, град каде неговото семејство лесно се прилагодува за живот, со оглед дека и во минатото беа дел од клубот.
Среќен сум што се вратив во Вардар. Го познавам јазикот, играчите, семејството добро го знае градот и едноставно ова е како враќање во вториот дом. Тие беа тука многу години и лесно се прилагодуваат. Вардар е одличен тим, има историја, има се. Останувам тука шест месеци, ќе дадам се од себе, па потоа ќе видиме како ќе биде.
Дејвис се надева дека играчите бргу ќе се прилагодат на неговиот систем на работа. Тимот останува во Скопје до одигрување на првите официјални натпревари, кои според сегашниот план би требало на бидат на почетокот на февруари.
„Ќе работам со мојот помошник, но засега имаме доста отсутни кои се со репрезентација. Но, ќе работиме и ќе тренираме. Верувам дека можеме да направиме и подобри резултати. Подготовките ќе бидат малку поразлични, ќе уживаме малку повеќе, но секако ќе работиме многу ракомет. Ќе сакам да го внесам мојот систем и ќе треба вредно и напорно тренирање. Но, ќе има многу ракомет, малку во вежбална и малку трчање. Секако најмногу ракомет. Остануваме цело време во Скопје, изјави Дејвис за официјалната страна на Вардар.