Денес, Вардар го игра решавачкиот натпревар за пласман во осминафиналето. Во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Мотор Запорожје.
И двете екипи ќе влезат ослабени на овој дуел, на кој победата е императив за Европскиот Шампион. Кристопанс и Атман на сред сезона го напуштија Вардар и се преселија во други екипи, што само ги зголеми проблемите за екипата во продолжение од сезоната. За денешниот меч, тренерот Алушовски нема можност за многу ротации па мора да се потпре на расположивите сили. Проблеми пред се имаме на бековската позиција, каде останавме само со тројца играчи, додека нивни замени ќе мораат да бидат играчите од Вардар Јуниор. После заминувањето на Кристопанс до крајот на сезоната сиот товар на десната бековска позиција ќе отпадне на Жозе Де Толедо, кој првиот свој меч во црвено-црните дрес го одигра пред десеттина дена кога загубивме на гостувањето кај екипата на Кил, натпревар на кој доби свои минути само во одбраната, што значи дека се уште го немаме видено во нападот на Европскиот Шампион. По една алтернатива имаме и на средната и левата бековска позиција, каде ќе играат Скубе и Горбок. Скубе сигурно дека е најголем адут на Вардар, не само на овој меч, туку и до крајот на сезоната, додека Горбок оваа сезона не се изнаигра многу, и е далеку од натпреварувачка форма. Но како што напоменавме, Алушовски нема голем избор на играчи посебно на бековската позиција. Алтернативи на среден бек, треба да бидат младиот Карапалевски, додека Кукуловски ќе биде замената за Горбок, а не е познато кој ќе го менува Толедо на десен бек, најверојатно освен бразилецот, тешко дека ќе видиме друг играч на таа позиција на денешниот натпревар.
Мотор Запорожје се наоѓа во потешка ситуација, за кратко време екипата ја напуштија дури четири играчи, интересно сите се преселија во екипата на Спартак Москва. Жуков, Јанима, Киреев и Сорока не се веќе дел од екипата, па ниту Мотор може да се пофали со играчкиот кадар. Тие веќе и ги загубија шансите за пласман во осминафиналето, после поразот од екипата на Брест Мешков во минатото коло, останаа „заковани“ на дното на табелата, каде најверојатно ќе останат и после одигрување на преостанатите три кола.
Првиот меѓусебен дуел на овие две екипи сезонава во ЛШ им припадна на Вардар, кој славеше минимално во Украина со еден гол разлика, тоа беше третта последователна победа за црвено-црните на стартот од сезоната, но после тој меч, Вардар влезе во лоша серија, каде оствари само една победа и нерешен резултат. Многу е нејасно каква ќе биде „судбината“ на Европскиот Шампион, на прес-конференцијата Стоилов најави дека ова може да е последен меч пред своите гледачи во ЛШ, но црвено-црните во тешка ситуација се наоѓаа и минатата сезона кога успеаа да станат Европски Шампиони.
Вечерва се надеваме на полна сала, поддршката е многу потребна за играчите, кои заслужуваат да видат преполна арена. Веруваме во победа на Вардар и пласман во осминафиналето. Мечот ќе стартува од 17:30 часот, сите кои нема да бидат во сала, директен пренос можат да проследат на МРТ.