Sunday ,28 April 2024
Последни:
Home > Slider > Ново „епско“ финале за Вардар, уште добри 60 минути не делат до нова Европска Титула
Ново „епско“ финале за Вардар, уште добри 60 минути не делат до нова Европска Титула

Ново „епско“ финале за Вардар, уште добри 60 минути не делат до нова Европска Титула

Остана само уште еден натпревар, уште само 60 минути до нова историја за Вардар и втора Европска титула. Веспрем ќе биде екипата која денес ќе ни се спротивстави и ќе биде последната пречка за црвено-црните до искачување на врвот.

Вардарци повторно се надминаа на вчерашното полуфинале, имаа големо враќање на дуелот со Барса, која во еден момент се гледаше како финалист. Не мислеше така и нашиот шампион, кој ги одигра најдобрите десет минути сезонава, а се надеваме дека истите завршни ќе ги повтори и во големото финале против Веспрем. Навистина одигравме исцрпувачки дуел со Барселона, која пред стартот на завршниот турнир важеше за најголем фаворит за освојување на трофејот, тимот кој има освоено најмногу Европски титули во историјата на Лигата на Шампионите. Прашање е само колку имавме време за одмор, со оглед дека следеше и анализа на денешниот наш противник, во борбата за Европската титула.

Веспрем вчера го победи Киелце и покажа дека во Келн е дојден по трофејот, нешто што со сонува последните десет и повеќе години, откако унагрскиот тим започна сериозно да вложува во екипата. Од друга страна, Вардар оваа сезона се надмина себе си, ретко кој очекуваше дека ќе стигнат во најдобрите осум екипи, па следеше оној тежок двомеч со Пик Сегед, каде на реваншот во Унгарија се враќавме исто така од голема негатива, покажавме карактер и на тој дуел, се вративме речиси од изгубен двомеч, но Вардар е навистина чудо оваа сезона.

Премногу добро се познаваме со екипата на Веспрем, па не би требало да има некои тактички изненадувања. Голем успех направи и поранешниот помошник на клупата на Вардар, човекот кој заедно со Раул Гонзалез пред две години му донесоа Европска Титула, а денес ќе му се спротивстави на Вардар. Се работи за Давид Дејвис, кој успеа да го издигне Веспрем на едно поголемо ниво, да им наметне победнички менталитет и верба дека можат да стигнат далеку. Тој ќе ги има на располагање искусните Штербик и Наѓ, кои на вчерашното полуфинале со Киелце заработија повреди, па останува да видиме колку се подготвени за настап за денешното финале со Вардар. Од друга страна, Игор Карачиќ се наоѓа во составот на тренерот Парондо, за завршниот дуел во Келн, иако вчера се здоби со повреда, при еден негов постигнат гол, незгодно се лизна, па мораше да биде изнесен од терен. Сепак вардаровиот „моцарт“ ќе стисне заби и ова за него е последен меч во црвено-црниот дрес.

Нема да трошиме повеќе зборови, финале како финале, нема изразити фаворити и нијанси може ќе го решат прашањето за новиот владател на Европа. Кој можеби и ќе биде повеќе среќен, тој на крајот и ќе се радува. Како што напоменавме и во нашата најава за полуфиналето, сигурни сме дека и денес, момците на Парондо ќе дадат и повеќе и максимум, сигурно дека ќе се трудат да го одиграат натпреварот на своите кариери и дека во Скопје ќе го донесат скапоцениот трофеј.

Пренос од денешното финале ќе се емитува на Арена Спорт 1 со почеток од 18:00 часот, а на плоштадот во Скопје ќе биде поставен видео бим, на кој ќе има можност да се проследи големото финале.